Израел: Апсења по судирите во џамијата Ал-Акса
5 април 2023Жестоки судири во џамијата Ал-Акса на Ридот на храмовите во Ерусалим, среде муслиманскиот месец на постот Рамазан и кратко пред почетокот на еврејскиот празник Пасха. Израелската полиција соопшти дека упаднала во Ал-Акса со цел да ги протера „маскираните поттикнувачи на нереди, кои во џамијата складирале петарди, палки и камења и скандирале пароли заради подбуцнување на омраза и насилство“.
Полицијата била принудена да интервенира и да ги истера насилниците од џамијата, за да овозможи одржување на утринската молитва, при што се повредени двајца полицајци, соопшти полициски портпарол.
Полицијата објави и видео снимки кои покажуваат експлозии на петарди во џамијата и лица кои фрлаат камења. Друго видео ги прикажува полицајците на влегување во џамијата со штитови, а на снимката се гледаат кутии со петарди на еден тепих и приведување на најмалку пет лица од страна на полицијата.
Израелските сили за безбедност по судирите уапсиле вкупно 350 лица во и пред џамијата.
Палестинската страна, според извештаи во медиумите, соопштила за седум ранети лица од гумени куршуми и здобиени удари.
Милитантно-исламистичката палестинска организација Хамас, која го контролира Појасот Газа, ги повика Палестинците од Западниот Брег масовно да тргнат кон џамијата Ал-Акса. Во повеќе места во Појасот Газа на улиците излегоа демонстранти, палејќи автомобилски гуми и најавувајќи дека „ќе ја бранат и штитат“ џамијата Ал-Акса.
По нередите во џамијата, милитантни Палестинци од Појасот Газа испалиле повеќе ракети кон Израел, од кои, израелската противвоздушна одбрана пресретнала пет, а четири паднале на ненаселена територија, соопшти израелската војска.
Израелската авијација реагирала пак со ракетни напади врз повеќе цели во палестинските територии, меѓу кои и воен полигон во северниот дел на брегот, како и воени позиции по должината на границата со Израел.
Од безбедносни извори во Појасот Газа се вели дека погодените објекти припаѓале на вооруженото крило на таму владејачкиот Хамас и тие се тешко оштетени во израелските напади.