1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некому до пеење, некому до плачење

31 јануари 2024

Темата за предизборна коалиција во која ќе учествуваат сите албански партии, а ќе ја предводи СДСМ, добива сѐ повеќе на значење. Но ако се случи, ќе се базира на партиски интереси, а не поради ЕУ. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4bqiy
Димитар Ковачевски  Али Ахмети
Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Димитар Ковачевски и Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Распеаниот лидер на ДУИ Али Ахмети и неговата дружина внесоа малку веселост во тмурната предизборна атмосфера во Македонија. Преку својата песна тие ни пренесоа две важни пораки: првата е дека политичките мислења, ставови и оцени не мора секогаш да се изнесуваат преку изјави, туку може тоа да се стори и преку песна. Втората е дека кршењето на законите од страна на ДУИ се прави веќе јавно – како на пример пушење во просториите на законодавниот дом кој треба да биде пример за почитување закони бидејќи ги носи. Нема информации дали веселото друштво ќе добие кривична пријава за кршење на тој важен закон. Тоа прашање веќе не се ни поставува бидејќи е јасно дека кога се во прашање највисоките финкционери, тие се најчесто над законот. 

Нивниот коалициски партнер, пак, СДСМ седи пред компјутерите во партиското седиште и  калкулира за можни пратенички места –  колку би освоил сам, а колку во коалиција со ДУИ и со уште неколку албански партии. Проекциите на социјалдемократите се дека здружено со ДУИ и со албанските партии од опозицискиот блок, би добиле шанса на претстојните избори  да составуваат влада. Но, друго прашање е колкаво би било нивното влијание при составувањето на кандидатски листи, или на евентуална влада затоа што во таква владина композиција тие би биле статисти, а не главни актери. Животно правило е дека кога од некого бараш услуга, тој е господарот, а ти си слугата.   

Темата за предизборна коалиција, во која ќе учествуваат сите албански партии, а ќе ја предводи СДСМ, ќе добива сѐ повеќе на значење. Не затоа што коалицијата има амбиција да си закачи беџ за проевропска, а другите да ги брендира како антиевропски, туку затоа што во основа на нејзината конструкција ќе бидат партиски интереси. Но се чини дека тие интереси не се исти кај сите партии. На ДУИ му треба прегратка која ќе го стопли после сите критики за криминал и корупција, а погодна за тоа им е СДСМ. СДСМ, пак, во такво друштво би влегол заради бројка која ќе му помогне да ја амортизира ниската популарност која речиси сигурно ќе го одведе во пораз.  Алијанса за Албанците навидум калкулира,  но отсекогаш и се допаѓале посилни партнери од неа. Додека пак на останатите  албански партии  од кои некои се и новоформирани им е потребна верификација дека се важен фактор во политичкото милје во земјата. 

Можен ли е обратен ефект 

Меѓутоа во сите мотиви и партиски калкулации недостасува важното камче во разработката на сценаријата, а тоа е дали една таква гранде коалиција која има за цел да го остави ВМРО-ДПМНЕ на бришан простор, може да има обратен ефект и уште повисоко да го дигне рејтингот на политичарите од таканаречената „Бела палата“. Во таков развој на настаните најголем губитник би била СДСМ која ризикува да остане без поддршка во македонскиот дел од гласачкото тело. Притоа не треба да се занемари и дека во македонскиот дел од електоратот владее силно незадоволство поради приматот што го наметна ДУИ во владата и поради впечатокот дека криминалот во режија на истакнати личности од ДУИ поминува неказнет. Таквата перцепција ја насочува  острицата кон СДСМ  и во старт може да ја доведе сегашната владејачка партија во крајно неповолна позиција доколку падне одлука да влезе во таков предизборен сојуз.   

Социјалдемократите, по речиси седумгодишно владеење, се соочуваат со силни критики за неисполнетите ветувања. Критиките најмногу се насочени кон владеењето на правото, борбата против корупцијата, влошениот економски стандард на населението, партизацијата на институциите, падот на судството и неуспешните политики во здравството и образованието. 

На овие избори СДСМ ќе го има на грб и  кандидатот за претседател на државата,  што ја исправа партијата пред опасноста за двоен пораз наспроти очекуваната двојна победа. Но ако биде пораз тоа ќе ја запечати црната статистичка слика дека триумфот на социјалдемократите над Груевски во 2017 траеше кратко затоа што заврши со три последователни порази ако се сметаат и последните локални избори.   

Ковачевски во негов стил вели: „На 9-ти мај, тоа е Денот на Европа, ќе прогласиме победа на европската коалиција која што повторно ќе ја формира европската Влада со која што Македонија ќе стане земја членка на ЕУ“. Освен тоа вели и дека „останува на ставот од првото интервју дадено во јануари пред 2 години дека ќе биде премиер 12 години“. 

Заеднички листи - меч со две острици

Самоувереноста е добра работа во политиката, но таа често води до непосакувана разрешница. Ковачевски, кој сега е само претседател на СДСМ ќе има голем проблем во овие негови ветувања да ги увери своите соработници, а потоа гласачите на партијата и неопределените ако сака овој сон да се оствари. Коалицискиот капацитет на СДСМ е вистина поголем од перформансите за коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ, но искуството кажува и дека ако разликата во освоени пратенички места е голема, тогаш коалициските партнери сами се лепат за победникот.  

СДСМ веќе има искуство во составување заеднички кандидатски листи. Но никогаш досега со коалициски партнер кој има толкаво политичко влијание како ДУИ. Тоа може да ги загрози интересите на СДСМ и да го фрли во немилост кај македонскиот дел од електоратот. Прашањето што следува по понеделничното славје на лидерот на ДУИ и неговата клика е дали социјалдемократите кои претежно се обраќаат на изборите на македонските гласачи (впрочем гласачите од албанскиот кампус имаат долга листа на свои партии), ќе успеат да ги фатат нотите на Ахмети или ќе фалшираат до ниво на драматичност од која потоа тешко ќе се извлечат. Или кажано со поедноставни зборови, колкав ќе биде ќарот а колкава ќе биде штетата од предизборно коалицирање со ДУИ во ситуација кога случувањата испраќаат сигнал за  дистанцирање од ДУИ а не за приближување. 

Самата композиција, пак, на албанскиот политички кампус е со свои противречности и внатрешни конфликти, поради што евентуалното коалицирање може да го стави СДСМ на средина од конфликтот меѓу опозиционерите и владејачката ДУИ. Визитата на Косово што ја направија СДСМ и Пендаровски говори дека тие го гледаат таквиот ризик, но се подготвени да направат чекори за да го елиминираат и очигледно спасот го гледаат во косовскиот премиер Курти. Меѓутоа тоа не им носи поени дома, бидејќи ја става некогашната силна левичарска партија во неповолна позиција и ја портретира како давеник кој се фаќа за сламка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи