1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Демократија против капитализам

18 јули 2024

Демократите повеќе (а Бајден помалку) може со право да очекуваат поривот за несовршена, издржлива стабилност да надвладее над поривот на традиционалното американско пионерство кон непознатото. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4iReJ
Доналд Трамп и Џо Бајден
Доналд Трамп и Џо Бајден (фото: кандидатите на прва дебата која што се одржа на 27 јуни 2024)Фотографија: Yuri Gripas/abaca/picture alliance

Некаде во втората половина на седумдесеттите години на минатиот век, источниот блок се соочуваше со спонтаниот избор помеѓу комунизмот и социјализмот. Триесетина години подоцна, арапскиот свет беше принуден на избор помеѓу нацијата и религијата. Денес, западниот свет –САД, но и Европа – се соочени со нивниот избор помеѓу капитализмот и демократијата. И се чини дека никој не е сосема сигурен кој победува и кому му се насмевнува божествената Викторија.

Бајден против Трамп, конзервативци против либерали, десница против левица, супремацисти против вокисти, суверенисти против глобалисти, сите такви и слични линии на поделба се надворешни манифестации и дистракции од вистинскиот судир. Заснован на дилемата дали демократијата зависи од капитализмот и дали капитализмот сѐ уште има потреба од демократија. Светот е речиси исклучиво капиталистички клуб, со исклучок на Северна Кореја и Туркменистан, но вклучително Саудиска Арабија и Ватикан. Од друга страна, штом и Северна Кореја се именува себеси како демократска република, останаа само грст монархии како церемонијален плашт врз републиката. Остана ли катче за промовирање на капитализмот како подобар систем од комунизмот? Остана ли банана држава која нема да се претстави како демократија? Остана ли, елем, изговор за која било интервенција од повисоки побуди?

Сосема е логично судирот помеѓу демократијата и капитализмот денес да се одвива во САД, слично како претходно со комунизмот во Русија и судирот со исламизмот во Иран. По сѐ судејќи, и исходот во САД ќе биде сличен, со невозможност да се дефинира кој всушност победи во Москва и Техеран? Дотолку повеќе што трансверзалата на континуитетот на прагмата во двосистемниот избор на Кина стабилно се провлекува од Тиенанмен па сѐ до денес.

Денешниот Трамп не е противник, туку е дел на системот

Очигледно е веќе дека овој Трамп од 2024 не е истиот од 2016 година. Доколку Трамп 2016 беше оската на трампизмот или МАГА како нова идеологија, денешниот Трамп е само – Трамп, на бранот на желбата за одмазда. Некогашниот наратив беше базиран врз исламофобија, анти-емиграција, расни поделби, судир со ЕУ и гнев против Кина, денешниот наратив е моделиран повеќе на надворешнополитички отколку внатрешнополитички прашања. За Трамп како спасител од Трета светска војна. За Трамп како претставник на семејните вредности. За Трамп како борец против имиграцијата во Европа повеќе отколку во САД. Во име на Трамп, светиот крстоносец против глобализмот, а е всушност икона на глобалистичката десница.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Симпатизерите не сакаат да слушнат, а противниците претпочитаат да не се зборува дека во реалноста денешниот Трамп не е противник, туку дел на системот. Зошто? Бидејќи во меѓувреме Трамп разбра дека добар дел од Латионамериканците се спремни да го поддржат. Дека проблемот со исламот се сиромашните муслимани, но никако не и богатите шеици и Реџеп Таип. Дека и хомосексуалците се дел од семејните вредности, а глобализмот не е толку лош, доколку тој е во неговиот епицентар. Но проблемот во тоа приклонување кон реал-политиката е што во основа Доналд Трамп има дијагноза за сите проблеми и лек за ниеден од нив. По таа линија на размислување, доколку неговото прво претседателство беше ноќен кошмар во надворешната политика и слатко сонување во домашната, нема сомнеж дека во вториот мандат ќе следат мамурни, болни будења во ноќни кошмари подеднакво морничави за светот и за самите САД.

Бајден се соочува со иронијата на судбината

Неговиот противник, Џозеф Бајден, може да се пофали со добар листинг постигнувања, обезбедени не секогаш на начин кој заслужува аплаузи. Инфлацијата е навистина алармантна, а сепак економијата на САД бележи рекордни успеси и покрај сите пандемиски реперкусии. Степенот на криминал е во постојан тренд на опаѓање, замешаноста во странски конфликти на историски најниско ниво. Реално, Бајден има со што да се пофали. Доколку имаше способности  тоа да го пренесе до Американците на разбирлив и течен начин. Поради што, Бајден се соочува со иронијата на судбината – онаа со живот исполнет со успеси и постигнувања, но со лик и возраст кој не влева надеж и оптимизам за иднината. Која сепак треба допрва да се решава во август на демократската конвенција. Можеби последната и најзначајна победа на Бајден ќе биде онаа на прифаќање на нов кандидат на Демократите со елан и свежина која нема да го спори животното дело на Џо, но ќе ја обесмисли појавата на Трамп. 

Карикатура | Доналд Трамп е повреден од истрел, Џо Бајден има Ковид
Доналд Трамп е повреден од истрел, Џо Бајден има КовидФотографија: DW

Значењето на Џ.Д. Венс

Обидот за убиство на Трамп е за секоја осуда, како поради обидот за одземање на нечиј живот, така и според контраефектот кој го предизвика. Убиствата на Линколн, Кенеди, обидот против Реган, не ги спречија процесите на системот. Таквите насилни атаки имаат ефект врз помали, но никогаш врз големи држави со однапред детерминирани системи. Интересен е затоа изборот на Џ.Д. Венс за потпретседател на Трамп, со кој Републиканците очигледно ја трасираат стратегијата за изборите 2028 година. Притоа, популарноста на Трамп обезбедена преку верната евангелистичка база е дополнително засилена со младиот католик Венс, вклучително и неговото потекло од „белата провинција“ од срцевината на Америка.

Плановите се едно, но еволуцијата е нешто друго и незаинтересирано за штапските планери. Денешната американска сцена е производ на процес започнат во раните осумдесетти, кога одредени млади републиканци (како Карл Рове) ја открија дотогаш неискористената база на бели, евенгелистички, конзервативни Американци незаинтересирани за избори. Роналд Реган беше претпазлив кон користењето на таквите екстра-гласови и претпочиташе да се потпре врз социјалниот конзервативизам и класичните републикански идеали. Од друга страна, младиот Џорџ Буш беше првиот кој ги искористи плодовите на неоконзервативната, евенгелистичка револуција, барем во првиот мандат. За да целосниот, масивен и судбински пробој на евангелизмот се случи во времето на Трамп, новиот светец на религиозната десница, речиси пресликан од библиската поука дека „од грешници се стројат најдобри верници”.

„Долгата игра“ на новите генерации

Но во сенка на тој подем, во Америка се одвива зачетокот на нов тренд. Денес, најбрзо и најмасовно растечки тренд во подем во САД е оној на Генерацијата Икс и Милениумците, кои се повеќе се критични кон капитализмот како фактор на растечката нееднаквост. Нивниот прв наплив во политиката и драматично влијание врз Демократската партија се одвиваше преку Берни Сандерс. Но токму нивната согласност да го прифатат Бајден (како помало зло) укажува дека овие две групации не подлежат на хипер идеалистички хипи-еуфории како нивните родители, туку се спремни да ја играат „долгата игра” на ист начин како и Републиканците со евангелистите. Игра чии капитални ефекти ќе се осетат не на овие, туку следните избори во САД.

САД избори
Најбрзо и најмасовно растечки тренд во подем во САД е оној на Генерацијата Икс и МилениумцитеФотографија: Kristopher Radder/The Brattleboro Reformer/AP/picture alliance

Капитализмот е нужно зло кое овозможува постојан напредок на благосостојбата, а со тоа и одржливоста на демократските институции. Демократијата, пак, е здодевна „мува зунзара“ за капитализмот во поголемиот дел од времето, но во моментите на криза – како финансиската од 2008-та – токму демократијата го спасува капитализмот од поривот да се прождере себеси. Но кревкоста, како на односите, така и самостојноста на капитализмот и демократијата во САД, денес се определени од начинот на кој се експлоатираат или презентираат во политичкиот дискурс.

Денешниот лик на демократијата во САД не се ликови како Клинтон, Сандерс, Видал или Ал Гор, туку тоа е ликот на менхетен-воук-либерализмот Алекс Сорос, син на капиталист со нула искуство од реалниот живот. Денешниот лик на капитализмот во САД не се ликови како Ворен Бафет, Ли Иакока, дури не и браќата Кох, туку тоа е политички опортунист како Ричард Гренел, лик со нула искуство од реалниот живот. Всушност, Сорос и Гренел се маркетинг демократи и маркетинг капиталисти, примери на имитацијата на демократијата и капитализмот кои опстојуваат како пијавици закачени врз животните искуства на Бајден или Трамп, но без капацитет или идеја како да помогнат кон цементирање или зајакнување на двата идеолошки концепта. Времињата се менуваат, технологиите на комуникација исто така, спин-машинериите се усовршуваат. Но предиспозицијата на луѓето сопствената доверба кон понудата да ја засноваат врз искуството, прегорот, пожртвуваноста, истрајноста, тврдоглавоста и страста на понудените кандидати – сепак останува капитално непроменлив фактор во носењето финална одлука. На извесен начин, Бајден и Трамп се последните изданоци на една генерација во заминување, предизвикувајќи подеднакво восхит поради нивните животни искуства и страв од неизвесноста која следи по нив.

Како ќе биде финалниот исход, кој ќе победи? Она што е евидентно е дека ниту обидите за атентати ниту изборот на демократски кандидати, нема да ја промени длабоката поларизација во САД. Тој што е за Трамп, нема можност да го разубедите. Истото, но уште повеќе, важи за оние кои ќе прифатат кој било демократ, само да се спречи Трамп. Но доколку во 2016 година добар дел од гласовите за Трамп беа диктирани од желбата за промени, одмазда за „годините на Барак“ и феноменот на социјални мрежи, Американците денес се сепак поприземни во однос на понудите, порезистентни кон ексцесните политики, кон лажните вести и пореални во барањата и очекувањата од сопствените кандидати. Тоа е причината зошто сепак Демократите повеќе (а Бајден помалку) може со право да очекуваат поривот за несовршена, издржлива стабилност да надвладее над поривот на традиционалното американско пионерство кон непознатото.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач