1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груби и Беџети со корупција го спасувале Мијалков од затвор

БГ
9 декември 2024

На поранешниот вицепремиер Артан Груби, на најновата листа на американскиот Стејт Департмент друштво му прави и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети. Двајцата му помагале на Сашо Мијалков да се спаси од затвор.

https://p.dw.com/p/4nwLO
Артан Груби САД
Поранешниот вицепремиер Артан Груби на црната листа на САДФотографија: DW/P. Stojanovski

Американскиот Стејт Департмент ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети. Според соопштението на американското министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција.

На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби. Согласно одлуката, Груби и Беџети нема да смеат да влегуваат во САД, а визите, доколку ги имаат, ќе им бидат поништени. 

Агелер: Никој не е над законот  

„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може, и нема, да се толерира. Соединетите држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“, порача преку социјалните мрежи амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.

Последното „освежување“ на листата со лица од Македонија, САД го направија во март годинава, кога на неа се најдоа поранешната главна обвинителка на СЈО, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Претходно, во декември 2023 година на „црната листа“ беше сместен и поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.

Пред него, од април 2022 досега, на листата завршија и експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни 2023 следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.