1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАргентина

Крајот на перонизмот и новата Аргентина на „лудиот“ Милеи

24 ноември 2023

Милеи можеби со еден потег го уништи перонизмот и старата политика, но ќе му треба многу повеќе од само долари и антикомунизам за да изгради една „нова Аргентина“. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4ZO8z
Аргентина Хавиер МИлеи
Со фризура ала Мик Џегер, однесување на Борис Џонсон и идеи на Трамп, Хавиер Милеи е инкарнација на „Алт-рајт“ во Јужна АмерикаФотографија: Tomas Cuesta/Getty Images

„El loco“ или лудиот анархо-капиталист Хавиер Милеи е новиот претседател на Аргентина. Неочекуваната, но широка победа ќе му дозволи на лидерот на екстремната десница релативно слободно да ја режира внатрешната и надворешна реалност на земјата. Со фризура ала Мик Џегер, однесување на Борис Џонсон и идеи на Трамп, Милеи е инкарнација на „Алт-рајт“ во Јужна Америка, каде без никаков новитет во политичката понуда се наметна на сцената како тотална новина.

Сака да ја доларизира аргентиската економија, радикално да приватизира, да ја сосече до корен јавната потрошувачка и да ги намали министерствата на само 12. Против абортусот е, во земја која водеше историска борба за негова легализација, но е благонаклонет кон либерализација на пазарот на органи: ако постои побарувачка - постои пазар.

Избор на непознатото

Освојувајќи 55% од гласовите Милеи го доближи аргентиското политичко и изборно искуство до европското. Никаде веќе не постојат корени. Милеи го повторува тоа што се случи во Франција со Макрон, па и во Италија, прво со Грило, а потоа и со Мелони. Без партиски апарат и поддршка во позадина, во рок од 4-5 години силна медиумска изложеност, стига да ја води земјата. Од 1985-та до денес, политичката рамка на Аргентина беше поприлично јасна. Постоеше перонизмот, со своите левичарски и десничарски варијанти и деклинации, и радикализмот, кој денес е станат централна десница. Милеи ја скрши таа шема и нагло се наметна како трета сила која излезе од логиките на општествените и партиските блокови и која им се обрати на сите Аргентинци. Неговата порака беше прилично едноставна: Доаѓаме од 70 години распад и декаденција како последица на перонизмот, но со ултралиберализам и либертаријанство ќе се извлечеме од кашата. Дојде живот! Или едно општество за сите! Како и да е, измачените и осиромашени Аргентинци наместо да одат по стариот и добро познат пат, го одбраа непознатото, полно со елементи на фантазија и кое најчесто води кон лажна надеж и горки илузии.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Во позадина на сѐ ова евидентно е отфрлањето на хуманистичката лекција од Француската револуција: Сите луѓе се еднакви! Тоа за Милеи не е така, бидејќи за него социјалната правда е ненормалност. Милеи се дефинира себеси како прв претседател либерал - либертаријанец на светот. Неговите идеи се базираат на економските теории на австриската школа од 19 век. Негови идоли се Карл Менгер, Лудвиг фон Мизес и нобеловецот Фридрих Хајек, според кој во едно општество индивидуите, а не Државата, се тие кои треба да ги понесат најголем дел од економските одлуки.

Но, вистинската инспирација за Милеи е всушност Мари Ротбард, кој во 1971 година ќе ја лансира „Libertarian Party“ во Америка и кој се смета за создавач на концептот „анархокапитализам“. Оваа мисловна школа се залага за целосно укинување на Државата со цел еманципација на индивидуата преку приватната сопственост и слободниот пазар. Американските либертаријанци го смеаат дури и Роналд Реган за премногу умерен и во целото свое постоење ќе освојат само еден пратеник во парламентот на Вајоминг. Денес, можат да се пофалат со освојување на третата економија во Јужна Америка.

Победата на Милеи ја потврдува веќе консолидираната тенденција во Јужна Америка: владите кои се обидуваат да ја раководат, најчесто лошо, економската и социјална криза во земјата, се секогаш казнети на избори. Од 2015-та до денес се одржале 35 избори. Само на 9 од овие победиле владините сили, додека во 26 случаи победила опозицијата, најчесто левичарска, како во Перу, Чиле, Боливија, Бразил и Хондурас.

Враќање на перонизмот, но поисплакнат

Победата на Милеи е воедно и последната етапа на политичкиот пат започнат со кризата во 2001-ва и распадот на неолибералниот експеримент поддржан од политиките на Вашингтонскиот Консензус. Неуспехот за спас на аргентинската економија преку инструментите на ММФ, само го засили глобалниот сомнеж и го уништи имиџот на институциите произлезени од Бретон Вудс.

Тоа придонесе за наметнување на коалицискиот двопартитизам во Аргентина, но сепак власта најмногу беше во рацете на левичарските перонисти, со Нестор Кирхнер од 2003-2007, неговата сопруга Кристина од 2007-2015, и Алберто Фернандес од 2019-2023. Токму овие луѓе од Милеи беа идентификувани како „политичката каста“ која ја уништи земјата. Владата на Маурицио Макри од 2015-2019 беше единственото либерал-конзервативно искуство во последните 20 години и се покажа како тотален неуспех, враќајки ја земјата на листата должници кон ММФ.

Макри беше некој вид на претходница на Милеи. Го откачи протекционизмот и регионализмот на перонистите, ги дерегулираше финансиските пазари и надворешната политика ја поврза со онаа на Трамп-администрацијата. И пак Аргентина заврши во слепа улица. Аргентина зема 57 милијарди долари заем од ММФ и пак заврши со банкрот. Така повторно се врати перонизмот, овојпат далеку поисплакнат и поумерен.

Следува период на историска ревизија

Со Милеи завршува аргентинското искуство на коалициски бипартитизам, на централна левица против централна десница, перонисти против радикали, и се запливува во непознати води. Сепак, неколку работи се кристално јасни. Централно-десничарската коалиција на Макри се распаѓа, а Макри лично се претвори во ентузијастичен поддржувач на Милеи и негов режисер од позадина за составување на идната Влада. Партијата на Милеи, нема доволно раководни функционери ни за да го покрие само првиот ешалон од извршната власт. Може да се потпре на мала бројка пратеници и сенатори и нема речиси никакво влијание врз гувернерите на 24 провинции. Подеднакво јасно е дека ова е крајот на перонистичката екипа блиска до Кристина Кирхнер која допрва ќе осети политички реваншизам и судски прогони.

Подеднакво сигурно е, барем ако го следиме минатото на Милеи, кој во 90-тите има работено за Антони Доминго Бузи, екс-генерал на диктатурата, осуден за злосторства против човештвото, како и неговите дружби со историчари и интелектуалци со отворено нацистички симпатии, дека ќе следува период на историска ревизија, негационизам и силна политизација на диктаторското минато.

Што се однесува до надворешната политика Милеи е слаб познавач и заедно со неговата кандидатка за иден министер, веќе направија премногу киксови кога се работи за Фолкландските Острови или Малвинас за Аргентина. Неговиот ентураж веќе се посрамоти кога кажа дека се подготвени да го чујат мислењето на жителите, без да знаат дека официјална политика на Буенос Аирес е жителите да немаат право на самоопределување од проста причина што не се автохтони, туку населени од колонизаторска земја. Милеи за време на дебатите кажа дека е обожавател на Маргарет Тачер, заборавајќи дека токму поранешната британска премиерка ѝ објави војна на Аргентина во 1982, со цел да ги поврати островите.

Ши Џинпинг Хавиер Милеи
Ветувањата за раскин на односите со „комунистичките“ Кина и Бразил не се плаузибилни и реалистични - фото: аргентинскиот претседател Милеи (д.) и кинескиот лидер ШиФотографија: Tomas Cuesta/Getty Images | Carlos Barria/POOL/AFP/Getty Images

Реалполитиката ќе превагне 

Милеи со сигурност ќе ја зајакне позицијата на Аргентина во атлантскиот блок, значи во северно-американската шема, додека ветувањата за раскин на односите со „комунистичките“ Кина и Бразил не се плаузибилни и реалистични. Бразил е прв трговски партнер на земјата, подеднакво како и Кина. Аргентина произведува литиум, соја и месо, а Кина е гладна токму за овие суровини. Воедно Кина е втор економски парнер и голем кредитор на Аргентина, а да не зборуваме дека после излезот на Америка, од 1990-тите години наваму Пекинг игра клучна улога во Јужна Америка. Оттука, реалполитиката би требало да превагне над идеологијата и политичките афинитети.

Во следните недели се очекува соопштение околу влезот на Аргентина во БРИКС од 1 јануари. За време на изборната кампања Милеи категорично одби да ја прифати поканата за влез на земјата, но и во овој случај нејасно е како ќе се позиционира неговата идна влада. Мошне веројатно е дека неопходната коалиција со Макри и Патриција Булрич ќе ги омекне позициите на новиот претседател.

Милеи можеби со еден потег го уништи перонизмот и старата политика, но ќе му требаат многу повеќе од само долари и антикомунизам за да изгради една „нова Аргентина“.