1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Вешт политички потег? Олаф Шолц, САД и тенковите

Сабине Кинкарц
26 јануари 2023

Украина ќе добие тенкови, и од типот „Леопард 2” од Германија. Дали канцеларот попушти под меѓународниот притисок, или неговото одолговлекување беше намерно?

https://p.dw.com/p/4MiNH
Канцеларот Олаф Шолц потклекнува додека поминува покрај борбениот тенк Леопард 2 А6 во октомври 2022
Канцеларот Олаф Шолц потклекнува додека поминува покрај борбениот тенк Леопард 2 А6 во октомври 2022Фотографија: Björn Trotzki/IMAGO

СПД, партијата на канцеларот се „истрча” уште пред сојузната влада да даде официјална потврда дека тенкови од типот „Леопард 2” треба да бидат испорачани во Украина. Како „огромен дипломатски успех” за Олаф Шолц го опиша ова Катја Маст, координатор на фракцијата на СПД во Бундестагот. Канцеларот успеал да искове широка меѓународна Алијанса и тоа во моменталната ситуација е од огромно значење, оценува Маст.

САД не сакале да испорачаат борбени оклопни возила, а сега се сепак подготвени да го сторат тоа. На обвинувањата дека канцеларот со нерешителноста и повеќедневните натегања околу прашањето за тенковите нанел штета на угледот на Германија, Маст рече дека е важен само крајниот резултат и дека се работи за принципот да се избегне индивидуално дејствување, како и НАТО „да не стане завојувана страна”, вели Маст и додава дека оттаму критиката за Шолц „е тотално несоодветна”.

Историјата се раскажува наново

Пораката на СПД гласи: канцеларот има сѐ под контрола бидејќи знаел што прави. Тој имал план, сакал по секоја цена и Американците да се вклучат и не дозволил на него да влијаат дебатите и критиката во јавноста. Тој направил сѐ како што треба и испишал успешна приказна.

Шолц не е некој „кој трча по насловни страници и дозволува да биде завлечкан”, вели Маст. За него е клучна заклетвата дека „ќе спречи штета за германскиот народ”.

Олаф Шолц за време на воена вежба со тенковите „Леопард 2“ во октомври 2022 година
Олаф Шолц за време на воена вежба со тенковите „Леопард 2“ во октомври 2022 годинаФотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Два баталјони „Леопард 2“

Нешто пред пладне сојузната влада испрати писмено соопштение до медиумите. Канцеларот во кабинетот најавил дека Германија ќе ја засили воената поддршка за Украина. Германската влада одлучила на украинската војска да ѝ стави на располагање тенкови од типот „Леопард 2”.

Се работи за два баталјони. Во Бундесверот еден батаљон се состои од 44 оклопни возила. Два батаљона би значело 88 тенкови, но за почеток треба да бидат испорачани 14 тенкови од Бундесверот. Други европски партнери кои исто така располагаат со овие тенкови, ќе стават на располагање од своите. Обуката на украинската војска треба набрзо да започне во Германија. Покрај обуката, предвидено е Украина да добие и логистичка помош, муниција и одржување на оклопните возила.

31 тенкови „Абрамс” од САД

Секако дека германскиот портпарол во соопштението не пишува ништо за плановите за борбени оклопни возила на САД. Но, американската влада во меѓувреме соопшти дека тие ќе стават на располагање 31 тенк од типот „М1 Абрамс”. Но, весникот „Вашингтон пост” пишува дека може да потрае месеци, ако не и години додека да се стават во употреба на военото поле.

Според весникот, мала е веројатноста на пролет да бидат во Украина кога се смета на руска офанзива, односно украинска контраофанзива за поврат на териториите кои се окупирани од страна на Русија. САД секогаш нагласуваа дека испораката на „Абрамс” не ја сметаат за паметен потег од практични причини. Државниот секретар на САД за одбрана, Лојд Остин, во повеќе наврати ијавуваше дека не сакаат на Украина да и испорачуваат воена опрема која што „не може да ја поправа, одржува и да си ја дозволи на долг рок”.

Комплицирана машина: американскиот  борбен тенк „Абрамс“, прикажан овде за време на вежба во Латвија
Комплицирана машина: американскиот борбен тенк „Абрамс“, прикажан овде за време на вежба во ЛатвијаФотографија: INTS KALNINS/REUTERS

За Шолц е битен принципот

Олаф Шолц не сакаше да го прифати објаснувањето дека „Абрамс” е многу комплицирана опрема. Скап за набавка, тежок кога е во прашање обуката за ракување со него и со прилично голема потрошувачка од 11 литри керозин на една милја. Независно од тоа дали има смисла испораката на тенковите „Абрамс”, на Шолц побитен му беше политичкиот сигнал што така се испраќа.

„До сега потрошниот материјал од страна на украинската војска се надоместуваше од материјал со советско потекло со кој европските земји и членки на НАТО располагаа врз основа на нивното минато”, појаснува за ДВ Ерик Андре Мартин од Францускиот институт за меѓународни односи ИФРИ од Париз. "Тоа придонесе од надвор, особено од руска гледна точка, да не е јасно од каде всушност потекнуваат тенковите”, вели Андре Мартин.

Ескалација со Русија

За разлика од старите советски тенкови, кога се работи за „Леопард 2” е мошне јасно од каде потекнуваат, особено што е општо познато дека се произведуваат во Германија и дека сојузната влада мора да даде согласност ако трети земји сакаат некому да испорачаат од својот арсенал тенкови од овој тип. Се поставува прашањето колку Русите ова ќе го сфатат како нов степен на ескалација и како ќе реагираат. „Русите би можеле да помислат дека Германија секогаш знае и учествува во секоја една испорака”, посочува Андре Мартин.

Рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечајев, остро реагираше. Преку социјалната мрежа Телеграм порача дека испораката на Леопард 2 „ќе го доведе конфликтот на ново ниво на конфронтација”. Според него Западот ја следи логиката на „перманентна ескалација”. Нечајев додаде и дека Германија не е дорасната на својата историска одговорност за нацистичките злодела. „Со одобрението од германската влада повторно тенкови со германски крстови се праќаат на ‘источниот фронт’.”

Германија не сака сама да го носи ризикот

Руската амбасада во Берлин е на само неколку чекори од зградата на парламентот. Таму канцеларот Шолц на пладне ја бранеше одлуката и одговараше на пратенички прашања. Исправно и важно е „многу моќните системи за оружје“ да бидат достапни само во тесна соработка со меѓународните партнери. Важно е да се спречи ризикот за сопствената земја „да не отиде во погрешна насока“, рече Шолц.

Полска пред денови објави дека има намера да ѝ достави тенкови „Леопард 2“ на Украина
Полска пред денови објави дека има намера да ѝ достави тенкови „Леопард 2“ на УкраинаФотографија: STR/NurPhoto/picture alliance

Дали тоа Шолц јасно му го ставил до знаење на Џо Бајден во телефонскиот разговор на 17 јануари? Соопштението од германската влада што следеше по разговорот беше невообичаено кусо. Германскиот канцелар и американскиот претседател разменија ставови околу ситуацијата во Украина. „Во средиште на разговорите беше и прашањето за поддршката на Украина во нивната борба против руската агресија. Двајцата се согласни дека оваа поддршка мора да биде ефективна, одржлива и тесно координирана.“

„Чекор по чекор до одлука“

Соопштението од Американците исто така беше кусо и во него се вели дека Бајден и Шолц дискутирале за нивната „непоколеблива“ и „понатамошна поддршка за Украина. Немаше ниту збор за тесно координирана одлука. Не се знае за што точно зборувале во телефонскиот разговор, но од реакцијата на Американците може да се заклучи дека Шолц и Бајден на 17 јануари сѐ уште имале доста разлики во ставовите.

Беше „исправно и со свесна намера“ тоа што „работевме чекор по чекор до одлуката“ и „не дозволивме да бидеме понесени“, појасни Шолц во Бундестагот. И канцеларот отпосле неговото досегашно двоумење го оправда на ист начин како и матичната партија. „Сите избрзани предрасуди паднаа во вода. Германија ниту е кочничар, ниту е изолирана”, напиша претседателот на фракцијата на СПД, Ролф Мицених во писмо до пратениците од редовите на социјалдемократите.

Воздржани и во СПД

Но, како можеше Шолц да биде сигурен дека неговиот план ќе успее? Прашање на кое од оваа перспектива тешко може да се одговори. Во основа тоа е една карактерна особина на Шолц, да не отстапува од патот по кој еднаш зачекорил. Но, постои уште една причина зошто не сакаше самиот да тргне во обезбедување воена помош за Украина – а, тоа се неговата партија и нејзините гласачи.

Одлуките само во блиска консултација: канцеларот Олаф Шолц (во средината) со претседателите на СПД Ларс Клингбајл и Саскиа Ескен
Одлуките само во блиска консултација: канцеларот Олаф Шолц (во средината) со претседателите на СПД Ларс Клингбајл и Саскиа ЕскенФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture-alliance

Поддржувачите на СПД се поделени во однос на прашањето дали треба Германија да и испраќа на Украина уште повеќе воена помош отколку досега. Во самата партија има силно лево крило со многу заговорници на антимилитаристичка и про-мировна политика. Добри односи со Русија за нив, до нападот врз Украина, беа нешто што се подразбира, а мировен поредок во Европа без Русија незамислив.

Не смее да се ризикуваат фракциски борби во СПД

Олаф Шолц му припаѓа на десното крило во партијата, во смисла на неидеолошко и прагматично. Како канцелар тој е почитуван во своите редови, но во никој случај не може да спроведе политика која би била против начелата на СПД. Тоа би ги разгорело старите фракциски борби во СПД на кои се сопнаа многу партиски челници. Тоа е и една од причините зошто канцеларот одбира да дејствува полека и да ризикува дури и да биде перципиран како неодлучен на меѓународната сцена.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ