Кацарска пред крајот на мандатот: Со години трпев закани
29 мај 2024Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го завршува мандатот задоволна од постигнатите резултатите и новитети во работењето на судот кој врши контрола на уставноста и законитоста и ги штити човековите права и слободи. Со надеж дека правдата секогаш ќе биде императив, три години од извршувањето на функцијата, таа обелоденува пред јавноста дека трпела закани речиси секој ден, но дека дури неодамна се одлучила за тоа да ја алармира полицијата.
„Го завршувам овој мандат со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив“, порача во средата (29.05) Кацарска, заблагодарувајќи им се на сите оние кои верувале во капацитетот и независноста на Уставниот суд.
Аларм
Покрај закани, Кацарска на крајот на мандатот вели дека била жртва и на физички напад.
„Трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, вели Кацарска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Уставниот суд. Разврска на случаите се уште нема.
„Дали ќе продолжат тие закани или не, јас не би можела да кажам“, вели Кацарска. Лицето коешто лично и се заканувало е приведено, но таа вели дека нема информација до каде е постапката.
Уставниот суд веќе информираше дека Кацарска на 14 мај во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во подземна гаража на зграда во Центар биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож. На 18 мај, пак, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.
Кој ќе ја наследи?
Тригодишниот мандат на претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, истекува на 2 јуни. Нејзиниот наследник треба да биде избран од редовите на судиите. Aктуелни судии во Уставен суд се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.
Кацарска очекува Судот и понатаму да биде ажурен, да постапува по сите предмети без разлика од кого е поднесена иницијативата.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на повторен избор.