1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Избори во Грузија: земја на крстопат

Јури Решето
26 октомври 2024

Денеска, 26 октомври, 2024, во Грузија се избира нов парламент. Изборите се сметаат за клучни за иднината на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ. Јури Решето известува од Тбилиси.

https://p.dw.com/p/4mBuV
Патот кон ЕУ - доминантна тема во кампањата за изборите во Грузија: изборни плакати во Тбилиси
Патот кон ЕУ - доминантна тема во кампањата за изборите во Грузија: изборни плакати во ТбилисиФотографија: GIORGI ARJEVANIDZE/AFP/Getty Images

Главниот град на Грузија, Тбилиси, деновиве е во сина боја. Знамето на ЕУ со нејзините ѕвезди и белата боја на грузиското државно знаме со неговите крстови доминираат на изборните плакати на партиите. Тоа не е ни чудо бидејќи патот на Грузија кон ЕУ е една од главните теми на овие избори. Целта за членство во ЕУ во 2018 година дури беше впишана во Уставот. Стабилно мнозинство од околу осумдесет проценти од населението си посакуваат членство, покажуваат анкетите со години.

Иронија на судбината е дека патот на Грузија кон ЕУ пред пет години го трасираше истата партија на која критичарите денес и префрлаат дека земјата ја оддалечува од ЕУ.  Станува збор за владејачката партија „Грузиски сон“.

 „Да за ЕУ ​​- но достоинствено!“ гласи актуелниот изборен слоган на партијата. „Со достоинство“ треба да значи нешто како „под наши услови“.

Грузија меѓу Европа и Русија

Поранешната советска република Грузија од 1991 година е независна и сега, за прв пат, навистина се наоѓа на крстопат меѓу Европа и Русија, оценува Рената Скарџуте-Кереселиџе од Грузискиот институт за политика во Тбилиси. Во интервју за ДВ, политикологот вели дека „не е само поларизацијата што ја гледаме со години. Актуелната власт се заканува дека целосно ќе ги забрани опозициските партии и ќе ги прогонува независните медиуми и организации“. За Скарџуте-Кереселиџе ова е „навистина загрижувачко“.

Огромно мнозинство Грузијци сакаат да се приклучат на ЕУ: демонстрации во Тбилиси на 20-ти октомври
Огромно мнозинство Грузијци сакаат да се приклучат на ЕУ: демонстрации во Тбилиси на 20-ти октомвриФотографија: VANO SHLAMOV/AFP

Но, дали партијата со такви закани ќе успее да се задржи на власт? По три мандати за ниту една партија не е едноставно да остане на власт бидејќи секогаш по толку долго време има изобилие за критики, посочува политикологот. Промена на власта би била здрава за грузиската демократија, смета таа и посочува дека „и покрај тоа на сите грузиски опозициски партии ќе им биде тешко да остварат убедлива победа на изборите“, бидејќи сите адресираат гласачи луѓе со истата про-европска политика.

Владата поттикнува стравови од војна и од ЛГБТ

Но, што значи формално членство во ЕУ би значело во реалниот живот? Колку ќе биде тешко да се откажат од дел од суверенитетот и да препуштат одредени контроли на ЕУ? Како Грузија ја гарантира слободата на говорот и други човекови права, кои се темелни вредности на ЕУ? Како ќе се почитуваат алтернативни модели на живот и ќе се заштитуваат верските, националните и сексуалните малцинства? Грузија е христијанско-конзервативна земја во која доминира моќната грузиска православна црква, една од најверодостојните институции во земјата. Дали сето тоа оди рака под рака?

И војната во Украина фрла сенка. На изборните плакати на партијата „Грузискиот сон“ пишува „Не за војна и да за мир“. Ова ги иритираше гласачите, бидејќи на плакатите се гледаат фотографии од уништени украински градови и живописни грузиски. Киев безуспешно протестираше за ваквата споредба. Постерите уште се залепени, а нивната порака е јасна - дека само актуелната влада во Тбилиси може да гарантира мир. Сите останати се поддржувачи на застрашувачка „глобална страна во војната“ која носи деструкција.

„Грузискиот сон“ сѐ почесто го користи овој наратив. Нејзиниот основач, поранешниот премиер Бидзина Иванишвили, без двоумење војната и правата на ЛГБТК заедницата ги става во ист кош. Во телевизиско интервју, тој рече дека наводната западна пропаганда за сексуалните малцинства го загрозува грузиското општество. „Глобалната воена партија е многу моќна сила со многу ресурси. Таа го конфронтира светот со ЛГБТК пропаганда, влијае на многу бирократи во земјите во развој", оцени тој и порача дека ако опозицијата се врати на власт, веќе следниот ден ќе има војна во Грузија. 

Скршена Украина, совршена Грузија? Војната како изборна тема на „Грузиски сон“
Скршена Украина, совршена Грузија? Војната како изборна тема на „Грузиски сон“Фотографија: Katharina Schröder/picture alliance/dpa/epa/Scanpix

Закони по рускиот пример

Грузија сè уште се смета за земја во развој, но борбата за т.н. традиционални вредности партијата „Грузиски сон“ ја третира приоритетно, како земјата да нема други грижи. Пред само неколку недели беше донесен анти-квир закон по рускиот пример за наводна заштита на семејните вредности и на малолетниците. Во соседна Русија со години е во сила законот за т.н. геј пропаганда.

Друга паралела е законот за т.н. странски агенти, кој пропишува бара организации кои добиваат одреден дел од средствата за нивно финансирање од странство, да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. И покрај масовните протести, во мај годинава беше усвоен во Парламентот. И тука е евидентен идеолошкиот пресврт кон Русија и оддалечувањето од Европа. Русија во 2012 година донесе сличен закон против наводните странски агенти кои ја загрозуваат работата на медиумите и институциите кои се критички настроени кон власта. Патем, заради законот за агенти беа замрзнати пристапните преговори на Грузија, откако ЕУ ѝ додели на земјата кандидатски статус само шест месеци претходно.

Избори со неизвесен исход

За 28-годишната квир активистка Тамар Јакели од здружението Тбилиси Прајд, властодржците се заинтересирани само да го одвлечат вниманието од сопствените неуспеси. Јакели за ДВ вели дека „владата генерално ја губи поддршката. Во изминатите дванаесет години не и успеа да го исполни ветувањето за социјална држава“. Наместо да го подобри животот на граѓаните, „Грузискиот сон“ сее поделби и омраза, вели таа.

Поделба и омраза: Полицијата се обидува да ги спречи демонстранти да се пресметаат со учесници на ЛГБТК фестивал (јули 2023 година)
Поделба и омраза: Полицијата се обидува да ги спречи демонстранти да се пресметаат со учесници на ЛГБТК фестивал во Тбилиси (јули 2023 година)Фотографија: Zurab Tsertsvadze/AP/picture alliance

Ако ништо не се промени по изборите, таа размислува да ја напушти Грузија - како и многумина други од нејзината генерација. Но, сѐ уште е рано за тоа, бидејќи исходот од изборите е неизвесен, вели Јакели. А што мислат другите? Анкетите деновиве во Грузија се неверодостојни. Некогаш владејачката партија има едвај триесет проценти поддршка, некогаш повеќе од шеесет. Но, многу луѓе на улиците на Тбилиси дефинитивно сакаат нивната земја да влезе во ЕУ што е можно поскоро. „Мислам дека про-ЕУ партиите ќе победат и дека Грузија ќе се врати на европскиот пат“, вели една млада жена на Плоштадот на независноста. „Луѓето веќе бегаат, Грузија наскоро ќе остане празна ако продолжат вака“, вели еден млад човек. „Сите сакаат подобри услови за живот и се надеваат на Европа“, додава тој.

За политикологот Скарџуте-Кереселиџе е јасно дека овие избори ќе бидат и гласање од протест. Многу гласачи се одлучуваат против владата за конечно да бидат поблиску до ЕУ. „Овие избори се избори за долгорочна стабилност и безбедност“, наместо за приближување кон Русија. За сината боја на ЕУ, а не за бело-сино-црвената руска тробојка.