Германија: Што ќе донесат изборите во Баварија и Хесен
7 октомври 2023Баварскиот премиер Маркус Зедер на свој начин влегува во салите за време на предизборните кампањи: тој не доаѓа директно на сцената, туку од задниот дел на салата, пробивајќи се низ толпата како боксер кој влегува во рингот и притоа се ракува со што е можно поголем број луѓе.
Зедер повторно го изведе таквото шоу на предизборниот митинг кон крајот на септември во Еберсберг, во близина на Минхен, на почетокот на неговата кампања за реизбор, кој очекува да се случи на парламентарните избори во Баварија в недела (08.10.). Потоа одржа нешто што беше помалку говор, а повеќе 60-минутна рутина: збирка на добро извежбани шеги и коментари на сметка на политичките противници.
Таа ноќ шегите беа на сметка на старите познати „жртви“: климатски активисти, сојузниот социјалдемократски министер за здравство Карл Лаутербах и, се разбира, омилените жртви на конзервативните германски политичари - партијата на Зелените и нивната наводна опсесија со забрани на сите оние нешта кои Баварците најмногу ги љубат: колбаси, слатки и најново, стрелањеволци што ја убиваат стоката на баварските овчари.
Пораката е јасна: Зедер е Баварец до срж, а неговата Христијанско-социјална унија (ЦСУ) е баварска. „Силна ЦСУ значи силна Баварија“, вели и не може да одолее на коментар на сметка на сојузната влада: „И не постои ништо што Берлинповеќе сака од слаба Баварија!“
Верниот гласач на ЦСУ, Јозеф Гец, облечен во традиционална баварска носија, вечерта го коментира ова како ехо на 200-годишното внатрешно-германско ривалство: „На Берлин сме му потребни, но не сака да се слуша нашиот збор“, изјави тој за ДВ. „Затоа никогаш нема да има баварски канцелар!”
„Слободни избирачи”: нови популисти на сцената
Меѓутоа, неодамна Зедер во популистичките игри беше надминат од страна на неговиот коалициски партнер - баварскиот вицепремиер Хуберт Ајвангер, покраински министер за економија и лидер на „Слободните избирачи”, релативно нова партија која се гордее со тоа што фокусот и е на потребите и желбите на граѓаните.
Коалицијата од ЦСУ и „Слободните избирачи” изгледа едноставно на хартија: двете партии малку се разликуваат во однос на идеологијата и политиката; обете се централно-десничарски, социјално конзервативни и економски либерални.
Чувствителен однос кон „Слободните избирачи“
Но, односите станаа побурни по последните регионални избори во Баварија во 2018 година, кога Зедер одлучи да формира коалиција со нив, наместо со Зелените. Од тогаш, самодовербата на Ајвангер порасна. Скандалите околу неговите наводни симпатии за екстремната десница кои датираат од неговите училишни денови и неговата реторика за „враќање на демократијата на народот“ само ја зголемија поддршката од гласачите.
Партиите од левиот центар се традиционално слаби во Баварија. Оваа година Зелените се на слично ниво со Слободните гласачи и десничарската популистичка Алтернатива за Германија со околу 15% од гласовите. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц во Баварија со под 10% котираат уште полошо, а неолибералните Слободни демократи (ФДП), најмалиот член на сојузната коалициска влада, се чини дека ќе претрпат нов регионален пораз и би можеле да паднат дури и под изборниот праг од 5 отсто.
Зедер и неговата ЦСУ, за кои резултат под 35% би бил целосна катастрофа, внимаваат да не им се одлеат уште повеќе гласачи на десницата. Зедер најави дека има намера да ја продолжи соработката со Ајвангер, што може да има смисла како тактика за време на кампањата, но и да биде штетно на долг рок ако така ги охрабри „Слободните избирачи“ да бараат повеќе од три од 15-те министерски места кои моментално ги имаат. Маркус Зедер не сака да биде запаметен како лидерот на ЦСУ кој го прокоцка националното влијание на неговата партија.
Се гласа и во економски силниот Хесен
Северно од Баварија, во Франкфурт на Мајна, најголемиот град во сојузната покраина Хесен, неделава исто така се одржуваат избори. Политичарот од Зелените, Тарек Ал-Вазир, покраински министер за економија, им објаснува на граѓаните што постигнала неговата партија во владината коалиција со ЦДУ од 2014 година до сега.
Владата со седиште во Визбаден нема од што да се срами. Хесен е во самиот врв меѓу 16-те германски сојузни покраини според економските перформанси. Од околу 6,3 милиони жители, секој вработен во 2022 година заработил околу 91 илјада евра, што е најдобар резултат по Хамбург и Баварија.
Економскиот мотор на земјата е Франкфурт каде се наоѓа најголемиот аеродром во Германија. Само таму се вработени околу 81 илјада лица од 90 земји. Во Хесен речиси 17 отсто од граѓаните се со странско потекло, иако постојат големи разлики меѓу градовите и руралните области.
„Ако Муслиманите дојдат на власт“
Тарек Ал-Вазир е роден во Офенбах, како син на Германка и Јеменец. Со своето арапско име, тој доживеал расизам и дискриминација на сопствена кожа за време на својата политичка кариера и тоа и од политичар од коалициската партија ЦДУ. Кон крајот на 1990-тите, претставник на ЦДУ во покраинскиот парламент во Визбаден побара да се залагал за него „ако Муслиманите ја преземат власта“.
„Односите со ЦДУ во меѓувреме се добри“, вели Ал-Вазир, кој е вицепремиер и горд што меѓу граѓаните ужива поголема популарност од самиот премиер на ЦДУ, Борис Рајн. Сепак, Зелените тешко дека може да профитираат од ова.
Берлин „расипувач на забави”
Отежнувачка околност за политичарите на сојузните владејачки партии кои водат кампања во Хесен е тоа што за секој втор гласач, политиката што се води во Берлин на сојузно ниво е поважна при носење одлука за глас отколку каква политика партиите водат на појраинско ниво. Ова произлегува од истражувањето на институтот Инфратест-димап спроведено кон средината на септември според кое ЦДУ на покраинските избори може да очекува околу 30 отсто. СПД, која е во трка со сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, заостанува со 18 проценти. Зелените неодамна загубија многу гласови и се изедначени со АфД со 17 отсто. Либералите го поминаа прагот од пет проценти, аЛевицата веројатно нема да успее во тоа.
Ал-Вазир е лут на Зелените на сојузно ниво и вели дека за него „правилно владеење подразбира да се разговара за проблемите со коалицискиот партнер зад затворени врати и да се наоѓаат решенија. Политичките разлики во мислењата не треба да се изведуваат на отворена сцена. Ваков циркус со мене никогаш не сте доживеале во Хесен“, резигнирано вели тој.
Фезер- лош избор?
Политичарката од СПД, Ненси Фезер, застапена во кабинетот во Берлин како министер за внатрешни работи, ја брани сојузната влада и може да си замисли иста констелација од Социјалдемократи, Зелени и Либерали и за Хесен. Тоа е одличен шлагворт за ЦДУ, која во својата кампања ги користи слоганите „Нема семафори за Хесен“ и „Јасни насоки наместо хаос“ и со кои очигледно може да добие поени. Многумина во СПД во Хесен сега се прашуваат дали не било погрешно да се кандидира Ненси Фезер. Министерката секогаш велеше дека ќе се пресели во Хесен доколку победи на изборите. Но,во моментов и гори во Берлин. Поради миграциската криза во Германија и Европа се зголемува притисокот врз министерката, а голема прашина се дигна и поради обвинувањата дека министерката погрешила со разрешувањето на претседателот на Сојузната служба за информатичка безбедност Арне Шенбом само врз основа на наводи во ТВ емисија кои подоцна се покажаа како неточни.
Борис Рајн на вртелешки
Колку повеќе СПД и Зелените заостануваат во анкетите, толку подобро е расположението во ЦДУ. Борис Рајн премиерското столче го презеде дури пролетта 2022 година од претходникот Фолкер Буфиер кој си поднесе оставка заради годините и од здравствени причини. Рајн важи за конзервативен, но со осет за соработка со противниците. Неговиот најголем проблем во моментов е неговата анонимност. И во предизборната кампања луѓето минуваат покрај него без да го препознаат. Но, тоа не му пречи и тој е во обиколка на покраината и во добро расположение исполнува еден по друг термин. 51-годишниот фотографира селфија со помладите и се вози на вртелешките во луна паркот. Политичарот од ЦДУ е прилично молчалив на прашањето што ќе се случува во владиното седиште во Визбаден по изборите. "Да, добро соработувавме со Зелените изминатите години, но имам добри контакти и со Социјалдемократите од Хесен", вели тој. Рајн единствено категорички исклучува било каква соработка со АфД. Оградувањето од крајната десница во добростоечкиот и конзервативен Хесен и натаму носи плус поени.