Ризик од злоупотреба на јавни пари за изборните кампањи
8 март 2024Политичките кампањи не треба да се финансираат од државниот буџет.Платеното политичко рекламирање може да биде предмет на партиско медиумска корупција или злоупотреба. Ова се укажувањата на медиумските здруженија во пресрет на пролетните избори, откако 249 онлајн медиуми се пријавија во Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања.
„Сомнително е тоа што дел од нив се сајтови со непознат сопственик или без импресум, новоформирани портали за кои се отвора сомнеж дека се наменски формирани само за да добијат пари за кампањата, како и портали кои не објавуваат информации од поширок јавен интерес“, посочуваат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Стари проблематични решенија
Според медиумските здруженија, очекуваните измени во Изборната регулатива за кои се залагаа и се залагаат еснафските новинарски и медиумски организации не се земени предвид ниту за пролетните избори. Актуелните решенија, велат тие, повторно се на штета и на професионалните медиуми и на граѓаните. Еснафските организации цврсто остануваат на ставот дека политичките кампањи не треба да се финансираат од државниот буџет.
Фантомски медиуми
За да се спречи злоупотреба на јавни средства од страна на фантомски медиуми и да се избегне дезинформирање на граѓаните за изборниот процес, потребно е да се направат итни измени во Законот за медиуми за создавање регистар на онлајн медиумите во Македонија, велат од ЗНМ, ССНМ и СЕММ. За ова повеќепати било укажано до Министерството за информатичко општество, но се оценува дека има недостиг од политичка волја за конструктивни законски решенија.
Тие бараат политичките партии застапени во Собранието во најскоро време да пристапат кон разгледување и усвојување на новиот закон за медиуми.
Според ЗНМ, СЕЕМ и ССНМ, немањето на политичка волја за усвојување нов Закон за медиумите (што беше обврска до крајот на 2023) ќе се одрази негативно во однос на позицијата на Македонија на светските индекси за слободата на медиумите.
Но, затоа усвојувањето на новиот Закон за медиумите во Собранието, а потоа и неговото спроведување ќе ја гарантира независноста на медиумите и правата на новинарите и ќе демонстрира дека МИОА и Собранието се ангажирани кон позитивни евро-интегративни процеси.
Потребен е нов закон
Нов Закон за медиуми е изготвен во декември 2023 година од страна на домашни и меѓународни експерти и предаден до МИОА. Зо овој нов предлог закон претходеа широки консултации со повеќе чинители од медиумскиот сектор. Основните цели на предлог законот, во согласност со европските стандарди, се формирање јавен регистар на онлајн медиуми со цел спречување или намалување на злоупотребите на овие медиуми од страна на политичките партии, подобрување на социо-економскиот статус на новинарите и медиумските работници преку воведување на контролни механизми, зголемување на транспарентноста во медиумската сопственост и поддршка за плурализмот во медиумите со цел да се заштити јавниот интерес.
Државната изборна комисија неодамна го усвои Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за претседателските и за парламентарните избори. Од вкупно доставени 333 барања од медиумите за платено политичко рекламирање за претседателските избори, ДИК ги потврдила барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали.
На Влада деновиве поминаа и предлог-измените на Законот за медиуми со кои се предвидува поддршка на националните весници во вид на еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата.