1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИКС: Tоксични наративи пред изборите

ДТЗ
29 март 2024

Партиите користат остар јазик со емотивен набој во комуникацијата. Се користат непроверени податоци, селективно се презентираат информации, покажува анализата на ИКС

https://p.dw.com/p/4eFR5
Фејсбук
Партиите користат остар јазик со емотивен набој во комуникацијата преку партиските веб-страници и Фејсбук-профилите.Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Како се ближат изборите, така се заострува реториката и обвинувањата меѓу политичките актери. Тие продолжуваат да бидат главен извор на штетни наративи при што зачестено користат остар јазик со емотивен набојво комуникацијата преку партиските веб-страници и Фејсбук-профилите. Се користат непроверени податоци, селективно се презентираат информации, со што се оневозможува јавноста да добие целосна слика за работењето на политичките субјекти и не може да донесе информирана одлука, особено кога станува збор за изборните процеси. Ова го покажува третиот  извештај во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС), во кој се сублимирани податоците од мониторингот спроведен во јануари и февруари 2024 година, во кои се идентификувани штетни наративи.

Се разгорува штетната реторика

Во првите два месеца од 2024 година се забележани рекорден број медиумски прилози со штетни наративи кај онлајн-медиумите и кај телевизиските станици споредено со претходните четири месеци од мониторингот.

„Бројките ги потврдија претпоставките дека како ќе се наближуваат претседателските и парламентарните избори, ќе се разгорува штетната реторика кај политичките актери кои се всушност главен извор на загадување на медиумскиот простор и кои очигледно се подготвени за 'црна кампања' пред да почнат изборите. Истовремено, голем дел од медиумите кои се предмет на мониторингот продолжуваат да им помагаат на политичките субјекти во ширењето на штетните наративи заборавајќи дека не треба да бидат неми пренесувачи на нивните ставови, туку дека имаат обврска при информирањето да консултираат повеќе извори, да ги проверат изнесените наводи со продлабочено истражување и да ги почитуваат основните стандарди за професионално и етичко известување“, наведуваат од ИКС.

Партиски етикетирања

Најголемите политички партии креираат најмногу штетни наративи. Според анализата, главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и главната владејачка партија СДСМ се на врвот, а потоа следат помалите партии. Се забележува тренд кај малите парламентарни партии да нема нотирани штетни наративи. Исклучок е Левица која продолжува да има најмногу објави со штетни наративи на Фејсбук.

„Кај ВМРО-ДПМНЕ штетните наративи претежно се насочени кон СДСМ и ДУИ, кои опозициската партија ги претставува како криминални структури, неодговорни и кои не водат сметка за националните интереси. СДСМ, пак, најчесто ги етикетира ВМРО-ДПМНЕ како ’кочничари на европските интеграции’ и ги обвинува за корумпирано владеење во локалните институции низ државата. Левица ги таргетира СДСМ и ДУИ, но не ги поштедува и ВМРО-ДПМНЕ на тој начин претставувајќи се како мала партија која работи за граѓаните наспроти големите блокови на партии“, се вели во анализата.

Странско влијание

Политичките актери сè почесто меѓусебно непоткрепено се обвинуваат дека водат политики под „странско влијание“. „Ако во претходниот период ваквите обвинувања беа насочени главно кон Левица и ВМРО-ДПМНЕ, за кои владејачката СДСМ без докази тврдеше дека се под руско влијание, новина е што Европскиот сојуз за промени во јануари и февруари се фокусира на напади кон Али Ахмети и кон високите претставници на ДУИ, особено на темата за негативно странско влијание од премиерот на Косово, Албин Курти, во домашната политика“, се вели во анализата. 

Од друга страна, ДУИ зачестено обвинува за „руска врска“ кај политички противници од албанските партии и се нотираат етноцентристички наративи и дихотомна реторика „ДА за Европа, НЕ за Русија“ која добива на интензитет со кандидатурата за претседател на државата.

избори кампања
Како се ближат изборите така се заострува реториката и обвинувањата меѓу политиките актери. Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Популизам и националистичка реторика

Според ИКС, кај скоро сите политички субјекти кои се предмет на мониторингот се забележува дека постои тренд да се претстават дека тие се на страната на народот, дека ги застапуваат нивните интереси за разлика од политичките противници. Сè почесто се изнесуваат непоткрепени обвинувања кон политичките опоненти, се забележува и зачестена појава на популистички дискурс и зачестени етноцентристички наративи.

Ова е забележително особено кај партиите на Албанците, кои посегнуваат по реторика за величање на националната припадност и инсистирање на етничка персонализација на првите функции (премиер и претседател на државата). Заштитата на националните интереси на Албанците во државава е во фокус на промоцијата на сопствените идеологии во штетните објави на ДУИ, Европскиот сојуз за промени и Алијанса на Албанците.

Критики кон медиумите

Мониторингот покажува дека доминантните политичките актери во Македонија, и од владејачките и од опозициските политички партии, ги прекршуваат стандардите и начелата што треба да се следат во политичката комуникација. Тие многу лесно посегнуваат по обвинувања за своите политички противници без поткрепа со аргументи. Се изнесуваат неосновани обвинувања за коруптивно работење со што се поткопува довербата во институциите. Загрижува фактот за зачестените критики на влијателните политички актери кон медиумите, со што се поттикнува клима за недоверба кон медиумските работници и нарушување на слободата на изразување.

Позитивни промени

При мониторингот се забележани и позитивни работи. Една од нив е дека во сите анализирани ТВ-прилози ниту еднаш не е забележан говор со којшто се навредува одредена група или, пак, се оправдува говор на омраза кон одредена група, врз основа на национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група итн.

„Фактот дека повеќето политички актери и медиумите не користат ваков тип штетни наративи и тоа не е дел од нивната реторика, особено во предизборен период, е мошне позитивен и охрабрувачки знак“, велат од ИКС. 

Уште еден позитивен тренд е дека не се забележани штетни наративи на Фејсбук-профилите на лидерите на двете најголеми партии, што укажува на повнимателна и политички коректна комуникација на личните, за разлика од партиските Фејсбук-страници каде се продолжува со штетната реторика.

Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10 политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година, како и Фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн медиуми и 9 телевизиски станици.