Косово и Србија: Компромис или нова ескалација?
1 септември 2022Верољуб Петрониќ, 52-годишен косовски Србин, го паркира својот мал црвен автомобил во прометната главна улица на северот на Митровица, во близина на споменикот на кнезот Лазар. Иако Петрониќ живее на Косово повеќе од 20 години, неговиот автомобил има српски регистарски таблички. Тоа не е единствената чудна работа во секојдневниот живот на човекот кој „поради безбедносни причини“ не сака да се знае каде работи.
Петрониќ отворено вели дека иако е државјанин на Косово и всушност живее таму, официјално се одјавил од земјата за да добие српски пасош. Ако го прашате за тие апсурди, реагира нервозно. „Само сакам да можам да патувам со моето семејство. Тоа е сѐ што барам.“
Збрката со регистарските таблички и документи не само што звучи компликувано, туку навистина и е. Косово, некогашна српска покраина, де факто е држава од 1999 година, а независност прогласи во 2008 година. Но, Србија не го признава Косово, а тоа има драстични последици по секојдневниот живот на луѓето во земјата.
Ним не им е дозволено да влезат во Србија со косовски документи или со официјални обележја и симболи, како што се регистарските таблички на автомобилите. Освен тоа, меѓу останатото и поради меѓународниот притисок, Косово досега следеше поинаква пракса: дозволуваше влез со лични документи и регистарски таблички од Србија.
Реципроцитетот - жешка тема
Таквата пракса во најмладата европска држава е многу проблематична, особено под владата на левичарскиот премиер Албин Курти, кој на оваа функција е од март 2021 година и кој кон Србија настапува со далеку поголема самодоверба од кој било друг од своите претходници. Клучниот збор за него е реципроцитет, што на дипломатски јазик може да се преведе како: рамноправен и сличен пристап.
Декларираната цел е постепено да се воведува реципроцитет во билатералните односи со Србија. Неговата влада не сака да прифати граѓаните на Косово да не смеат да влезат во Србија со своите документи и регистарски таблички, додека Косово од своја страна ги прифаќа српските документи и регистарски таблички.
Кога владата на Курти сакаше да примени реципроцитет на почетокот на август годинава, тоа за малку доведе до насилни конфликти на северот на Косово. Косовските Срби ги блокираа патиштата до граничните премини со тешки камиони. Потоа Косово на границата испрати едници на специјалната полиција. Имаше извештаи дека дошло до пукање.
Нови тензии?
Под притисок на ЕУ, само неколку часа по драматичните случувања, Приштина привремено се воздржа од спроведување на овој потфат. На крајот на минатата недела, со посредство на ЕУ, беше постигнат прелиминарен, делумен компромис: од 1 септември 2022 година, граѓаните на Косово за првпат ќе можат да патуваат во Србија со своите лични документи. Сепак, проблемот со регистарските таблички останува нерешен. Косово поради тоа се заканува дека нема да дозволи влез на возила со српски таблички во земјата ако Србија не го промени ставот. Напнатото сценарио од почетокот на август, значи, би можело да се повтори.
Повеќе: Договор на Косово и Србија: Важно ли е кој кому попуштил?
Кога е во прашање реципроцитетот, тензиите на северот на Косово растат. Таму живеат речиси исклучиво Срби. Секојдневието го одредуваат политичарите и деловните луѓе кои важат за продолжена рака на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Поделен град
Влијанието на Србија се гледа и во северениот град Митровица. Некогаш беше познат по џез и блуз фестивалите, кои собираа култури и националности од цела Југославија, но од завршувањето на косовската војна, градот е практично поделен.
Северно од реката Ибар, која тече низ Митровица, живеат речиси исклучиво етнички Срби. Насекаде се виорат српски знамиња. Автомобилите се со српски таблички, натписите се на српски. Речиси секогаш има немири кога косовските власти ќе преземат акција, без разлика дали сакаат да спроведат мерки на реципроцитет или дури само полициски акции против организиран криминал: сирените завиваат, се градат барикади, камиони ги блокираат улиците.
Политичките претставници на српското малцинство на Косово, кои според Уставот имаат претставници во парламентот и во владата, овие денови се закануваа дека ќе се повлечат од сите државни институции. „Доколку не се постигне компромисно решение по прашањето за реципроцитет, ќе ги напуштиме сите косовски институции, почнувајќи од централните и локалните, па до судовите, полицијата и од обвинителството“, рече пред неколку дена на прес-конференцијата во Приштина, Срѓан Милосавјевиќ, претседател на собранието на општина Звечан.
Секојдневно чувство на закана
На северот на Косово сѐ уште е мирно. Во северниот дел на Митровица луѓето шетаат по пешачката зона во центарот и седат во градините на кафулињата. Меѓутоа, многумина живеат со чувство на закана и на некој вид постојана опсада. Меѓу нив е и Верољуб Петрониќ. „Овде, на северот на Косово, постојано сме напрегнати и исплашени, има чести демонстрации и судири со полицијата, хеликоптери кружат над нашите глави. И сето тоа има многу сериозно влијание врз луѓето, особено врз децата. Поради судирите, училиштата често се затворени“, вели Петрониќ.
Слично чувство долги години има и косовскиот Албанец Бетим Османи. Овој 41-годишник е еден од ретките Албанци кои живеат во северна Митровица и е сопственик на фирма која продава подни облоги и мебел. „Ние сме под тензија повеќе од две децении. Толку се навикнавме на сите овие проблеми што веќе не ни гледаме решение“, вели Османи. И по кратка пауза додава: „Ние, Албанците и Србите, треба да се чувствуваме како соседи и колеги, а не како странци и непријатели“.