Канада обединета против Трамп
22 јануари 2025Во Канада веќе никој нема илузии: Доналд Трамп е сериозен. Канадскиот премиер Џастин Трудо на средба со членовите на неговиот владин кабинет, која траеше два дена, разгледуваше можни контрамерки.
Најавата на Трамп дека најверојатно ќе воведе казнени царини уште на 1 февруари го заостри тонот во Канада. Претставувајќи се борбен како што не бил долго време, Трудо рече: „Ако Претседателот воведе царини, Канада ќе одговори. Сè е на маса.“
Трудо најави „брза реакција“
Трудо нагласи дека канадскиот одговор ќе биде „силен, брз и соодветен“ и ќе биде според принципот „долар за долар“. Ова значи дека она што Трамп ќе го заработува преку царините на канадскиот увоз, Канада ќе го врати преку царините за американските производи.
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли ги повика своите сонародници да покажат самодоверба и единство во оваа сериозна ситуација: „Мораме да продолжиме да се бориме за нашите интереси и да ги браниме работните места во нашата земја. Политичарите од сите партии сега мора да бидат на иста страна.“
Власта и опозицијата обединети како ретко досега
Концептот на Трудо за степенувани контрамерки е поддржан и од премиерите на канадските провинции и од конзервативната опозиција. Казнените царини на Трамп веќе имаа еден ефект: владата и опозицијата настапуваат пообединето од кога било досега - како „Тим Канада“.
Како прва реакција на казнените царини на Трамп, Канада ќе одговори со целни контрацарини и тоа за американските производи кои претежно доаѓаат од американските сојузни држави каде на власт се Републиканците. На пример, сок од портокал, виски, путер од кикирики или дури и мотоцикли Харли Дејвидсон.
Првиот степен на контрацарините на американскиот увоз би имал волумен од речиси 40 милијарди долари. Во втората фаза на ескалација би биле погодени американски производи со волумен од 110 милијарди долари. Канадската влада е подготвена и за трета фаза на ескалација. Таа потоа сака да го запре извозот на нафта и гас и повеќе да не испорачува електрична енергија во САД.
Тоа е меч со две острици за Канада, признава Трудо: „Ова ќе предизвика трошоци за Канада и нејзините граѓани. Затоа канадската влада ќе им ги компензира загубите на своите граѓани и компании.“
Надеж за деескалација
Премиерот во заминување Трудо сѐ уште се надева дека работите нема да дојдат дотаму. На крајот на краиштата, Трамп сака да ја одведе Америка во „златно доба“: „За да го направи ова, му треба повеќе челик и алуминиум, повеќе критични минерали, посигурна и поевтина енергија, повеќе од сè за американската економија да може да се движи со полн гас. "
Канада може да го испорача сето ова. Заедничката трговија е вин-вин ситуација за Америка и Канада, нагласи Трудо - добро знаејќи дека Доналд Трамп знае само за победници или губитници.
Автор: Мартин Ганзлмајер, АРД