1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изградбата на патишта во лер - растат трошоците за камати

ДТЗ
4 август 2022

Ревизорите анализираа 11 инфраструктурни проекти за кои се направени екстра трошоци од 58 милиони евра за еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства.

https://p.dw.com/p/4F7Ph
Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Трошоците за изградба на патиштата и пругите во Северна Македонија вртоглаво растат, а на започнатите проекти и по повеќе години не им се гледа крајот. Дека постоизастој и бавна динамика на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти , посочуваат и ревизорите, според кои трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци. Со ревизијата се опфатени 11 проекти за кои се направени екстра трошоци од 58 милиони евра за еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства. 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите и платени и створени трошоци“ со цел да даде одговор на прашањето дали јавните инвестиции кои се финансираат со средства од заеми се реализираат на ефикасен и економичен начин?”.

Ревизорите утврдија дека кај субјектите кои се надлежни за реализација на проектите, проектната документација не е резултат на системски, технички, економски и финансиски анализи.  Склучени се договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари, чија вредноста е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи.

„Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“, укажуваат ревизорите. 

Ревизорите утврдија дека мнозинството од проектите кои се реализираат од страна на ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година. Тие имаат бавна динамика на реализација која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, покренување на постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на експропријација.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Ревизорите имаат низа забелешки за проектот за изградба на автопатот Кичево - ОхридФотографија: DW/K. Delimitov

Автопатот Кичево - Охрид

Како еден од проектите на кој не му се гледа крајот, се посочува автопатот Кичево – Охрид, за кој досега има два заеми од вкупно 685 милиони долари . Досега се повлечени 382,6 милиони долари, што донеле до трошоци од 38,6 милиони долари. 

Ревизорите укажуваат дека постои голема неизвесност за отштетни побарувања, зголемување на трошоците на договорот за заем поради застој во изградбата за камати кои се плаќаат на повлечените средства и провизија на неповлечените средства. Ревизијата обрнува внимание дека за имплементација на овој проект, како и за економично користење на средствата потребно е координирано дејствување на повеќе државни институции со цел исполнување на обврските од страна ЈП за државни патишта во улога на инвеститор. Исто така доколку не се исполнат обврските по договорот, постои ризик од спор кое е ризик од големи финансиски штети.

„Градба на aвтопат во должина од 57 км по застарени проекти кои не ја отсликуваат реалната состојба на терен, кои не се изработени од проектанти со меѓународно искуство, oтсуството на контрола и надзор во фазата на проектирање, отсуството на тендерска постапка за утврдување на цените за градбата, непостоење на мониторинг и надзор на имплементацијата на проектот имаат за ефект пролонгирање на рокот за завршување на проектот од првичниот рок на 04.05.2018 година, крајно е ревидиран со 31.12.2023 година“, укажуваат ревизорите, според кои голема е  неизвесноста за остварување на овој рок и дополнителни трошоци кои ќе се создадат до завршување на проектот.

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Ревизорите укажуваат дека постои голема неизвесност за отштетни побарувања, зголемување на трошоците на договорот за заем поради застој во изградбатаФотографија: DW/K. Delimitov

Застој и во градбата на пругите

Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година. Со ревизијата е утврдено дека проектите се во застој, не се довршени, а од 2018 до 2019 година степенот на реализација во просек е само 1% на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор X и VIII сe раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек биле евалуации за избор на нови изведувачи за Коридор X и VIII.

Ефектите од овие состојби остануваат и во наредните периоди се: бавната динамика на реализација на проектите, бавниот процес на решавање на проблемите со изведувачите, пропусти и слабости на инвеститорот и на изведувачите, ненавремено повлекување на средства од заемот за реализација на проектите, комплексните правила на ЕБОР и друго.

Ревизорите укажуваат дека постои неизвесност за завршување на проектот за изградбата на Регионалниот клинички центар Штип , поради бавната динамика на реализација на проектот, измените во проектната документација, откажување на кредиторот од договорот за заем и понатамошно финансирање на проектот. Оваа состојба ги усложнува понатамошните постапки за продолжување и реализација на проектот од страна на Владата и надлежните институции, со ризици од зголемена цена на проектот, дополнителни трошоци и ефикасно управување со проектите.  

 


 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема