Македонија и Србија ќе градат брза пруга од Ниш до Скопје
17 ноември 2023Северна Македонија и Србија денеска потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10. Меморандумот е потпишан во Владата на Република Србија од страна на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, во присуство на премиерите Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ.
„Овој Меморандум за соработка се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салзбург. Секако со крак кон Будимпешта. Конкретно зборуваме за делницата Скопје-Ниш-Белград и секако за кракот кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по потпишувањето на меморандумот во Белград.
Пруга во должина од 50 километри
Се работи за пруга која што треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која што ќе биде од Скопје до Солун, потоа од Солун до Пиреа и Атина.
„Комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 km/h, инаку веќе Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови што ќе овозможи навистина брз проток она што на Балканот не сме го имале, а што сме го гледале во земјите од Западна Европа“, изјави Ковачевски.
План
Во следните две недели, Владите ќе формираат работна група која ќе изготви план со активности со динамика на реализација на овој проект. Според премиерот, ова е стартна точка од каде се планира да започне модернизацијата на железничкиот систем во земјата.
„Коридорот 10 за нас е важен европски коридор и неговата реконструкција е повеќе од неопходна за да ја одржиме конкурентската позиција во регионот и генерално преку брзата пруга да го развиваме целиот регион.Ова е уште една можност во рамки на регионалната инцијатива да овозможиме брз транспорт на стока и услуги не само низ земјите во Западен Балкан туку и кон земјите членки во ЕУ“, оцени Ковачевски.
Според српската премиерка Брнабиќ, на овој начин се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави. Од српска страна завршена е брзата пруга од Белград до Нови Сад, а до крајот на 2024 година планирано е да се заврши и делот до Суботица така што ќе го имаат завршено целиот дел до Унгарија.
„Очекуваме до крајот на 2025 година и Унгарија да ја заврши делницата од Будимпешта до Суботица. Продолжуваме да вложуваме во железничкиот Коридор 10 со модернизација на пругата од Белград до Ниш. Нашиот план беше и од Ниш до Прешево, но веќе во последните неколку месеци почнавме да разговараме и оваа делница до Скопје и денес веќе го потпишуваме Меморандумот“, изјави Брнабиќ.