1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел ќе ја прошири воената офанзива до египетската граница

ЖА
2 февруари 2024

Израел ќе ја прошири воената офанзива против Хамас до јужниот крај на Појасот Газа, до преминот Рафах, каде засолниште побараа повеќе од еден милион Палестинци.

https://p.dw.com/p/4bxYE
Продолжуваат израелските напади во Појасот Газа
Продолжуваат израелските напади во Појасот ГазаФотографија: AFP/Getty Images

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави дека успесите на армијата во борбата против милитантно-исламистичкиот Хамас во јужниот град Кан Јунис овозможуваат напредување на трупите и кон Рафах, на египетската граница. „Ги исполнуваме нашите задачи во Кан Јунис и ќе стигнеме и до Рафах, каде ќе ги елиминираме терористичките елементи кои ни се закануваат“, изјави Галант во четвртокот вечерта.

Во Рафах во меѓувреме се наоѓаат речиси половината од 2,3 милиони жители на Појасот Газа, главно смрзнувајќи се и гладувајќи во шатори или провизорни сместувалишта во јавни згради.

Преку граничниот премин Рафах стигнува и најголемиот дел од  хуманитарната помош за цивилното население.

Паралелно течат и дипломатските напори за постигнување подолготраен прекин на огнот и со него поврзано ослободување на преостанатите стотина израелски заложници кои се наоѓаат во рацете на екстремистите.

Посредувачите Катар и Египет се надеваат на позитивна реакција на во  Појасот Газа  владејачкиот Хамас на првиот конкретен предлог, договорен минатата недела на разговорите во Париз со Израел и САД. Според претставник на палестинската страна, малку веројатно е Хамас комплетно да го отфрли предлогот, но бара гаранции борбите да не бидат обновени, што Израел пак го одбива.

Предлогот за прекин на огнот предвидува  ослободување на заложниците  во две етапи: во првата од 40 дена би биле ослободени преостанатите цивили меѓу заложниците, а во втората и киднапираните војници, а на крај треба да бидат предадени и  телата на мртвите заложници.

За време на еднонеделната пауза во борбите на крајот на ноември, Хамас ослободи десетици заложници во замена за пуштање на палестински затвореници од Израел. 

Хамас предизвика војна со бруталниот напад врз Израел на 7 октомври ланската година, кога беа убиени околу 1200 луѓе, а околу 250 беа земени во заложништво и пренесени во Појасот Газа.

Израел реагираше со воена офанзива, во која според Хамас, во Појасот Газа загинале повеќе од 27.000 Палестинци. Ниту апелите на  најважниот израелски сојузник, САД, да се намалат страдањата на ,цивилното население во Газа, не покажаа резултат.