Нови сознанија за ненамерното убиство на тројцата заложници
29 декември 2023Израелските војници ненамерно убиле тројца израелски заложници во градот Газа на 15 декември бидејќи мислеле дека се милитанти на Хамас кои се обидуваат да ги намамат во заседа со лажни повици за помош, соопшти војската во четвртокот (28 декември, 2023), заклучувајќи дека војниците постапиле правилно во проценката на ситуацијата.
Војската на Израел веднаш ја презеде одговорноста за убиството на заложниците, кои беа киднапирани од милитантите на Хамас на 7 октомври во напад на јужен Израел. Хамас тогаш уби најмалку 1200 а киднапираше околу 240 луѓе, што предизвика жестока воена реакција на Израел и војна во Појасот Газа.
Израелската војска во четвртокот ги објави резултатите од истрагата и заклучи дека „нема ништо злонамерно во инцидентот и дека војниците постапиле правилно во согласност со нивната проценка во таа ситуација“. Истрагата покажа дека нема разузнавачки податоци кои укажуваат на тоа дека заложниците се наоѓале во зградите каде војниците наишле на силен оган.
Војската уште објави дека на снимките се гледа дека заложниците ги соблекле кошулите и дека еден вее бело знаме, но тие биле идентификувани како заложници само кога биле прегледани нивните тела.
Нивните повици за помош биле погрешно протолкувани како обид на милитантите да ги намамат војниците во заседа, објаснуваат од војската.
„ИДФ не успеа во својата мисија да ги спаси заложниците во тој настан. Целиот синџир на команда чувствува одговорност за тој тежок настан, жали поради неговиот исход и ја споделува тагата на семејствата на тројцата заложници“, рече врховниот командант на израелската армија Херцл Халеви.