1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАргентина

„Лудак или гениј“ на чело на Аргентина

20 ноември 2023

Сака да го воведе доларот, државата ја нарекува „криминална“, а себе си анархокапиталист. Новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи ветува дека ќе ја извади земјата од кризата, но не се сите убедени во тоа.

https://p.dw.com/p/4ZEWn
Хавиер Милеи и неговата сестра Карина
Хавиер Милеи и неговата сестра Карина, мозокот на кампањатаФотографија: Natacha Pisarenko/AP/picture alliance

На крајот ниту Тејлор Свифт не можеше да ја спречи неговата победа. Американската поп-ѕвезда неодамна настапи три пати во Буенос Аирес, а нејзините аргентински обожаватели започнаа голема кампања под мотото „Свифти не гласаат за Милеи“.

Младите, особено девојките, на социјалните мрежи како мантра повторуваа како Свифт се позиционирала против Доналд Трамп со изјавата: „Мораме да бидеме на вистинската страна на историјата“.

Сега веќе поранешниот, а можеби и иден претседател на САД, беше еден од првите кој му честиташе на Хавиер Милеи (53) по победата против Серхио Маса во вториот круг од претседателските избори: „Многу сум горд на тебе. Ќе ја свртите вашата земја и навистина ќе ја направите Аргентина повторно голема!“

Сепак, самопрогласениот анархокапиталист не сака да се задоволи со една победа со која најавува „крај на падот на Аргентина“ и дека повторно ќе ја направи земјата „светска сила“ и „модел на слобода“.

„Ел локо“ (Лудиот), како што го нарекувале во младоста, пристигнува со моторна пила што долго време ја користеше во предизборната кампања како симбол дека Аргентина ќе ја подложи на неолиберална шок-терапија. Земјата навистина економски колабира со инфлација од повеќе од 140 отсто и долг кон Меѓународниот монетарен фонд од 44 милијарди долари.

Милеи сака да го воведе американскиот долар како платежно средство место аргентинскиот пезос, кој го опиша како „измет на политичката класа“. Тој сака да ја укине централната банка, чиј модел од стиропор неговите поддржувачи со големо задоволство го разнесуваат во воздух.

избори Аргентина
Аргентинците гласаа поради наталожено незадоволство и револтФотографија: JUAN MABROMATA/AFP

А, државата, во неговите очи е „криминална организација“ сака да ја сведе на минимум со само осум министерства наместо осумнаесет. Тој најавува радикално кратење на јавната потрошувачка.

Аргентинците уморни од економската криза

Политичкиот аутсајдер, кого речиси никој не го познаваше во Аргентина до пред две години, ја погоди жичката на 35 милиони граѓани со право на глас и победи во 23 од 26 провинции против актуелниот министер за економија Серхио Маса. Повеќе од убедливо.

Тоа што беше безнадежно инфериорен во однос на Маса во ТВ дуелот пред изборите, веќе не беше важено. Напротив, тоа охрабри многу од неговите избирачи.

Преголем беше гневот против владејачката перонистичка партија, која владееше во последните 16 од 20 години и не успеа да го запре економскиот пад. Милеи отворено ја критикуваше „паразитската бескорисна каста“ поради корупциски скандали. 

Безнадежноста е преголема во земја која по Втората светска војна беше една од десетте најбогати нации во светот, а во која денес 40 отсто од населението живее во сиромаштија.

Вториот круг од изборите беше првенствено израз на протест. Особено меѓу помладите мажи кои знаат само за кризни времиња, Милеи, поранешен пејач на еден трибјут бенд на Ролинг Стоунс , е ценет како поп ѕвезда.

Аргентина прослава избори
Прослава на поддржувачите на новиот претседателФотографија: Luis Robayo/AFP/Getty Images

Слично како Жаир Болсонаро во Бразил, тој успешно се потпираше на кампањата на социјалните мрежи предводена од неговата сестра Карина, која пред две години читаше на тарот карти и продаваше колачи на Инстаграм.

Тој се потпре на максималните поделби во земја, која ја обединуваат само Лионел Меси и аргентинската фудбалска репрезентација, првак на светот. 

Релативизација на воената диктатура

Поделбата најверојатно ќе се интензивира, бидејќи Милеи планира да ја врати назад општествено-политичка ситуација во Аргентина до децении наназад.Тој повикува на строга забрана за абортусот, ги нарекува климатските промени „социјалистичка лага“ и дури спомнува слободен пристап до огнено оружје, што го отфрли непосредно пред вториот круг на изборите.

Пред се, идниот претседател на Аргентина се сомнева во бројката од 30.000 луѓе кои исчезнале за време на воената диктатура во Аргентина.

Неговата кандидатка за потпретседател, Викторија Виљаруел, постојано зборува за само 8.751 жртви и нејзината теорија за „два ѓаволи“ - вториот „ѓавол“ според неа е левичарскиот тероризам.

Површината од 17 хектари каде што има споменик на жртвите на најголемиот центар за тортура од тоа време, кој беше прогласен за светско наследство, треба подобро да се искористи за изградба на училишта кои и се потребни на Аргентина, смета таа.

Реакциите во јужноамериканските земји за победата на Милеи се показател дека Аргентина би можела да биде изолирана.

Серхио Маса
Поразениот кандидат Серхио МасаФотографија: Juan Mabromata/AFP/Getty Images

Загриженост не само во Јужна Америка

Бразилскиот претседател Лула, кого Милеи го навредуваше за време на кампањата нарекувајќи го „комунист“, му честиташе согласно обврските, но не го спомна името на победникот. Левичарскиот претседател на Колумбија, Густаво Петро, ​​ја опиша победата на „екстремната десница“ во Аргентина како „тажна за Латинска Америка“.

И јужноамериканскиот економски синдикат Меркосур, кој ги вклучува Аргентина и Бразил, како и Парагвај и Уругвај, нема многу причини да биде среќен, бидејќи Милеи најави дека Аргентина ќе оди по „својот „пат“.

Германија и ЕУ внимателно ќе го следат развојот на ситуацијата во Аргентина. Договорот за слободна трговија меѓу Меркосур и ЕУ, кој е планиран со децении, ќе биде тешко да се склучи доколку Милеи остане на својата позиција.

Меѓутоа, човекот кој дури го нарече папата „лош левичар“, а подоцна му се извини на својот сонародник во Рим, се соочува со бројни политички пречки за неговата радикална агенда.

Централната банка едноставно нема американски долари за нивно воведување, традиционално силните синдикати ќе одговорат на плановите за штедење со штрајкови, а со помалку од дваесет проценти во Долниот дом и нешто повеќе од десет проценти меѓу сенаторите, ниту еден претседател немал таква мала поддршка во парламентот во последните четириесет години.

И така веќе е под знак прашалник како Хавиер Милеи ќе влезе во аргентинската историја. „Дали ја знаете разликата помеѓу генијалец и лудак?“, праша неодамна. И веднаш одговори: „Успех“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема