1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со онлајн пријави против говор на омраза во предизборието

ДТЗ
12 март 2024

Во период кога предизборната реторика се заострува, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најавува дека секое вознемирување ќе може онлајн да се пријави и до нив.

https://p.dw.com/p/4dQRU
Фејсбук
Со онлајн пријави против говор на омраза во предизбориетоФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Социјалните мрежи и медиумите ќе се најдат под засилен мониторинг за време на предизборната кампања со цел да се спречи вознемирување и говор на омраза. Во период кога предизборната реторика се заострува, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) најавува дека секое вознемирување ќе може онлајн да се пријави и до нив.

Претседателот на комисијата, Игор Јадровски на прес-конференција во Скопје апелираше до политичките партии, претседателските кандидати, носителите и кандидатите од партиските листи да се воздржат од вознемирувачки говор и говор на омраза во предизборната кампања, со што ќе придонесат изборите да поминат во фер и демократска атмосфера.

избори кампања
Во пресрет на изборите се бара начин ниту еден граѓанин да не биде дискриминиран и да има право на глас Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Препораки 

Тој бара да се исполнат и препораките со цел да се отстранат случаите на дискриминација на различни групи граѓани при остварувањето на нивното гласачко право. Изминатите години, на пример, беше утврдена дискриминација врз основа на возраст. Во 2019 година, не можеа да гласаат лицата кои наполниле 18 години меѓу два изборни круга на претседателските избори.

Станува збор за околу 7.000 лица. „Поради одредбите од Изборниот законик, тие не можеле да бидат запишани во Избирачкиот список меѓу двата изборни круга, со што не можеле да го остварат уставно гарантираното право на глас“, посети Јадровски.

Проблемот останува и на овие избори, каде уште има дилема и дали ќе може да се гласа со старите документи, доколку не успеат навреме да се заменат со нови. Техничкиот премиер Талат Џафери минатата недела порача дека на сите граѓаните треба да им се дозволи да гласаат со стари документи, а не само на оние чија важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите, како што неодамна одлучи Собранието. Конечна одлука за овој проблем сè уште нема. 

Комисијата за заштита од дискриминација смета дека покрај проблемот со лицата кои ќе наполнат 18 години меѓу двата избирачки круга, постои опасност да бидат исклучени од гласање и лицата кои што се наоѓаат во здравствените установи, како и оние коишто живеат во новиот формат на социјална заштита, а се водат како згрижени во установите за социјална заштита на лица со попреченост.

Комисијата препорача измени и дополнување на Изборниот законик со цел овозможување на уставно гарантираното право на глас на овие категории граѓани.

„Со цел непречено остварување на избирачкото право на овие лица, на еднаква основа со другите, потребно е ДИК да обезбеди алтернативни гласачки места во местата на моменталните престојувалишта на овие лица по принципот на гласањето на болните и немоќните лица“, вели Јадровски.