Ултиматум за германската влада - есен на одлуки
5 октомври 2024Неодамнешните покраински избори во покраините Бранденбург, Тирингија и Саксонија беа многу значајни. Резултатите од тие избори го одразуваат расположението што владее во целата земја. Сегашната германска влада, таканаречената „семафор-коалиција“, е непопуларна како ниедна претходна влада во историјата на Сојузна Република Германија.
Како да се продолжи? Кратко по покраинските избори, Зелените најавуваат кадровски промени на врвот и сакаат содржински да се преориентираат, а на социјалдемократите (СПД) им олесна што ситуацијата не е уште полоша, па сакаат да продолжат да работат тивко како и претходно - но со нешто поизострен социјалдемократски профил.
Но, и третата членка на владината коалиција, Либералната партија (ФДП), сака да го изостри својот профил. И тоа го започна со закана дека ќе се повлече од коалицијата. Предвремени избори, сепак, би биле катастрофа за сите три партии. Во тековните истражувања на јавното мислење, трите владејачки партии имаат помала поддршка меѓу населението од најголемата опозициска сила - Демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ).
И покрај ваквите резултати од истражувањето, ФДП им се заканува на коалициските партнери, надевајќи се дека ќе се направат суштински отстапки. Буџет, економија, миграција, пензии... На владата ѝ претстојат бројни законски одлуки, при што двете партии од левиот спектар, СПД и Зелените, на тоа гледаат поинаку од економски либералната ФДП. Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, кој воедно е и сојузен министер за финансии, предупредува дека „семафор-коалицијата“ ќе биде вреднувана по резултатите кои ги постигнала за време на мандатот, а тоа ќе биде критериум за оценката и на коалицијата и од самата ФДП.
Линднер ги сумираше актуелните настани под поимот „есен на одлуки". Со тоа постави ултиматум. Дали може да функционира и дали „семафор-коалицијата" сè уште има некакви шанси?
Владејачката коалиција се кара околу пензиите
Помалку од една недела по последните од трите покраински избори на истокот на земјата, веќе дојде до кавга. На 27 септември Бундестагот расправаше за пензискиот пакет. Ова е една од клучните теми на Социјалдемократите, кои бараат нивото на пензијата до 2039 година да остане на 48 проценти од просечната плата. Во Германија во моментов пензија земаат 21 милион луѓе. Демографските промени меѓутоа, доведуваат до тоа сè помалку даночни обврзници да мора да финансираат сè повеќе пензионери.
Затоа ФДП сака повеќе можности за приватни пензиски услуги и реконструкција на пензискиот систем во насока на еден вид „акционерска пензија“, слична на шведскиот модел. Но, патот до тоа е долг и СПД сака да обезбеди за тоа време секој пензионер да може да живее од својата пензија. „За мнозинството луѓе во оваа земја најважно, а за многумина и единствено осигурување за старост е државната пензија“, нагласи во Бундестагот социјалдемократскиот министер за труд и социјала Хубертус Хајл. Владата мора да им обезбеди на луѓето сигурност во овој поглед, додаде тој.
Првиот човек на ФДП, Линднер, впрочем на почетокот на оваа година, по долги дискусии, одобри пензиски пакет кој предвидува и воведување пензија врз основа на добивки од вложувања во акции. За неговата партија, пак, тоа сега не е доволно. „Стабилизација на пензиите не може да се постигне со едноставно постојано зголемување на придонесите кои ги плаќаат луѓето кои работат и младите“, критикуваше заменик-претседателот на пратеничката група на ФДП во Бундестагот, Јоханес Фогел.
Даноците и социјалните придонеси во Германија веќе изнесуваат околу 40 отсто од бруто платата, додава Фогел, нагласувајќи дека тоа што земјата е светски шампион во плаќање даноци и придонеси е веќе проблем за атрактивноста на Германија. За СПД тие изјави од редовите на ФДП се навреда. Шефот на социјалдемократите, Ларс Клингбајл, инсистира владините партнери „да останат верни на коалицискиот договор“.
Најголемата кавга се води за парите
Во владата не се водат кавги само за пензиите - има цела низа други теми на кои германската сојузна влада сè уште сака или мора да одработи. Најголем предизвик е буџетот за следната година. Крајниот рок за договор за буџетот во Бундестагот е крајот на ноември. Во актуелниот предлог-буџет, има дупка во финансирањето од дванаесет милијарди евра. За да се затвори таа дупка, министерствата догодина некако „во од“ би требало да ја заштедат таа сума. Експертите инаку оценија дека ваквата постапка е неуставна.
Притоа, таа дупка во буџетот може да биде уште поголема. На крајот на октомври, по проценката на даночните приходи, ќе биде јасно на кои приходи може да се смета следната година. Со оглед на не толку добрата економска состојба во Германија, владата би можела да доживее непријатно изненадување.
Со цел да го олесни товарот на компаниите, Владата планира да спроведе т.н „иницијатива за раст“ во рамките на која предвиде спроведување на 49 мерки. Но, владејачките партии исто така се разијдуваат и по овие прашања: СПД и Зелените сакаат државни интервенции и финансиска помош, додека ФДП не сака по никоја цена да се земаат нови заеми. Економските експерти се сомневаат дека оваа иницијатива може да го постигне посакуваниот ефект и сметаат дека проценката дека германската економија ќе порасне за 0,5 отсто во следната година е премногу оптимистичка.
Ако ФДП остане на ултиматумот, можна е и малцинска влада
„Семафор-коалицијата", значи, влегува поделена во „есента на одлуки“. Исто како што летото го заврши раскарана. Ќе видиме дали ултиматумот на ФДП ќе остане на сила до почетокот на зимата. Завршната седница на Комисијата за буџет на Бундестагот, на која ќе бидат донесени конечните финансиски одлуки, е закажана за 14 ноември. Доколку ФДП не биде задоволна од тие одлуки и ја напушти коалицијата согласно својот ултиматум, тоа автоматски нема да значи крај на актуелната власт и распишување предвремени избори. Канцеларот Олаф Шолц сепак би можел да има малцинска влада со неговите Социјалдемократи и Зелените. Во тој случај не би имале мнозинство да донесат закони во парламентот, но партиите би имале време до следните редовни избори за Бундестагот во септември 2025, во надеж дека дотогаш ќе ја вратат довербата на гласачите.