1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претстојните избори шанса да ја поправиме демократијата

28 февруари 2024

Нашите политички елити никако да научат дека демократија не е тоа што се случува на гласачките места на денот на изборите, туку што се случува во периодот од едни до други избори. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4cxbj
Македонија Избори
Претстојните избори шанса да ја поправиме демократијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Како држава која потекнува од либерален комунистички режим, Македонија низ својата тридецениска самостојност изгради демократски систем со многу недостатоци. Граѓаните ја приграбија демократијата како играчка која им падна во раце после децениско внимавање што смеат, а што не смеат да кажат. И природно, некои умееја да ја користат играчката, некои ја користеа со помош, но имаше многу и такви кои во немоќ да ја прилагодат на своите потреби и очекувања, ја кршеа и ја обликуваа според својата желба. Последната дефиниција, се чини најмногу одговара на тоа како изгледа демократијата во Македонија, денес по 33 години од новото повеќепартиско и демократско уредување. 

Има повеќе дефиниции за демократијата и дали едно општество ги исполнува условите да се нарекува демократско. Според некои теоретичари, една држава не може да се смета за демократска само според тоа што редовно одржува избори, туку и според тоа како државата им служи на сиромашните и ранливи категории граѓани. Според други, условот за една земја да се нарече демократска е колку се бори против корупцијата и криминалот, односно колку нејзините институции предводени од политичките елити се спремни да влезат непристрасно и професионално во таа битка. Во поново време пак, во дефиницијата за демократија се внесуваат и социјалните мрежи и одговорноста што постои во говорот на нивните корисници. Транспарентноста, комуникацијата на владата со граѓаните, одговорноста на граѓанскиот сектор да им служи на граѓаните а не на политичарите, се исто така еден од клучните елементи кои ја прават демократијата целосна и функционална за оние на кои треба да им служи: граѓаните. 

Од дотука кажаното јасно е дека демократијата во нашата земја е распарчена, скршена на парчиња од кои секој си зема тоа што му одговара. Политичарите, со секоја нова генерација, покажуваат сѐ помалку одговорност за своите постапки. Изгорената болница во Тетово, двете трагични сообраќајни несреќи крај Ласкарци и во Бугарија, погромот во правото со измените на кривичниот законик, потрошените милионски суми евра и неизграден автопат Кичево-Охрид, потрошените милиони и за клиничкиот центар во Штип кој не е изграден, масовното прислушување на граѓани, новинари, опозиција и бизнисмени без правен епилог, неказнивоста на криминалот, немањето или доцнењето на учебници во основното образование, клиничката смрт на здравството, партизацијата, процутот на корупцијата, тендери на партиски финансиери и други пријатели со кои се дели заработката, сето тоа укажува на стравичен систем на неодговорност на оние кои преземале одговорност да работат за просперитетот на граѓаните и на државата. Сведочиме на нула покажана совест и доблест за напуштање на функцијата и нејзино препуштање на некој што ќе ја работи со поголемо знаење, чесност и умешност. 

Изјави за гаснење пожар

Го слушаме довчерашниот премиер Димитар Ковачевски како вели дека ќе предложеле измена на закон за да спречат ново зголемување на функционерските плати за дополнителни 500-600 евра. Но, нели тој како премиер уверуваше дека ќе донесат нов закон за плати за да се внесе логика во сумите, нели тој по скандалозното зголемување од 78 проценти рече дека набргу ќе донесат мерки за намалување на нивните плати. „Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура", рече Ковачевски во октомври 2023.

А претседателот Пендаровски, пак, велеше дека ќе ја донира разликата меѓу старата и новата плата. „Одлуката на Уставниот суд е поразувачка. Би сакал да ја искоментирам пред воопшто да стане предмет во јавноста, а треба да стане. Невкусно е мојата плата, од сегашните 93.000 да биде 150.000 или на премиер, на спикерот на парламентот, министри од сегашни 80.000 да изнесува 130.000“, изјави тогаш Пендаровски најавувајќи дека ќе го донира зголемениот дел од платата.

После поминати месеци од овие емотивни изјави наменети за гаснење пожар, а не за солидарност со економската криза кај граѓаните, денес можеме да кажеме дека сето тоа беше ветар и магла. 

Тоа е само еден понов пример на тоа како демократијата, отчетноста и одговорноста во Македонија се заменети со големи зборови, а мали дела. Нашите политички елити никако да научат дека демократија не е тоа што се случува на гласачките места на денот на изборите, туку што се случува во периодот од едни до други избори. Дали се остварува ветеното, дали владата, граѓаните, невладините, бизнис-секторот функционираат по системот на меѓусебен фидбек. Демократијата кај нас е толку оштетена од неправилното управување што во два наврати се одиграа морничави настани во нејзиниот дом – парламентот - кога беа тепани и насилно извлекувани пратеници од опозицијата, и кога владејачка партија изманипулира толпа граѓани да влезат и крвнички да тепаат пратеници од ривалскиот табор. 

Лојалноста на граѓаните кон владите односно кон институциите и обратно, е двонасочна улица. Меѓутоа, сѐ повеќе е видливо дека институциите ги предадоа своите граѓани и наместо лојалност кон нив покажаа лојалност на партиите, а во погруба варијанта и на поединци како што беше случајот со државната М-НАВ каде партијата ДУИ грми посилно дури и од авионите кои полетуваат и слетуваат на аеродромот, без да се води сметка за стратешкиот карактер на објектот и безбедноста на патниците и што е најтрагично на оние кои се задолжени за неа. Овој случај на екстремна партизација на финансиски добростоечка компанија, е само врвот на ледениот брег под кој едвај дише системот на целата држава. 

Под напад и столбовите на државата

Но, мозаикот на нарушената демократија нема да е целосен ако не посочиме и на една друга појава. Последната деценија во Македонија се случува и континуиран напад на најважните столбови на државата: судството, бизнисот кој е основа за полнење на буџетот, медиумите, здравствените работници, па и оној дел од политиката кој остана како здраво ткиво. Некои од нападите се оправдани, но има и многу што не се оправдани. Сведоци сме како секој ден се водат валкани кампањи на социјални мрежи  против неистомисленици, но и против лекари, научници, културни работници, судии, новинари, спортисти итн. Контролното копче е повторно кај политичките партии чии платени експоненти маршираат во убиствен поход низ социјалните мрежи, дискредитирајќи професионалци од сите области. 

Оваа општа „војна“ доведе до целосно губење на вербата во политичкиот, правниот, здравствениот и образовниот систем, што се граничи со тотално губење на способноста за рационалност во расудувањето и односот кон државата. Овде одговорноста паѓа и на граѓаните кои во напливот на слободата која ја нуди интернетот, не го знаат или не сакаат да го знаат својот дел од одговорноста во една демократија бидејќи погрдните зборови кои се искажуваат на сметка на државата и нејзините претставници, институции или поединци кои вршат јавна работа, не секогаш се доказ за користење на демократијата во позитивни цели туку обратно, нејзина злоупотреба.  

Претстојните парламентарни и претседателски избори се шанса граѓаните да го дадат својот глас како врв на демократијата. Секој изборен циклус е чекор напред во изградбата на системот, негово поправање или надградување, и раст на државата. Македонската демократија досега покажа многу несовршености, фаули и испади на системот, но ако сака да стане држава според сите атрибути треба да поработи и на тоа навидум неважно прашање.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема