1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Корејско сценарио за Украина

18 август 2023

Во услови на ваква војна, кога ни Украина ни Русија не веруваат во мировни преговори, единствена теоретска опција е онаа за прекин на огнот според корејскиот модел, кој би го замрзнал конфликтот. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4VJDj
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Ситуацијата на фронтот со украинската контраофанзива е таква што борбите во наредните три недели ќе бидат одлучувачки. Во моментов напредуваат најдобрите украински воени одреди, а во исто се трошат и последните резерви од муниција и луѓе со цел да се отвори продор кон Азовското море. Доколку не успее, украинската војска ќе мора да запре со офанзивата за враќање на изгубените територии и целата операција да се одложи за следната пролет. Тоа е сценарио кое би имало силни последици врз политичките и дипломатските резони.

Фактички тоа би потврдило дека состојбата на военото поле колку и да е комплицирана, сепак е јасна и дефинирана во своите есенцијални линии. Сведоци сме на „војна на исцрпување“ која не дава знаци дека наскоро може да заврши. Во исцрпувачките војни, инволвираните страни ги конзумираат своите воени, политички и морални ресурси, до степен кога една од нив нема да попушти. Во овој случај од една страна имаме голема регионална сила која има своја демографија, воена индустрија и висок политички и воен морал, кој и дозволува долго да војува во еден вид на „локализирана“ војна. Од другата страна имаме многу помала земја, која за да војува зависи од надворешна поддршка и тоа особено во вооружување од земјите на НАТО или блиски до Алијансата, но е горда и тврдоглава да продолжи да се бори се додека овие логистички канали се отворени. Ниедна од страните нема намера да попушти.

Хенри Кисинџер во повеќе наврати изјави дека единствен начин за конфликтот да заврши во релативно кратко време е преку постигнување на компромис. Киев би требало да се откаже од Крим и да испреговара со Москва некаква форма на самовладеење и заштита за руското малцинство во Донбас, ако не и нивно предавање на Русија. Украинскиот Секретар на Советот за национална безбедност и одбрана Алексеј Данилов, пред некој ден изјави дека Украинците нема да запрат во воените напори и дека од западните партнери не добиле никаков притисок за преговори со Русија.

Западот стравува од проширување на конфликтот

Сепак, во вторникот, Стиан Јенсен, шеф на кабинетот на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на еден настан во Норвешка ќе каже: „Мислам дека решение за Украина би можело да биде да се откаже од територија и во замена да добие членство во НАТО“. Се разбира, украинската и руската страна со индигнација ја отфрлија ваквата можност, но зборовите на НАТО-функционерот ни потврдуваат дека меѓу сојузниците во Западот наголемо се прават обиди за решение и излез од конфликтот.

На првата линија на украинската контраофанзива

Западот пред се стравува од проширување на конфликтот. На пример, целото Црно море е претворено во воена зона, каде Украинците напаѓаат со бродови-дронови, додека руските воени бродови вршат инспекции на трговските бродови пред Босфор. Веќе две недели, украинските пристаништа на Дунав кон романската граница се мета на руските бомбардирања, додека тензиите на полско-белоруската граница се пред експлозија. Речиси секојдневните украински напади со дронови против руските градови го рушат авторитетот на Путин, кој се соочува со падот на рубљата и заканите од „јастребите“ кои се повикуваат на Пригожин, додека во исто време во рок од 6 месеци, се предвидува конечна разрешница помеѓу Путин и „Вагнеровецот“, кој или ќе заврши со негова смрт или со нов обид за државен удар. САД стравува од повторување на кошмарот со Елцин: распад на централната власт во земја преполна со нуклеарно оружје.

Бројни НАТО команданти предупредуваат за чисто воени проблеми. Нема повеќе муниција и оклопни возила кои би им се дале на Украинците за да се борат во 2024 година. Русија пак и покрај санкциите и финансиските проблеми, пренамени 1/3 од економијата за воена мобилизација, произведувајќи растечки број на муниција и оклопни возила. Оттука, според каноните на „војната на исцрпување“, чиј успех зависи од уништувањето на воените и економските ресурси на противникот - продолжувањето на конфликтот од уште една година ризикува да ја истакне супериорноста на руските ресурси над западната поддршка.

Прримирје според корејскиот модел

Во услови на ваква војна, кога ниедна страна не верува во мировни преговори, единствена можна теоретска опција е онаа за прекин на огнот според корејскиот модел, кој би го замрзнал конфликтот без Украина формално да се откаже од освојување на окупираните територии.

Оваа идеја на почетокот на годината прв ја истакна американскиот историчар Стивен Коткин, кој нотирајќи ја сличноста со корејскиот случај ќе забележи: „Примирјето и овозможи на Ј. Кореја да напредува под закрила на американската безбедносна заштита и гаранции. Доколку слично примирје и дозволи на Украина, или барем на 80% од земјата, да напредува на сличен начин, тогаш „тоа би значело победа во војната“ за Украина.

До корејското примирје се стигнува преку тешки преговори и огромни човечки загуби. И во тоа време одбивноста на Сталин и донекаде Мао, како и спротивставеноста на Јужнокорејците, ќе биде пречка за примирје, исто како што денес Владимир Путин или Володимир Зеленски се противат на примирје. Корејската војна е доказ дека во услови на „војна на исцрпување“, потребно е многу време за обете страни да увидат дека придобивките од примирје оддалеку ги надминуваат загубите од војната. Додека тоа да го сфатат, ќе следува уште многу уништување и изгубени човечки животи. Но, постигнувањето на примирје во Кореја, создавањето Демилитаризирана зона и механизми за набљудување на договорот го запираат крвопролевањето. Корејската војна никогаш официјално не е завршена, ќе следуваат помали судири, 38-та паралела е жешка геополитичка зона, но никогаш повторно нема да ескалира во тотален конфликт и војна. Примирјето, замислете, опстојува веќе 70 години.

Дали Украина треба да жртвува територии за членството во НАТО?
Дали Украина треба да жртвува територии за членството во НАТО?Фотографија: Petras Malukas/AFP/Getty Images

Сега многумина на Западот веруваат дека слично примирје е најмалку лошото сценарио за украинскиот конфликт. Ваквиот пристап наметнува потреба противниците да се раздвојат, да се обележи една линија на фронтот, која ќе содејствува со силите на терен, таа да се одржува и да се третира како линија на примирје, на неопределно време. Тоа значи Украина да припадне на западниот или европскиот дел од континентот, дали утре во ЕУ, во НАТО или под безбедносни гаранции од САД и европските земји, и другите 18-20% од украинска територија кои би биле еден вид на С. Кореја, или поточно, награда за Русија за прекин на воените дејствија.

Корејското сценарио неприфатливо за Украинците

Доколку САД, НАТО и Украина евентуално се одлучат на примирје, нешто што денес е многу далечно, Корејската војна им нуди три практични решенија. Прво, треба да бидат спремни симултано да војуваат и да преговараат, користејќи го военото поле како средство за притисок на преговарачката маса. Второ, треба да ги вклучат Обединетите Нации, затоа што неутралните арбитри секогаш се корисна алатка. И трето, треба да ги условат идните безбедносни гаранции и пост-воената реконструкција на Украина, со нејзината волја да направи одредени територијални концесии. Притоа, Украинците и да се сложат, никој не гарантира дека Путин, дури и да дозволи почеток на преговори, нема да отфрли секаков компромис и да користи тактика на одолговлекување со цел да изнуди поголеми концесии од САД, НАТО и Украина.

Настрана возможноста за еден ваков епилог, клучното прашање останува зошто се размислува за корејско сценарио за Украина? Причината е доста проста. Америка нема никаква волја, а најверојатно ниту доволно средства, за оваа војна да продолжи до недоглед. За Американците оваа војна е дел од една многу поголема и поважна војна, во која се инволвирани Кина, Русија секако како прокси извршител и САД. Клучниот судир се одвива помеѓу САД и Кина и ќе најде своја разрешница во морето кај Тајван. Корејското решение за Украина значи дека за Америка Тајван е поважен од Донбас и затоа што најголемиот дел од нивните ресурси завршуваат во Донбас наместо во Тајван, сакаат овој конфликт да заврши што побрзо. Причините се строго материјални. САД произведува околу 15 илјади парчиња артилериска муниција годишно, Европа дава уште толку, Украина со актуелното темпо користи околу 90 илјади, што значи дека постои дупка или дефицит од 60 илјади парчиња. Во исто време темпото на вооружување на Тајван, според проценките на Пентагон, доцни најмалку 4 години заради Украина.

Проблемот е што САД корејското сценарио сакаат да го претстават како еден вид на победа за Украина, нешто што е многу тешко и неприфатливо за самите Украинци. Особено интересно и проблематично е што американскиот план за примирје, повеќе од формален влез во НАТО, предвидува директен влез на Украина во ЕУ. Настрана што таков преседан постои само за Источна Германија, директен влез во ЕУ на Киев би значел дека Европа треба да плати за пост-воената реконструкција на Украина, којзнае со какви последици по нашите балкански евроинтеграциски процеси и амбиции. Но, колку и да е неверојатно или теоретско ова сценарио, фактот дека за ова се зборува, доволен е повод за да си ја потчукнеме главата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема