И покрај црната листа, Јакимовски во трка за претседател
19 март 2024И покрај тоа што се најде на „црната листа на САД“, градоначалникот на Карпош и лидер на партијата Гром, Стевчо Јакимовски не планира да се откаже од претседателската трка. Тој веќе поднесе кандидатура до Државната изборна комисија, а најави и кривична пријави за да се утврди, како што вели, кој стои зад оваа „нечесна работа“. Пречки за неговата кандидатура засега нема.
Законски пречки нема - но морални?
Кандидат за претседател, согласно Член 7, став 1 од Изборниот законик, може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател утврдени со Уставот.
А, во Уставот изборот на претседател се регулира со членот 80 кој гласи: „Претседателот се избира на општи и непосредни избори,со тајно гласање, за време од пет години. За претседател исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот мора да биде македонски државјанин. За претседател може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Македонија најмалку десет години во последните 15 години“. Други услови нема.
Ова не е единствен случај каде што санкциите на САД не „допираа“ до носителите на функции во земјата, кои и покрај тоа што се најдоа на црната листа и понатаму ги извршуваат своите должности како градоначалници, како на пример градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, или пак продолжуваат со водењето бизниси во земјата или во странство (како на пример поранешниот премиер Никола Груевски).
Тоа беше и главната причина зошто земјата иницираше носење на закон за рестриктивни мерки, со кој црната листа на САД ќе повлече санкции и во земјата. Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки. Но, законот, по неколку корекции, сѐ уште чека на зелено светло во Собранието.
„Мешање во изборниот процес“
Но, веста за проширувањето на црната листа на САД доаѓа во период на заокружување на кандидатурите за претседателските избори и на само еден чекор од кампањата. Јакимовски порача дека овој чекор го доживува како „акт на насилство, директно мешање во изборниот процес, што е казниво и кривично дело“.
„Ова е мешање на странски разузнувачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител. Мора да се утврди кој од овде ја направи оваа нечесна работа“, истакна Јакимовски во понеделникот (18.03) на прес-конференција пред Општина Карпош.
Иако е „изненаден“ од одлуката на САД, порача дека од изборната кампања „ни случајно нема да се откаже“. „Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму“, вели Јакимовски.
Тој е уверен дека зад одлуката да биде ставен на „црната листа“ не стои цела американска политика, туку само некои нејзини делови. „Како да не бидам изненаден од одлуката, кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не сакаат - криминалци или други несакани лица“, рече Јакимовски.
Американскиот Стејт департмент „поради вмешаност во значителна корупција“, стави повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои се најдоа и Јакимовски, како и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Санкциите важат и за членовите на нивното потесно семејство, кои чиј влез е забранет во САД.
Стејт департментн оценува дека „нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади“.
Закочена постапка за домашни рестрикции
Последната одлуката на стратешкиот партнер, САД, според владејачката СДСМ е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе законот за рестриктивните мерки во Собрание. Тие го повикаа пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред и да се даде поддршка за негово усвојување.
„Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања. Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем“, велат од партијата.
Од опозицијата, пак, возвратија дека „црната листа“ на САД е доказ дека СДСМ е во „коалиција со корумпирани лица“. Според нив, „ставањето на црната листа на Јанева и Јакимовски и нивните семејства го потврдува она кое што ВМРО-ДПМНЕ изминатите седум години јавно го говори, а тоа е дека институциите во Македонија наместо да функционираат во интерес на граѓаните, тие ги штитат криминалците“.