Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!
13 ноември 2020Ви текнува ли во мај месец кога лидерот на владејачката партија Заев тврдеше дека предвремените избори се неопходни за Македонија да добие функционални институции, но истовремено да се заштити здравјето на граѓаните, особено имајќи ги предвид реалните стравувања на релевантните светски здравствени институции за нова можна појава на вирусот наесен. Изборите се случија, се случи и најавениот есенски бран кој бројките на заразени и починати ги доведе до нов трагичен рекорд, но никаде не видовме поголеми институционални мерки или функционални институции во борбата со ковид кризата.
Вирусот во Македонија патува со околу 1300 заразени дневно и речиси 30 починати, но нашите здравствени и политички власти и понатаму повторуваат дека полициски час и поригорозни мерки не се потребни. Оттука, дилемата што ќе се спасува – здравјето на граѓаните или економијата – кај нашите власти делува како разрешена во корист на економијата.
Оваа дилема ја видовме насекаде низ светот, дури и кај последните американски избори помеѓу Бајден и Трамп, каде што изборот помеѓу пандемијата и економијата, имаше свое силно влијание. И двајцата имаа различен пристап пред ковид кризата: Бајден на страната на носење маски и давање приоритет на борбата со вирусот, Трамп како речиси негационист на пандемијата, кој дури и се зарази, во рекордно време оздрави, и кој целиот приоритет го постави на држење на економијата отворена.
Повеќе:
-Филипче: Ситуацијата во болниците е критична, но засега нема полициски час
-Ризични зони, зелени коридoри, каде сме ние?
-Ако се исполнат болничките капацитети, следи карантин!
Америка беше и остана поделена, покрај сите проблеми кои влијаеја на овие избори, пандемијата дефинитивно беше дополнителен фактор. Излезноста испадна рекордна, економијата која беше победничкиот аргумент на Трамп, не му ја донесе победата, додека негрижата која ја покажа за пандемијата и преку 250-те илјади починати, дефинитивно завршија на неговото изборно конто и му го пресудија поразот. Помеѓу економијата и пандемијата, американските граѓани избраа дека поважно им е здравјето.
Локдаун и спасување животи или отворена економија и спасување на работни места? Истата дилема прострујува и низ цела Европа, каде гледаме дека најголемиот дел од земјите одбраа потешки или полесни форми на затворање. Сигурно, една од причините за европскиот избор е фактот што државите имаат подобри социјални политики од Америка, и економските загуби, губењето на работните места полесно се амортизираат. Некои земји како Шведска или Британија на Борис Џонсон на почетокот се поставија слично како Трамп, кажувајќи дека се подготвени да се помират со смртта на своите сакани и дека ќе изградат имунитет на стадо, останувајќи отворени. Пристап што се покажа како катастрофално погрешен и кој за среќа беше напуштен од властите. Но, дилемата останува.
Проблемот меѓу другото, особено кај нефункционалните и политички ограбените држави како Македонија, е што делумно и властите сакаат премногу да играат на условување на своите граѓани со дилемата: ригорозно затворање или економско преживување. И понатаму никаде не се дискутира за пропаста и загрозеноста на нашето примарно здравство, неспособноста да се следат заразените. Знаеме и ден денес дека здравствената алтернатива на ригорозниот локдаун е масовното зајакнување на здравството преку стабилно вработувања на нови здравствени работници, и адекватен систем на следење и изолација, што во домашни услови, што во јавни структури за помалку сериозните случаи. Се разбира брзи инвестиции во здравството кое 3 децении се уништува, краде и крати, не може да се изведат во неколку месеци или години. Но, срамота е директори на болници да молат за амбулантни возила, функционерите да возат преку 2650 автомобили додека здравството располага со 185 возила. Срамота е да се одговори дека за амбуланти ќе мора да се почека, кога тие биле ветувани, а неиспорачани.
Се ова кажува дека кога економски и здравствено си веќе девастиран, и кога од политички причини економијата ти станала императив наместо здравството на граѓаните, барем со „функционалните" институции воведи подобра рамнотежа помеѓу здравјето, економијата и социјалниот живот. Синтезата на дилемата е таа, а не само едноличниот избор, како што одлучи нашата Влада.
Други колумни од авторот:
-Македонија во политички грч пред вториот бран на Ковид
-Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел
Нашата Влада ја одбра економијата, и во исто време, одбра дискурсот да се помести единствено кон одговорноста на граѓаните, дека само од нив, а не и од институциите, зависи успехот или не, во борбата со пандемијата и економијата.
Експанзивните економски политики кои притоа се водат, од серија на објективни експерти беа проценети како промашени, а властите неспособни да се фокусираат на приоритетите. Македонија масовно ги финансира економските мерки со јавно задолжување кое ќе тежи и во иднина, со масовно кратење во образованието, инфраструктурата и екологијата, секаде каде што заедно со здравството, се наоѓаме во катастрофална состојба. Ова се случува во ситуација кога не се спроведуваат структурални реформи, кога продолжува политичкото трошење на цели министерства каде илјадници партиски луѓе не работат, кога директорите на јавните претпријатија само се ротираат, а управните одбори политички се октроираат, додека корупцијата, криминалот и клиентелизмот продолжуваат да цветаат.
Сите досегашни власти инвестираа во галопирачка приватизација на јавното, меѓу кои и на здравството, за кое денес им е виновен бизнис секторот, додека во исто време, масовно ги разјадуваа и ги крадеа јавните институции, и заедно со сите погрешни буџетски политики сега имаат проблем како да ја подигнат економијата која продуктивно паѓа, а со неа и надежите за пораст на вработеноста. Се тоа е поврзано и највеќе одговорност имаат политиките на властите, и минати и сегашни.
Како резултат на се ова, владиниот наратив и јавен дискурс се сведоа на дневен сензационализам околу податоците на заболените и починатите, на провладините правдања на власта и лов на вештерки за тоа кој бил крив, на апологетско вадење од контекст и дисеминирање по социјалните мрежи дека единствените одговорни се опозицијата и самите граѓани, или категории на граѓани. Со други зборови, се форсира еден државен морализам, кој иако не демонстрира знаци на автократизам, дефинитивно има проблем со демократичноста во земјата.
Но, изборите кои што ги правиме денеска, долгорочно ќе не следат и прогонуваат.
Пред точно 100 години, додека светот започна една Светска војна, набрзо потоа и втора, ќе се случи најголемиот заборавен човечки масакр, со преку 100 милиони мртви, како последица на шпанскиот грип од 1918 година. Испадна дека човештвото во само неколку години, доби епидемија, светска војна, фашизам, нацизам, уште една светска војна, сите заедно и сите одеднаш, без кога било да развие чувство колку пандемијата, нацизмот и војната се тесно поврзани.
Како што сугерира едно интересно истражување на Федералната банка на Њујорк под наслов „Пандемијата ги менува градовите: Општинска потрошувачка и гласачки екстремизам во Германија, 1918-1933" - пандемијата од пред 100 години имала огромно влијание врз подемот на нацизмот. Според истражувањето, шпанскиот грип влијаел на германското општество. Огромните човечки загуби поради здравствената криза, кои потоа довеле до големи финансиски загуби, во наредната деценија ги оневозможило градовите и регионалните власти да инвестираат во социјалните и други потреби на своите граѓани. Помалку пари се трошеле пер капита, помалку услуги, намалена благосотојба, кои евентуално довеле до одалечување на германскиот електорат од Вајмарската демократија и се помасовно гласање за екстремната десница, односно за Национал-социјалистичката партија на Хитлер.
Резултатите се најверојатно последица на промени во општествените и политичките преференци, кои пак се последица на пандемијата. Се верува дека пандемијата силно влегла во интеракција со постоечките и длабоко вкоренети антисемитски и ксенофобични чувства, кои дополнително биле потхранети од нацистичката пропаганда која болеста ја поврзувала со малцинствата.
Овој екстремен пример на долгорочните последици од пандемија, треба да послужи во одлуките и изборот што го прават нашите власти, во надеж дека ќе ја разберат подлабоката поврзаност, помеѓу пандемијата, економијата и општество, и каде дилемата - здравство или економија - ќе ја решат со подобрување и на двете нешта, кои всушност се три. Не смееме да ја заборавиме демократијата и нејзиното подобрување.
Таа не се состои само од декларации и слогани, туку од реални промени и реформи, преку откажување од државниот и партиски криминал, реално ширење на транспаретноста и отвореноста на партиите и власта кон општеството, преку фаворизирање на граѓанска и општествена партиципативност, во напуштање на скапите и деструктивни партиско-политички коалиции и договори кои се на штета на граѓаните. Дилема која во суштина е трилема.