1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе поскапи струјата од јануари?

ДТЗ
3 ноември 2022

Во пресрет на зимата граѓаните стравуваат околу нов ценовен шок на електричната енергија. РКЕ и надлежните институции прават анализи како да се заштитат граѓаните од 1 јануари.

https://p.dw.com/p/4J0t9
струја
Во пресрет на зимата граѓаните стравуваат околу нов ценовен шок на електричната енергијаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Во пресрет на зимата граѓаните стравуваат од нов ценовен шок на електричната енергија. Дел од надлежните уверуваат дека ако се реализира планот за производство од ЕСМ во последната четвртина од годината и ако се реализира и планот за снабдување со разни енергенси со прифатливи цени, тогаш нема да има поскапување на цените на електрична енергија. Други, пак, најавуваат дека цените на струјата ќе скокнат од први јануари, но дека се прават напори поскапувањето да биде што побезболно за граѓаните. Регулаторната комисија прави анализи и укажува дека во време на енергетска криза решенијата треба да се моделираат во насока да се избегнат дополнителни оптоварувања врз граѓаните и да се заштитат ранливите категории. 

Мора да има покачување 

Можното зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електричната енергија од 5 на 10 отсто од 1 јануари идната година е само една од ставките во конечната цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). „Но, далеку сме се уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Според него, се прават пресметките за следната година. „Затоа преземаме мерки веќе една и пол година за импутот во дефинирање на цената за следната година да не биде удар за самите граѓани“, изјави денеска Битиќи.

Тој потсети дека Владата преку ЕСМ нудеше електричната енергија кон ЕВН хоум со многу пониска субвенционирана цена. „Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата“, вели Битиќи. 

Марко Бислимоски РКЕ
Регулаторната комисија прави анализи и укажува дека во време на енергетска криза решенијата треба да се моделираат во насока да се избегнат дополнителни оптоварувања врз граѓаните (фото: Марко Бислимоски)Фотографија: DW/K. Delimitov

РКЕ анализира 

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) уште во 2020 година побара да се намали ДДВ за електрична енергија од 18% на 5% со единствена цел да се амортизира влијанието врз крајната цената. За овој предлог беше постигнат општ консензус од страна на политичките партии и истиот беше изгласан во Собранието минатата година.

„Иако РКЕ определува тарифи без ДДВ, а даночната политика е во надлежност на Министерството за финансии, сепак со оглед на прогласената енергетска криза во земјата и со цел заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе се направи анализа во однос на најавата за реализација на повластената стапка на ДДВ од 18 на 5 отсто, односно на 10% од 1 јануари 2023 година. Во време на енергетска криза решенијата треба да се моделираат во насока да се избегнат дополнителни оптоварувања врз граѓаните и да се заштитат ранливите категории“, велат од РКЕ за Дојче веле.  

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од јануари до јуни годинава просечната цена на електричната енергија за домаќинствата изнесува 5.761 денар по киловат час, што е пораст од 11,2 отсто во споредба со истиот период лани. Просечната електрична енергија без ДДВ за крајните потрошувачи, освен домаќинствата, се движи од 10.316 до 14.782 денари по киловат час по групи на потрошувачи.

Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, најави дека цената на струјата ќе биде зголемена од Нова година, но дека се прават напори за да се ублажи скокот на цената. 

„Цените на електричната енергија ги формираат цените на енергенсите. Со оглед на тоа што имаме зголемени трошоци на производство и зголемени цени на енергенси, имаме дополнителни количини на електрична енергија што треба да ги произведеме, дел можеби треба да се набават, моја претпоставка е дека очекувано е да има зголемување на цената на електрична енергија, но сега ги правиме сите напори за тоа да биде мало, минимално или благо покачување. И еден денар да биде, покачување е. И десет денари е покачување и 100 денари е покачување“, изјави Ковачевски.

Владата доновиве донесе одлука со која од 1 декември производителите на основните прехранбени производи ќе треба да добиваат цена на струјата од 80 евра за мегават час. Оваа цена е речиси двојно пониска од актуелните цени на струјата која ја плаќаат производителите и кои влијаеја на драстично зголемување на цените на редица производи во маркетите. Со најновата одлука се создадаваат услови за намалување на цените на основните производи за купувачите. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема