1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се врати ли Груби или ќе го следи примерот на Груевски?

17 декември 2024

Приватно патување со туѓо возило, плус со дипломатски таблички, многу потсетува на едно познато бегство. Но, Артан Груби и претходно покажа дека често користел возила што ги позајмувал од пријатели.

https://p.dw.com/p/4oEcY
Артан Груби ДУИ
„Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома“, тврди Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

Ќе се врати за да докаже дека е „чист како солза", ќе се врати само ако и тој има некој како што Мијалков го имал него за да му ги олеснува судските процеси, или ќе избега како што направи поранешниот премиер Никола Груевски? Ова се трите сценарија што се вртат по прашањето како ќе постапи поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој замина од земјата во „приватна посета", на неодредена локација.

За Груби настаните во последните неколку дена се одвиваа како на филмска лента. На 9-ти декември беше ставен на црната листа на САД, а од вчера (16.12.) е второосомничен во истрагата на ОЈО Скопје за кривично дело – Проневера во службата, во случај со набавки во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“. При претресот врз основа на судски наредби, тој не бил затекнат во неговиот дом. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за Груби ќе достави предлог за определување мерка притвор, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Влегол во Косово, но која е крајната дестинација?

Груби завчера ги демантираше наводите дека избегал од земјата преку објава на социјалните мрежи. 

„Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во гостување на ТВ 21 откри дел од деталите за патувањето на Груби.

„Мојата последна информација е дека подолго време поранешниот прв човек на 'Лотарија на Македонија' (првосомничениот Прпарим Бајрами, н.з.)  не се наоѓа на територијата на нашава земја, а дека поранешниот потпретседател на Владата (Артан Груби, н.з.), заедно со уште едно лице, стопанственик, во возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија, и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово. Тоа е последното со кое јас располагам како информација", рече премиерот.

На забелешката дека има информации оти Груби не е во Косово, туку во Тирана, претседателот на Владата, Мицкоски рече дека тој само посочува на кој граничен премин Груби излегол од државата.

 „Јас кажав како ја напуштил државата, на кој граничен премин, и каде се упатил. Сега, оттаму понатаму како патува, не би можел да кажам“, рече премиерот.

Северна Македонија премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски откри дел од деталите за патувањето на ГрубиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кога нема свое возило, мора со туѓо

„Па кога нема свое возило, сигурно пак мора да ‘позајмува’ туѓо“, се дел од ироничните коментари, кои само потсетуваат дека надлежните институции досега не открија каков имот поседува Артан Груби, односно дали има и скриен имот. Случајот се актуелизираше во јуни 2023 година, кога пред зградата во која живее вицепремиерот Груби беше опожарен автомобил марка „Ауди А6“ (произведен во 2021 година).

Реакциите од ДУИ во кои се осудуваше палењето на „возилото на вицепремиерот“, открија дека тој автомобил го користел Груби. Но, се покажа дека истото не било во негова сопственост, туку во сопственост на компанијата „Еуро ком лајтинг“, односно на нејзиниот газда Б.Л. (35) од Скопје. Оваа компанија, пак, го привлече вниманието со тоа што само за 55.000 евра купи хотел на Попова Шапка од градежна компанија, која потоа доби милионски тендер од власта. Се поставуваше прашањето - дали можеби Груби стои зад таа компанија.

„Која фирма и кој бизнисмен купува и му отстапува возило од 80.000 евра на политичар на услуга? Што е тоа што Груби го направил за фирмата и за тој бизнисмен за да добие на подарок за користење ‘Ауди А6'"?, беа прашањата за кои до денес нема одговор.

Во анкетниот лист Груби немаше пријавено возило марка „Ауди А6“, туку автомобил марка „Ситроен Ксара" од 2001 година, вреден 1.000 евра. Тој се правдаше дека повеќе од три години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер добил службено возило, па неговото што го поседувал го продал. Оттогаш, секогаш кога му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“. 

И Али Ахмети го правдаше неговиот сопартиец.

„И мене ми се случило да позајмам. Можеби и вам ви се случило да позајмите кола. Но, со тоа возило Артан Груби не отишол на работа и не правел официјални посети, туку ја употребил за приватно патување со неговото семејство во Тирана, значи за приватно патување“, изјави тогаш Ахмети за „360 степени“.

ДУИ Артан Груби  Али Ахмети
Артан Груби и Али Ахмети (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тежок камен за ДУИ

Груби сега повторно е на приватно патување, но без семејството, со туѓо возило, со дипломатски таблички, што потсетува на начинот на кој Никола Груевски избега од Македонија. Државната комисија за спречување на корупција ДКСК сега ја проверува неговата имотна состојба. Прибавени биле податоци од надлежни институции и банки во земјата и во тек е нивна анализа. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница. Но, предметот со возилото е отворен уште во 2023 година, а до денес не се дозна какви се наодите за тој случај.

Според политички аналитичари, случајот со Груби е тежок камен околу вратот на ДУИ. Сега кога Груби е опфатен со истрага, доколку остане недостапен за надлежните органи, тоа секако ќе ја засегне ДУИ, која вербално се залага за ветинг и битка против корупцијата и криминалот.

Во ДУИ до вчера тврдеа дека нивните грижи не се однесуваат на полициските акции, туку на опасниот правец по кој тргна владата.

„Акциите на министерот за образование, министерот за администрација и партиската контрола врз Уставниот суд речиси целосно го парализираа Охридскиот рамковен договор. Овој раздорен пристап не е само напад врз Албанците, туку и врз стабилноста на државата и вредностите на соживотот кои се градени со многу напор“, соопштија од ДУИ, потенцирајќи дека Албанците нема да молчат пред обидите за деградација на Охридскиот договор.