1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиТајван

Како Тајванците се справуваат со воената закана од Кина?

Вилијам Јанг
12 август 2022

И покрај екстензивните воени вежби на Кина околу Тајван, животот на островот во голема мера си тече по старо. Релативната смиреност е дијаметрално спротивна на тоа како меѓународната заедница гледа на ситуацијата.

https://p.dw.com/p/4FPSK
BG: Alltag in Taiwan
Фотографија: ANN WANG/REUTERS

Додека светот загрижено прави проценки како последната агресија на Пекинг може да ја промени безбедноста во регионот, во Тајван многу луѓе остануваат генерално смирени во однос на она што многу политички аналитичари го опишуваат како ескалирано ниво на закана за островот.

„Многу Тајванци, вклучително и јас, будно ги следиме  воените вежби на Кина,  но имаме своја проценка за тоа колкава закана се тие за Тајван,“ вели Џереми Чианг, млад ИТ-експерт. „Повеќето воени потези засега се повеќе да нѐ заплашат, сѐ додека ПЛА активностите не преминат во друга фаза. Но, ако почувствуваме такво нешто, бидете сигурни дека ќе има поголема реакција од тајванското граѓанско општество“, вели тој, мислејќи на Народно ослободителната армија на Кина.

И покрај вестите за истрелани ракети над Тајван и кинески воени бродови кои постојано ја пробиваат територијалната линија, која се смета за неофицијална демаркација меѓу Кина и Тајван, животот на островот, од почетокот на кинеските воени активности, во голема мера си тече по старо. Релативната смиреност на островот е дијаметрално спротивна на она како меѓународната заедница гледа на случувањата.

„Моите  пријатели од Германија  се загрижени за мене овде поради вестите што ги гледаат, оти имаат впечаток дека Кина целосно го има опколено Тајван,“ вели Винифред Ју, професор по германски јазик и литература на националниот Каошиунг Универзитет за наука и технологија во Тајван и додава: „Кога ме прашуваат за ситуацијата овде им велам дека сѐ е во ред и ништо не е променето.“

Тајван „покажа отпорност и самодоверба“

Додека некои велат дека смиреноста доаѓа од децениското искуство на живеење под заканата од Кина, други велат дека овојпат сè е малку поинаку од последната криза во Тајванскиот теснец во 1996 година, кога Пекинг изврши серија лансирања на проектили околу Тајван.

„Се сеќавам на веста за посетата на претседателот Ли Тенг-ху на Корнел, сите закани и воените вежби на вестите. Се сеќавам и на стравот - голем број мои пријатели од детството емигрираа во странство“, вели Алберт Ву, тајвански историчар на Академија Синица во Тајван.

„Сегашната ситуација навистина ја доживувам малку поинаку, веројатно затоа што сум постар и веќе сум навикнат на кинеско мавтање со сабја. Трескавично го следевме Твитер за време на  посетата на Пелоси  и последователните вежби, така што беше тешко да не се замисли блокада и можна кинеска инвазија“, подвлече тој. „Но кога ќе се откачам од Твитер и престанувам да гледам вести, се чувствувам многу подобро – гледам луѓе си џогираат наутро, си одат во продавница, учествуваат на дебати, едноставно животот си тече,“ вели тој.

Во вторникот, тајванскиот министер за надворешни работи, Џозеф Ву остро го критикуваше Пекинг за сериозни  провокации со воените вежби  околу островот.

„Одлуката на Кина да спроведе воени вежби во областите околу Тајван е грубо кршење на нашите права според меѓународното право, особено во начинот на кој ги одреди зоните за своите вежби“, рече тој на прес-конференција. Тој, исто така, повтори дека Тајван и неговиот народ „покажале отпорност и самодоверба“, и останале смирени пред агресијата на ПЛА.

„Постојаните обиди на Кина да го заплаши Тајван нема да нѐ  испаничат, ниту ќе нѐ поразат. Тајван ќе продолжи цврсто да го брани слободниот и демократски начин на живот“, додаде министерот.

BG: Alltag in Taiwan
Кај многу Тајванци владее релативна смиреностФотографија: JAMESON WU/REUTERS

Некои Тајванци го сменија ставот 

Алберт Ву вели дека е импресиониран од тоа како тајванската влада се справува со ситуацијата, особено владината стратегија на комуницирање со јавноста. „Тоа што војната во Украина ни предочи е дека за модерното војување информирањето и подигањето на свеста на јавноста е подеднакво важно колку и фактичките воени капацитети," рече тој, посочувајќи на активностите на претседателката Тсаи на регионалната социјална мрежа Лајн. 

„Нејзиниот профил и нејзините пораки се мирни и влеваат сигурност. Твитер профилот на Министерството за национална одбрана е конзистентен во објавувањето фактички информации. Таков тип на транспарентност е добра основа за иднината”, оценува тој. 

Некои Тајванци велат дека не се многу загрижени од  растечките воени закани од Пекинг,  други пак велат дека тоа им го сменило ставот во однос на можноста да има кинеска инвазија на островот.

„Порано мислев дека Кина нема да направи воена инвазија врз Тајван, но сега се прашувам каква ќе биде иднината на тајванските генерации”, вели Андреа Јанг, маркетинг професионалец кој има околу 40 години. „Однесувањето на Кина како да покажува дека веќе не се плашат  од САД."

Јанг и други Тајванци со кои разговараше ДВ велат дека еден важен индикатор за тоа дали Кина ќе направи воен упад во Тајван е дали други земји ќе почнат да ги евакуираат своите граѓани. 

Тие објаснуваат дека ако земји кои се во пријателски односи со Тајван почнат да ги евакуираат нивните граѓани, тоа ќе има деморализирачки ефект врз тајванското население.

Infografik Karte Taiwan Detail EN

Имаат ли луѓето резервен план?

Јанг вели дека уште не почнала да размислува за можноста да го напушти Тајван, но ако ѝ се укаже шанса во иднина би размислила да емигрира на друго место. 

Сепак, не размислуваат сите островјани на тој начин. Мишел Куо, тајванско-американски академик и писателка која се преселила во Тајпеј со семејството минатата година, вели дека сѐ уште не размислува за резервен план.

„Мислам дека се плашам од тоа, бидејќи ќе значи дека размислувам за привилегијата да заминам. Не сакам да бидам човек кој заминува. Сакам да бидам човек кој останува, помага, кој е тука за другите”, вели таа, додавајќи дека постарите членови на нејзиното семејство и нејзината двегодишна ќерка ѝ ја отежнуваат идејата да го напушти Тајван. 

„Да имаш избор да заминеш евидентно е привилегија, а американскиот пасош тоа ми го овозможува. Постојано сум свесна за тој јаз во можностите и од таа причина се обидувам што повеќе да го преземам ставот на мештаните. Ако тие не паничат, нема ни јас," вели таа. 

Повеќето Тајванци токму во светло на засилување на воените вежби од страна на Кина, сметаа дека е важно да ја задржат својата дневна рутина. 

„Што друго можеш да правиш освен да продолжиш да живееш? Немаме многу опции освен да се информираме, да се подготвуваме за најлошото, но во меѓувреме да сме спокојни," заклучува Алберт Ву.