Познатиот бугарски политички научник, Иван Крастев, неодамна во текст за магазинот „Форин полиси“ малку вознемирувачки пишува: „Живееме во талогот на времето. Впечатокот на пропаст е заеднички низ политичкиот спектар. Демократската политика на Западот се претвори во судир меѓу два бунта против изумирањето и две носталгии: бунтот за изумирањето, кој го водат климатските активисти, во стравот дека доколку радикално не го промениме нашиот начин на живот ќе го уништиме животот на Земјата; и бунтот против изумирањето во ‘големата замена’, кој го води десницата, уплашена доколку нешто не се промени ова ќе биде крај на нашиот начин на живот. Десницата чувствува носталгија за минатото. Левица е носталгична за изгубената иднина. Иако тие радикално се разликуваат во нивните цели, тие споделуваат апокалиптична имагинација“.
Овие размислувања на Крастев се дел од неговата анализа на книгата на професорот на Лондонската школа за економија, Џонатан Вајт - „На долги патеки: Иднината како политичка идеја“.
Според Вајт, демократијата е темпорален режим и „отворената иднина“ - која не е однапред одредена, туку обликувана од човечко дејство - е предуслов за успешно функционирање на демократските режими. Според него, „кога се чини дека иднината се приближува, институциите организирани околу идејата за постојано несогласување и преиспитување почнуваат да изгледаат несоодветно“. Спротивно на тоа, главната карактеристика на нашата „вонредна состојба “ е тоа што нема простор за грешка. Ако одредени одлуки не се донесат денеска, веќе не е важно дали ќе бидат донесени утре. Ќе биде предоцна.
Како за кого. За некои одлуките што ќе бидат донесени утре, ќе бидат многу важни, особено за зголемувањето на нивните богатства. На тие екстремни богаташи премногу демократија дури станува и пречка за развојот. Нивниот развој.
За момент да ги заборавиме европските избори кои почнаа во четвртокот и ќе траат до недела и на кои Европа се движи кон својот „Трамп момент“ со нормализирањето на успехот на радикалната десница и можното преструктуирање и пренасочување на континентот. Да го видиме она што се случува во оригиналот – во САД, каде група мултимилијардери предано работи на реинсталирање на Доналд Трамп во Белата куќа.
Зошто мултимилијардери работат на враќањето на Трамп во Белата куќа и дали со тоа може да биде доведена во опасност американската демократија пред некој ден пишуваше професорот по јавна политика на универзитетот Беркли од Калифорнија, Роберт Рајх, кој на времето беше министер за труд на Бил Клинтон.
Кого покани Илон Маск на вечера?
Еве дел од неговата анализа која е прилично поучна за улогата на големиот бизнис во креирањето на политиките и крстоносната војна против Џо Бајден.
На почетокот на април Илон Маск и претприемачот и инвеститор Дејвид Сакс наводно одржале тајна вечера на милијардери и милионери во Холивуд со единствена цел: да се победи Џо Бајден и повторно да се инсталира Доналд Трамп во Белата куќа.
На листата на гостите биле милијардерите Питер Тил, Руперт Мардок, Мајкл Милкен и Стивен Мнучин, секретарот за финансии на Трамп. Имало и некои помалку политички активни титани на индустријата, како што е коосновачот на Убер и поранешен ЦЕО Тревис Каланик. Сите беа таму како членови на растечкиот труст на мозоци против Бајден, обединети во заедничко чувство дека е доста од претседателот на демократите.
Во меѓувреме, Маск ја зголемува јачината и зачестеноста на неговите харанги против Бајден на Твитер/Икс, платформата што ја поседува.
Според анализата на „Њујорк тајмс“, Маск оваа година во просек објавувал за претседателот најмалку седум пати месечно. Тој го критикуваше Бајден за прашања кои се движат од возраста на Бајден до неговата политика за здравство и имиграција, нарекувајќи го Бајден „трагичен фронт на екстремната лева политичка машина“.
Анализата на „Тајмс“ покажа дека во истиот временски период Маск објавил повеќе од 20 пати во корист на Трамп, тврдејќи дека кривичните случаи со кои сега се соочува поранешниот претседател се резултат на пристрасност на медиумите и на обвинителството.
Маск има 184 милиони следбеници на Икс, а бидејќи ја поседува платформата, тој може да манипулира со алгоритмот за да го максимизира бројот на луѓе кои ги гледаат неговите објави.
Ниту еден друг лидер на фирма за социјални медиуми не отишол толку далеку како Маск во поддршката на авторитарни лидери ширум светот. Покрај Трамп, Маск ја искористи својата платформа за поддршка на Индиецот Нарендра Моди, Аргентинецот Хавиер Милеи и Бразилецот Жаир Болсонаро.
Тоа е дел од деловните интереси на Маск. Во Индија тој обезбеди пониски увозни тарифи за возилата на „Тесла“. Во Бразил, тој отвори голем нов пазар за Старлинк, сателитската интернет услуга на SpaceX. Во Аргентина, тој го зацврсти пристапот до литиумот, минералот најклучен за батериите на „Тесла“.
Рајх вели дек се случува нешто подлабоко од наклонетоста кон републиканците. Маск, Тил, Мардок и нивните другари водат движење против демократијата.
Питер Тил, милијардерот технолошки финансиер, еднаш напиша: „Веќе не верувам дека слободата и демократијата се компатибилни“.
„Ако слободата не е компатибилна со демократијата, со што е таа?, прашува Рајх.
Тил донираше 15 милиони долари за успешната републиканска сенаторска кампања на Џ.Д. Венс, која тврдеше дека изборите во 2020 година биле украдени и дека имиграциската политика на Бајден значела „повеќе демократски гласачи да се слеваат во оваа земја“. (Венс сега е високо на листата на потпретседателски кандидати на Трамп.)
Парите од милијардерите сега се слеваат на изборите во 2024 година. Само 50 семејства веќе инјектирале повеќе од 600 милиони долари во изборниот циклус во 2024 година, според новиот извештај на „Американците за даночна правичност“. Поголемиот дел од ова оди на Републиканската партија на Трамп.
Трамп неодамна побара од група врвни нафтени директори да соберат 1 милијарда долари за неговата кампања, наводно ветувајќи дека доколку биде избран веднаш ќе поништи десетици правила за животна средина и политики за зелена енергија усвоени од Бајден. Трамп рече дека ова ќе биде „договор“ за нафтените директори што ќе избегнат оданочување и регулација на нивната индустрија.
Говорејќи од конференцијата на Светскиот економски форум минатиот јануари во Давос Џејми Дајмон – претседавач и извршен директор на Морган чејз, најголемата и најпрофитабилната банка во Соединетите Држави и еден од највлијателните извршни директори во светот – упати многу пофалби за политиките на Трамп додека беше претседател. „Направете чекор назад, бидете искрени“, рече Дајмон. Трамп „добро ја зголеми економијата. Даночната реформа успеа“.
Прилично лажни факти, дури и од директорот на Морган Џејз. За време на Бајден, економијата досега отвори 15 милиони работни места. За време на Трамп, економијата загуби 2,9 милиони работни места, дури и пред да почне корона пандемијата.
„Ако сакаме да го чуваме она што остана од нашата слобода, мора да се спротивставиме на антидемократското движење со храбро продемократско движење кое ги штити институциите на самоуправата од олигарсите како Маск и Тил и неофашистите како Трамп“, вели Рајх.
Дали е ова претерано што го пишува Роберт Рајх?
Дали, пак, демократијата, како што пишува во својата книга Вајт, функционира така што го прикажува она што е нормално како катастрофално, притоа ветувајќи дека сите кризи се надминуваат, а со тоа ја прикажува катастрофата како нормална. Демократската политика функционира како сесија на национална терапија, каде гласачите се соочуваат со своите најлоши кошмари – уште една војна, демографски колапс, економска криза, еколошки хорор – но се убедени дека имаат моќ да спречат уништување. Со други зборови, демократската политика е невозможна без постојана осцилација помеѓу прекумерната драматизација и тривијализирање на проблемите со кои се соочуваме. Изборите ја губат својата моќ кога не успеваат да нѐ убедат дека се соочуваме со невидена криза и дека во наша моќ е да ја спречиме.
Кога Бајден го цитира Реган
Некогаш одовде ни изгледа патетично и претерано кога од Бајден и другите либерални политичари во САД слушаме дека американската демократија е нападната и треба огромен заеднички напор да не се поткопаат нејзините темели како што беше страшниот настан на Капитолот на 6 јануари.
Бајден го искористи и извонредниот настан, одбележувањето на 80-те години од истоварувањето на сојузниците во Нормандија на Денот Д, кое значеше пресврт во војната на европското тло, за да предупреди на тоа дека треба да се вложат сите сили за да се зачува демократијата.
Во својот говор во четвртокот, Бајден повлече директни паралели меѓу нацистичка Германија и заканите со кои се соочуваат западните демократии денес. Тој го заврши своето обраќање со метафоричен повик на оружје против силите на тиранијата кои им се закануваат на западните демократии.
„Историјата ни кажува дека слободата не е бесплатна. Ако сакате да ја знаете цената на слободата, дојдете овде во Нормандија“, рече Бајден од Американските гробишта во Колевил-сур-Мер.
Тој продолжи:
„Живееме во време кога демократијата е повеќе загрозена ширум светот од која било точка од крајот на Втората светска војна. Во нивниот пресуден час сојузничките сили на Денот Д ја извршија својата должност. Сега прашањето за нас е, во нашиот пресуден час, дали ќе ја извршиме нашата должност?“
Бајден постојано зборува дека прифаќањето од страна на Трамп на авторитарните лидери - вклучително и рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот Ким Јонг Ун - се закана за демократијата.
Во еден исклучителен парадокс на времето и извонредно потенцирање на променетите размислувања, особено во Републиканската партија, Бајден во обраќањето во Нормандија се наврати на еден од најпознатите претседателски говори некогаш одржани, говорот на Роналд Реган по повод 40-годишнината од Денот Д.
Бајден во петокот како и Роналд Реган во 1984 година отиде на карпата висока 100 стапки позната како Поан ду Хок, која беше цел на смел напад на ренџерите на американската армија на Денот Д. И покрај големите загуби, ренџерите ги освоија германските артилериски позиции.
Реган тогаш застана пред камениот споменик обликуван во амблемот на ренџерите, опкружен со преживеаните ветерани од десантот и имаше едно восхитувачко обраќање. „Ова се момчињата на Поан ду Хок. Ова се луѓето кои ги освоија карпите. Ова се шампионите кои помогнаа да се ослободи еден континент. Тоа се хероите кои помогнаа да се стави крај на војната“, рече Реган. Подоцна во својот дневник призна дека бил толку трогнат што било тешко да ги извлече зборовите.
Говорот дојде во особено спорниот момент во Студената војна со високи тензии меѓу Вашингтон и Советскиот Сојуз. Но, бистриот повик на Реган за слобода можеби имаше влијание.
„Ние во Америка научивме горчливи лекции од двете светски војни: Подобро е да се биде тука подготвени да го заштитиме мирот, отколку слепи да се засолниме преку морето, брзајќи да одговориме само откако ќе се изгуби слободата“, рече Реган. „Научивме дека изолационизмот никогаш не бил и нема да биде прифатлив одговор на тиранските влади со експанзионистичка намера“.
Тој продолжи: „Денес сме врзани со она што нè врзуваше пред 40 години, истите лојалности, традиции и верувања. Ние сме обврзани со реалноста. Силата на американските сојузници е од витално значење за Соединетите Држави, а американската безбедносна гаранција е од суштинско значење за континуираната слобода на европските демократии. Бевме со вас тогаш; ние сме со вас сега. Вашите надежи се наши надежи, а вашата судбина е нашата судбина“.
Тоа беше во 1984 година, во пикот на Студената војна, кога советското царство полека ја губеше моќта. Ова беа зборови на шампионот на неолиберализмот. Демократијата тогаш изгледаше како систем за кој нема алтернатива за напредок на општествата. Во 2024 година тоа не е така.
Во цела Европа радикалната десница е во пораст. Изборите за Европскиот парламент оваа недела ќе откријат колку.
На континентот кој се гордееше со тоа што ги победи духовите на Хитлер, Мусолини и Франко, повторното појавување на радикалната десница како политичка сила доаѓа како шок. Радикалната десница не е униформирана во своите политики, но има нешто што ја обединува. Тоа е етничката национална држава, непријателството кон мигрантите, особено ако се муслимани, скептицизмот кон наднационалните организации како ЕУ, Обединетите нациите, а во некои случаи и НАТО.
Во 2000 година, кога Јерг Хајдер, лидерот на крајнодесничарската Партија на слободата влезе во владата на Австрија, Европа воспостави санитарен кордон спрема земјата. Австрија беше дипломатски изолирана со месеци. Сега тоа изгледа неверојатно и невозможно. Санитарниот кордон е урнат. Партиите на радикалната десница се на власт или ја поддржуваат владата во седум од 27 земји на ЕУ. Демократијата навистина е под удар. Колку ќе може да биде отпорна ќе видиме по европските избори в недела. Успехот на оние што не ги претпочитаат демократските вредности потоа од ЕУ ќе се шири во концентрични кругови и во нејзиното соседство.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.