1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинение против Рамиз Мерко за набавка на луксузно возило

ДТЗ /МИА
1 март 2024

Според Обвинителството, предистражната постапка била макотрпна, но сега конечно се прибрани доволно докази.

https://p.dw.com/p/4d5F0
Рамиз Мерко
Покренато обвинение за Рамиз Мерко поради набавката на луксузно возилоФотографија: Petr Stojanovski

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во врска со набавката на луксузниот автомобил од марката „Ауди“, соопштија од Обвинителството на брифинг со новинарите во Скопје.

Според Обвинителството, иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, стигнала малку подоцна, а предистражната постапка била макотрпна, но сега конечно се прибрани доволни докази.

Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ со набавка на „Ауди“, по член 353.

Иницијативи

Антикорупциската комисија во 2020 година поднесе иницијатива за кривично гонење на струшкиот градоначалник за набавката на патнички возила, меѓу кои и „Ауди А6“ вредно 67 илјади евра. Обвинителството тогаш го затвори случајот во фаза на предистрага, иако и ревизорите утврдија дека тендерот е спроведен во време на финансиска нестабилност на Општина Струга.

Струшкиот градоначалник се најде и на црната листа на САД поради корупција. По наводите кои се појавија дека е вршено влијание врз одредени судски постапки, Комисија на Јавното обвинителство изврши вонреден надзор над работата на неколку обвинителства, каде се водат предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и со општината со која што раководи. Под „лупа“ на комисијата беа 30 предмети, од кој најстарите завршени постапки датираат од 2006 година. 

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко откако се најде на црната листа се огласи само еднаш, преку социјалните мрежи, каде порача дека ќе соработува со институциите и ќе ја предаде секоја документација што ќе биде побарана.

Во Македонија неодамна беа усвоени измени на Законот за рестриктивни мерки, со што се овозможи тие што ќе се најдат на  црната листа да не можат да вршат јавна функција. Исто така, судот на предлог на јавен обвинител ќе може да носи привремени мерки со кои ќе се забрани учество на тендери на функционер или фирма кои што се на црната листа.