1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе имаат ли приоритет граѓани без лична карта?

1 март 2024

Нов заплет: техничкиот министер за внатрешни работи тврди дека на над 100.000 граѓани, резиденти над 18 години, им е загрозено правото на глас: имале стар пасош, немале лична карта.

https://p.dw.com/p/4d3uC
Нови лични карти немаат 100 илјади граѓани со право на глас и со стар македонски пасош
Нови лични карти немаат 100 илјади граѓани со право на глас и со стар македонски пасошФотографија: Fatos Musliu/DW

Со вчерашното неизгласување на измените на Законот за патни исправи, слободата на движење не е единственото загрозено човеково право, бидејќи е загрозено и правото на глас, тврди техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според Тошковски, бројката е фрапантна - повеќе од 100.000 полнолетни граѓани резиденти немале лична карта, a имале пасош со старото име на државата.

„Ова ме загрижува од аспект на фер и демократски избори. Ние како држава сме должни да му овозможиме на секој граѓанин да го оствари своето право на глас. Станува збор за минимум над 100.000 граѓани кои имаат патна исправа со старото име на државата, и кои заради овие 54 пратеници (што гласале против измени на законот- н.з.) нема да можат да го остварат своето право на глас. Зошто не може да го остварат? Затоа што овие над 100.000 граѓани, резиденти над 18 години, согласно со последните проверки кои што ми ги дадоа луѓето од Министерството, немаат лична карта и единствено со пасош може да се легитимираат во рамки на изборниот процес за остварување на своето право на глас“, рече Тошковски во интервју на ТВ Алфа.

„Државата е должна да му овозможиме на секој граѓанин да го оствари своето право на глас“, вели техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски
„Државата е должна да му овозможиме на секој граѓанин да го оствари своето право на глас“, вели техничкиот министер за внатрешни работи Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski

Тој праша  дали 54-те пратеници кои не ги поддржаа законските измени за патни исправи се вклучени во изборен инженеринг? 

Без други детали

Министерот не даде дополнителни објаснувања, дали и колку од тие над 100.000 резиденти, според евиденцијата на МВР, веќе се во постапка за обезбедување на некој од личните документи, со шанса да ги добијат пред изборите

Објаснување е нужно, со оглед дека министерот самиот посочи оти со добра реорганизација бројките на закажани термини постојно растат. Ако во декември имало 50.000, а во јануари околу 55.000 фотографирања за различни видови документи, во февруари во Скопје таа бројка стигнала до 87.000 фотографирани, односно 32.000 повеќе од јануари. Дополнително, според министерот, околу 123.000 граѓани кои имале закажно термини заклучно со 15-ти декември годинава, биле исконтактирани и добиле презакажани термини заклучно со 29-ти март. Нема одговор дали и колку од тие 100.000 резиденти без лични карти можеби се во тој контингент со презакажани термини? Или, доколку не се, зошто не се предлага приоритетна постапка за лицата кои немаат никаков важечки документ, со цел да да не им биде загрозено правото на глас на претстојните двојни избори.

Тошковски единствено сподели дека има информација оти Државната изборна комисија (ДИК) доставила предлог- законско решение кое тој го немал видено детално, но по укажување било во насока да се реши проблемот со оние 100.000 граѓани кои немаат лична карта а имаат стар пасош. Но, и за оние граѓани кои немаат никаков документ. 

Само со пасоши со старото име на државата нема да може да се гласа на двојните избори на 8 мај
Само со пасоши со старото име на државата нема да може да се гласа на двојните избори на 8 мајФотографија: DW/T. Schultz

„И таа не е мала бројка - околу 40.000, а не можам да потврдам дали се сите резиденти или не. Но овие 100.000 се резиденти, согласно со информациите што ги имам. Тие имаат пасош со старото име, но немаат никаква лична карта“, рече Тошковски. 

Приоритетна постапка

Владата за една категорија веќе овозможи приоритетна постапка. На седницата одржана во вторник (27.2), донесе одлука со која на сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи, МВР треба да им издава патни исправи во приоритетна постапка, по редовна цена и врз основа на доставено барање и список од страна на Министерството за транспорт и врски. Постапката за пријавување се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортери, кои листите со професионални возачи ги доставуваат до Министерството за транспорт, кое, пак, по проверка на валидноста на сертификатите, списоците треба да ги испрати во МВР.

Министерот за транспорт, Благој Бочварски, изјави дека постапката тече - списоците завчера биле доставени до МВР.

„Списокот кој го добивме од страна на здруженијата брои околу 120 возачи, од кои дел се во постапка на замена на патните исправи, а дел треба да влезат во постапка“, рече Бочварски.

Тој изрази очекување во рок до десетина дена патните исправи да бидат изготвени и предадени на возачите за да можат непречено да ја вршат нивната дејност.

Загрозен ли е демократскиот и фер карактер на изборите?
Загрозен ли е демократскиот и фер карактер на изборите?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Електронско закажување

Во меѓувреме воведено е и ново олеснување за закажување термин. Секој граѓанин кој не успева телефонски да закаже термин за фотографирање за лични документи, отсега ќе може тоа да го направи преку електронско закажување на веб страницата на МВР. Разликата е што терминот не се добива веднаш, туку граѓаните прво треба да остават податоци, а потоа ќе бидат исконтактирани од операторите од повикувачкиот центар.

„Ве молиме наведете го вашиот матичен број, телефон за контакт и изберете ги документите за кои би сакале да закажете термин. Откако ќе го испратите вашето барање, нашите оператори од повикувачкиот центар ќе ве исконтактираат на наведениот телефон за контакт за да го опслужат Вашето бараање во најкус можен рок“, гласи инструкцијата на МВР.

Во понудените опции, дадена е можност за обезбедување возачки дозволи и патни исправи по итна постапка. Со оглед дека опцијата за екектронско закажување почна да функционира од вчера, нема податоци колкав би бил периодот на чекање да се јават операторите.

Според Тошковски, се прават сите напори за надминување на вонредната ситуација со личните документи. Во сегментот на изработка/производство, работното време било зголемено дневно за два часа - ако претходно било од 7 до 21, сега трае од 6 до 22 часот, плус по една смена во сабота и во недела. Бројот на лични документи кои треба да се обноват (лични карти, возачки дозволи и пасоши) изнесувал над 2 милиони.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема