Мицкоски: Во недела треба да работат сите или никој
26 декември 2024Неделата наскоро може повторно да стане работен ден за сите, доколку таков договор постигнат работниците и работодавачите, најави од собраниската говорница премиерот Христијан Мицкоски.
Одлуката треба да биде донесена на следната седница на Економско-социјалниот совет на Северна Македонија.
„Мое лично мислење е дека треба да им биде овозможено во недела да работат на сите оние кои ќе постигнат договор со работодавачите и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница или, пак, никој да не работи. Или ќе важи за сите или нема да важи за никого, а политика на двојни стандарди ние нема да водиме“, изјави Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот.
Мицкоски вели дека интерните анкети за мерење на јавното мислење покажуваат оти 75 отсто од анкетираните граѓани се за тоа недела да биде работен ден за оние кои што сакаат да работат доколку им се плати двојна дневница.
Промена на економскиот модел
„Ако сакаме да правиме диверзификација на економијата и промена на нашиот економски модел и концепт, во иднина мора да се насочиме кон производни процеси кои не трпат стопирање на производниот процес. Мораме да размислуваме што за пет до десет години од денес, бидејќи се менува и сосема е поинаква реалноста во Европа, а во светот се појавуваат други центри на мапата на водечки производители", рече Мицкоски.
Недела беше прогласена за неработен ден од претходната влада предводена од СДСМ, а законските измени стапија во сила на 1 јануари 2022 година. Тогашниот премиер Зоран Заев тврдеше дека целта на ова решение е да се постигне рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот дел од животот на работниците.
Со измените во Законот за работни односи кои ги истурка тогашната министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, беше предвидено оние работници што поради виталноста на дејноста или технолошкиот процес мора да работат во недела, да добијат дневница поголема за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена. За вработените во трговијата, беше предвидена двојно повисока дневница во недела.