Кизеветер: Трамп го пожнеа тоа што го сееше
16 јули 2024„Нападот е за осуда, но американското општество е многу поларизирано и Доналд Трамп го жнее она што го сееше низ годините“, вели Кизеветер, кој е пратеник на опозициската ЦДУ во Бундестагот. Прашан дали ваквиот негов коментар е фер, Кизеветер одговори: „Не знам дали е фер. Но точен е и тоа е жално“. Трамп со години е длабоко поларизирачка фигура, додава тој.
Кизеветер раскажа дека при неодамнешната посета на Вашингтон учествувал на дебата на која било дискутирано за длабоката поларизација на општеството во САД и како политичарите кои го поддржуваат заземаат порадикални позиции дури и од Трамп.
Германскиот парламентарец вели дека ќе биде „тешко“ по изборната кампањата „да се обедини американското општество“. Кизеветер смета и дека лабавите закони за поседување оружје имаат удел во атентатот врз Трамп.
„Многу сум загрижен дека милиони луѓе поседуваат стотици милиони парчиња оружје. Мора да го убедиме Конгресот да работи на посилни закони за да се спречи ширењето на мали оружја во САД“.
Одбрана на слободата на говорот
Политичките напади се во пораст и во Германија. Кизеветер беше вербално и физички нападнат минатиот месец додека водеше кампања за изборите за Европскиот парламент во југозападна Германија. Тој вели дека тоа не влијаело врз начинот на кој комуницира со гласачите.
„Доколку умерените гласови се повлечат, тогаш радикалните гласови ќе станат уште погласни. Мора да бидеме пристојни и одлучни во одбраната на слободата на говорот и социјалната кохезија против овие насилни луѓе“.
Кизеветер смета дека е од витално значење мејнстрим политичарите да ги слушаат и оние со поекстремни политички гледишта.
„Треба да бидеме внимателни слушатели на оние кои се обидуваат да ги поделат нашите општества. Мораме да ги конфронтираме со нашето присуство“, вели Кизеветер.