1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна кампања: Кој е измеќар, а кој е марионета?

ДТЗ
4 март 2024

Антагонизмот меѓу партиите и кандидатите може да го намали одзивот на гласачите, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/4d8Ht
кампања избори
Претседателски избори: Како да се сочува чист образ во црна кампања?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Иако кампањата за двојните пролетни избори сѐ уште не е официјално започната, политичката сцена веќе е преплавена со навреди, обвинувања и говор на омраза. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за двајца од кандидатите за претседател рече дека се „измеќари“, бидејќи имале улога да ја ослабнат кандидатката на опозицијата во првиот круг на изборите. Тој оцени дека тие ќе имаат „естрадна улога“ и дека нивната кандидатура била по налог на некои „работодавачи“. Професорката Билјана Ванковска и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кон кои беа упатени ваквите забелешки, експресно возвратија, порачувајќи му на Мицкоски дека е „марионета“.

Антагонизмот ќе влијае на одзивот

На заострената реторика на социјалните медиуми, реагираа и други кандидати за претседател, посочувајќи на говор на омраза и црна кампања која се води против нив. Политичките аналитичари за ДВ велат дека антагонизмот меѓу кандидатитеи политичките партии може само да го намали одзивот кај гласачкото тело на претседателските и на парламентарните избори. Со говорот на омраза и навредите упатени кон противкандидатите, се создава одбојност кај гласачите кои и онака не се мотивирани за гласање со години наназад. 

„Една ваква црна кампања уште повеќе ќе ги натера граѓаните да седат дома и да не излегуваат на гласање“, вели за ДВ, аналитичарот Петар Арсовски. 

Според него, високите политички тензии и релативно биполарниот начин на правење на кампањата доведуваат до антагонизам. „И тој антагонизам е секогаш евидентен во политичките наративи на партиите. Кога нема понуда и при недостиг на идеи - тоа најчесто е причината зошто партиите се вртат кон антагонизам, во услови на силно опозициско расположение и кога се очекува промена на власта. Тој антагонизам најчесто има ефект да го намали одзивот на гласачите“, вели Арсовски. 

Кој е измеќар, кој е марионета?

Реториката се вжешти деновиве, кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека Ванковска и Јакимовски ќе имаат „естрадна улога“ во првиот круг на изборите, за да ја ослабнат кандидатката на опозицијата, Гордана Силјановска-Давкова. 

„Можеби вистинското прашање е да ги прашате овие кандидати што ќе прават во вториот круг, бидејќи во првиот ќе имаат само естрадна улога и ништо повеќе од тоа. Така што, дали ќе останат доследни измеќари на нивните работодавачи и во вториот круг ќе го поддржат, претпоставувам, Стево Пендаровски или, пак, можеби нешто друго ќе им кажат на своите гласачи“, изјави Мицкоски на 3 март, откако се потпиша за кандидатот на опозицијата на еден од пунктовите на Државната изборна комисија (ДИК). 

Билјана Ванковска
Христијан Мицкоски ја нарече професорката Билјана Ванковска „измеќарка“, а таа му порача дека „се зезнал“Фотографија: Petr Stojanovski

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска преку социјалните мрежи му порача дека „се зезнал“.  „Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година, кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле. Е, ајде сега играј витешки!“, напиша Ванковска на Фејсбук.

Реагираше и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. „Христијан по изборите треба ја одигра марионетската улога за промена на Уставот, а веднаш потоа да признае дека сме нација од 1944 година, да прифати дека нашиот јазик е бугарско наречје и дека споделуваме иста историја, дека македонските револуционери се Бугари по род, вклучувајќи ја и македонската икона Гоце Делчев. Ваквата улога ја доделуваат на личности како Христијан Мицковски, а народот во мене препознава личност која ќе се спротивстави токму на ваквите предавства“, напиша Јакимовски на Фејсбук.

Тој порача дека не е „ад-хок политичар и не прифаќа споредни, туку главни улоги“. И Јакимовски и Ванковска ги собраа потребните 10.000 потписи, со што влегуваат во трката за претседател. 

„Претседателска трка или избор за мис“

Мерсиха Смаиловиќ, кандидатка за претседателка на Бошњачкиот демократскиот сојуз, која сѐ уште собира потписи за поддршка за кандидатурата, деновиве се пожали за црна кампања и за несоодветни коментари на социјалните мрежи кои се однесуваат на нејзиниот изглед и стил на облекување. 

„Бев убедена дека луѓето слушаат, прашуваат и така носат суд за нечии вредности и интелект, ама да не ти било секогаш така… Знаев дека ќе има 'црна кампања', ама не помислив дека претседателската трка ќе ти била избор за Мис Македонија. Па така најголемите 'негативни' коментари за мојата кандидатура се однесуваат на мојот надворешен изглед“, објави таа на Фејсбук.

На гласачите им порача дека „има подготвено целосен стајлинг за кампањата“ и ги повика да го дадат својот потпис за неа за да можат да „уживаат во новата модна линија пролет лето 2024-та“.

Полемика на социјалните мрежи се водеше и околу кандидатурата на Гордана Силјановска Давкова, по што реагираше Платформата за родова еднаквост, која ги повика партиите и нивните приврзаници да покажат демократски капацитет и да се воздржат од навреди и ширење на говор на омраза.

И изминатите предизборни циклуси беа одбележани со исклучително силен говор на омраза, кој притоа особено беше фокусиран кон жените што беа вклучени во предизборниот процес.

„И овојпат кампањата сѐ уште официјално не е почната, а веќе сме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените. Повторно, социјалните мрежи се најголем расадник на непристојност, нецивилизираност, навреди, мизогинија, па и отворен сексистички говор на омраза. Го осудуваме говорот на омраза кој се засилува како што се ближат изборите и апелираме за одговорно и цивилизирано однесување“, порачаа од Платформата за родова еднаквост. 

Дел од нападите во предизборието се упатуваат и кон медиумите и новинарите, поради што реагираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која укажува дека политичарите и носителите на јавни функции мора да свесни за тежината на искажаните зборови и одговорноста што ја имаат пред граѓаните. Непримерната комуникација негативно се одразува на слободата на изразување, пред сѐ во чувствителни периоди како предизборните и го нарушува достоинството на медиумските работници, велат од АВМУ.