1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се чешла помошта од 100 милиони евра за стопанството

24 јули 2024

На денешната владина седница треба да се формира ад хок тело кое ќе испитува како без критериуми биле поделени 100 милиони евра за поддршка на стопанството во време на ковид кризата.

https://p.dw.com/p/4ieWM
Ковид кризата сериозно го погоди македонското стопанство
Ковид кризата сериозно го погоди македонското стопанствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Наследивме опљачкана и на колена клекната држава, рече вчера во Собранието премиерот Христијан Мицкоски, еден месец по формирањето на новата Влада. Скенирањето на состојбите во изминатите недели открило многу случаи на „безмилосно трошење“.

„Во овие четири недели констатиравме дека за железница што завршува во тунел кој нема излез се трошат половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници, дека се давани незаконски лиценци за игра на среќа, дека претпријатија свесно и намерно се оставани без исплата на плати. Буџетите се безмилосно трошени и дека државата крвнички и душмански се крадела. Затоа многу скоро ќе има и одговорност. И нема да ве одмине. Затоа што нема да има напредок без одговорност, и нема да има правда без одговорност. И сите овие, но и многу други случаи кои се документираат во периодов ќе бидат предадени на надлежните органи“, рече премиерот.

Еден месец по формирањето, новата влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски открила многу случаи на „безмислосно трошење“
Еден месец по формирањето, новата влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски открила многу случаи на „безмислосно трошење“Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Транспарентност и јасни критериуми

Два дена претходно Мицкоски најави дека на денешната владина седница (24.7.) ќе се формира ад хок тело кое ќе се испитува како претходната влада без критериуми поделила 100 милиони евра за поддршка на компаниите во време на ковид кризата.

Согласно со законот, такво тело требало да се формира уште тогаш, за да следи како и на што се трошат средствата од владината помош, а за која можеле да конкурираат дури и оние кои не ги исполнувале законските услови.

„Знаете ли колку пари се потрошени по основ поддршка на компаниите, со онаа владина помош? Сто милиони евра се потрошени. Дали некој знае и направил проверка за што се потрошени? (...) Согласно со законот стои обврска да се формира тело кое што ќе следи како се трошат парите и за што се трошат. Но, никој не го формирал тоа тело, ниту пак го создал правилникот којшто согласно со законот морале да го создадат“, посочи Мицкоски.

Додека Владата се подготвува да ја стави под лупа претходната помош на стопанството, фокусот на јавноста е на новите 250 милиони евра што како поддршка треба да ги добијат компаниите. Тие се дел од 500-те милиони евра договорени влада со влада за специјална економска соработка, односно т.н. рамковен договор врз основа кој РСМ за свои потреби ќе може од Унгарија да бара и дополнителни средства.

Мицкоски истакна дека тој заем ќе биде реализиран низ транспарентен процес, а не како во случаи на претходната власт да биде шверцерски протнат на мала врата и да му се лепи европско знаменце.
Од Владата и претходно соопштија дека ќе има посебен закон кој низ транспарентна процедура со уредени критериуми Владата ќе го поднесе до Собранието и пратениците од сите политички партии ќе го имаат на увид.

Мицкоски вети трошење на средствата од заемот од унгарската влада на чело со Орбан на транспарентен начин.
Мицкоски вети трошење на средствата од заемот од унгарската влада на чело со Орбан на транспарентен начин.Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Средба во Комората

Ова и сите прашања поврзани со поддршката за стопанството од 250 милиони евра, премиерот утре (25.7.) ќе ги образложи во Стопанската комора на Северна Македонија. Нејзиниот претседател Бранко Азески вели дека е важно стопанството да дојде до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности.

„Еве јавно ќе кажам што ќе каже Комората во четврток, дека ние ќе бараме средства кои под тие услови се за нас прифатливи, да го поддржат бизнисот. Второто прашање е да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината. Третото прашање е, ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација. И последното прашање е, да ги елиминираме сите прашања што ги наметнуваше бизнис заедницата во изминативе 10 години, а не беа разрешени“, рече Азески. Во тој корпус се и прашањата за парафискалните давачки, регулаторната гилотиња и недела неработен ден.

„Тоа се за нас прашања што треба сериозно да бидат наметнати и земени како пакет“, нагласи тој.