Како германската рецесија ќе се одрази на Македонија?
29 октомври 2024Економските последици од случувањата во Германија би можеле да се почувствуваат идната година во Северна Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е можно во вториот квартал на 2025 година да има негативни ефекти, не само врз земјата, туку иво Европа и светот.
Затоа целта на Владата е да даде поттик на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекувањата се да се зголеми продуктивноста, а со тоа да се зголеми и приходот и да се подобрат перформансите на економијата.
„Паметно трошење“
„Затоа ние многу внимателно пристапуваме и внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции“, изјави Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ за економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“.
Што треба да направи земјата за диверзификација на извозот и на кој начин да стане поконкурентна? Мицкоски вели дека не може еден систем кој е граден со децении да се промени преку ноќ.
„Потребно е време за да се појави нова опција за економијата на земјата целосно да не зависи од случувањата во Германија“, вели тој.
„Доколку очекуваме ние веднаш од една опција која што сме ја имале да имаме наеднаш 10, 20, 50 опции - тоа е невозможно, бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање, немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море. За да се случи тоа потребно е да ги реализираме стратешките цели на државата. Бидејќи сме земја која не излегува на море, овој недостаток треба да го претвориме во предност, а тоа е да станеме раскрсница на транспортниот, железничкиот и енергетскиот коридор во овој дел од Европа. Тоа е она што како држава треба да ни даде геостратешка предност за да можеме да бидеме во радарот на големите инвеститори од големите земји“, додаде премиерот.
Тоа, според него, е можно бидејќи земјата е природна раскрсница на два многу значајни европски коридори, коридорите 8 и 10.
Заштита на стандардот на граѓаните
Мицкоски во понеделникот (28.10) по увидот во работите за изградба на автопатот Гостивар Букојчани, изрази надеж дека од јануари нема да поскапи струјата за домаќинствата. „Не очекувам да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата овој јануари. Од она кое што можам да го заклучам е дека навремено се снабдуваат граѓаните со сите количини на електрична енергија и ќе продолжиме така да ги снабдуваме“, рече Мицкоски.
Денеска повторно најави дека институциите ќе ги искористат сите алатки за одбрана на стандардот на граѓаните во случај на енормно зголемување на цените на прехранбените производи по завршувањето на есенската потрошувачка кошница на 31. месецов. „Очекувам заедно со коморите и со трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање“, вели премиерот.