Курск: Украина контролира 1000 квадратни километри?
13 август 2024Највисокиот воен командант на украинската армија, генералот Олександар Сирски, изјави дека сега таа контролира 1.000 квадратни километри од областа Курск во соседна Русија. Ова е првпат украински воен претставник јавно да каже колкави се размерите на упадот на украинската војска на руска територија.
Сирски преку видеото објавено на каналот Телеграм го информираше украинскиот претседател Володимир Зеленски за развојот на ситуацијата на фронтот.
„Војниците ги исполнуваат своите задачи. Борбите продолжуваат всушност по целата линија на фронтот. Ситуацијата е под наша контрола“, рече Сирски.
Зеленски, пак, изјави дека територијата во Русија која сега е контролирана од украинските сили, многупати била користена за руски напади врз регионот Суми во Украина.
Според украинскиот претседател, „апсолутно е фер да се уништат руските терористи таму каде што се наоѓаат“.
„Русија им донесе војна на другите. Сега им се враќа дома“, рече Зеленски преку каналот Телеграм.
Зеленски за првпат потврди дека украинската армија дејствува во областа Курск. Преку Телеграм, тој ги пофали војниците и командантите на неговата земја „за нивната непоколебливост и одлучни акции“, кои не ги прецизираше.
Руските сили и натаму се борат да одговорат на ненадејниот украински напад по речиси една недела жестоки борби. Официјални руски претставници говореа за значително помали територијални придобивки на украинските трупи од оние 1000 квадратни километри, кои ги изнесе Сирски.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека упадот, кој предизвика бегство на повеќе од 100.000 цивили, е обид на Киев да ја запре офанзивата на Москва во регионот Донбас во источна Украина и да добие потпора за притисок во евентуалните мировни преговори.