1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема да го враќа воениот рок

ДТЗ
16 февруари 2024

Нема зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

https://p.dw.com/p/4cTCP
македонска армија
Македонија нема да го враќа воениот рокФотографија: MIA

Северна Македонија не размислува за враќање на воениот рок. Ова го порача министерката за одбрана, Славјанка Петровска по завршувањето на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана. 

„Првенствено немаме зголемена безбедносна закана, за да го враќаме служењето на воениот рок. Тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и, што е уште поважно, тоа ќе значи дека младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес“, вели Петровска во интервју за агенцијата МИА.

Министерката Петровска вели дека македонската Армија се гради како професионална војска, дека резултатите од тој концепт се видливи и дека таа не поддржува каква било можност за враќање на воениот рок.

„Кога станува збор за враќањето на воениот рок, мора да се знаат и последиците“, вели Петровска. 

Доброволно служење воен рок

Министерката вели дека и денес постои можноста за Доброволно служење на воен рок која речиси и да не се користи од страна на младите граѓани, како и дека во процедура веќе е пуштен концептот за резервен состав на армиските сили.

Деновиве е завршен и Конкурсот за прием на професионални војници каде, пак, интересот е седум кандидати за едно работно место, што е можност да се изберат најдобрите.

Славјанка Петровска
Министерката вели дека и денес постои можноста за Доброволно служење на воен рок која речиси и да не се користи од страна на младите граѓаниФотографија: MOD North Macedonia

Севрна Македонија е во процес на модернизирање на армијата. Таа е една од 18-те земји членки кои го исполнија критериумот на НАТО за одвојување на 2 проценти од БДП за одбрана, заедничките напори за развој и поддршка на воената индустрија, единството во Алијансата во исполнувањето на нејзината основна цел – колективната одбрана, справувањето со хибридните закани и поддршката на Украина.

„Северна Македонија веќе од 2024 година, над два проценти или точно 2,05 проценти од БДП одвојува за одбранбениот буџет на нашата земја. Тоа значи дека сите оние проекти кои се претходно започнати, а се дел од големиот процес на модернизација на македонската Армија, ќе продолжат и во текот на оваа година“, вели министерката.

Различни мислења

Прашањето во 2022 година го отвори началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој во телевизиска емисија изнесе лично мислење дека според него задолжителното служење воен рок треба да се врати како обврска. 

„Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример.Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок“, изјави Ѓурчиновски во септември 2022 година.

Тој смета дека на тој начин би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. 

Но, претседателот Стево Пендаровски стави крај на полемиката порачувајќи дека државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во Армијата ниту во изминатиот период ниту, пак, таква можност е отворена за во иднина. 

„Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО“, беше ставот на претседателот.