Миграциската политика - натпревар во одвраќање
28 септември 2023Германија се наоѓа пред важни покраински избори. Десно-популистичката АфД во анкетите е втора најсилна партија. Шефовите на покраински окрузи и градоначалници се жалат дека се префорсирани во згрижувањето на се` повеќе бегалци. Ништо поедноставна не ја прави работата ни тоа што требаше да се обезбедат станови, здравствени услуги и училишта за околу 1,1 милиони избегани од Украина. Вака поедноставено изгледа кулисата во која актуелно во Германија се разгорува дебата околу политиката за миграција. Тонот е алармантен. „Бројот на луѓето кои доаѓаат во земјава е поголем отколку што можеме да поднесеме“, неодамна рече канцеларот Олаф Шолц. Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер, смета дека е „достигната границата“. Вицеканцеларот од Зелените, Роберт Хабек, во интервју со РНД рече дека „за да се заштити правото на азил, мора да ја прифатиме реалноста и да ги решиме конкретните проблеми – дури и ако тоа значи дека треба да донесеме морално тешки одлуки".
„Одмерена суровост"?
Пред осум години филозофот Петер Слотердијк беше нападнат поради тоа што по пристигнувањето на стотици илјади бегалци бараше Европејците да размислат зошто се толку атрактивни за бегалците. Слотердијк зборуваше за систем за одбрана „во чија конструкција е потребна одмерена суровост“ и главниот проблем го дијагностицираше во тоа што „ Европејците самите се дефинираат како добронамерни, а не сурови“.
Таквото размислување во врска со миграцијата во Германија веќе го зафати мејнстримот. Поранешниот претседател Јоахим Гаук зборуваше за „загуба на контролата“ и додаде дека „мора да најдеме простор за маневар кој на почеток може да не биде симпатичен затоа што звучи нехумано“. За Гаук беше „политички потребно да се спроведува стратегија на ограничување“ и како пример за такво нешто ја посочи Данска. Социјалдемократската влада со години следи цврст и рестриктивен курс во миграциската политика. Резултатот во бројки: на 6 милиони население во јули 2023 година во Данска се поднесени само 180 барања за азил. Во Германија со повеќе од 84 милиони жители, азил барале 25.165 лица.
Заплашување на сметка на соседите?
Данска притоа се служи со алатки како значително намалени социјални услуги за мигранти. „Целта беше луѓето или воопшто да не доаѓаат, или тие што веќе се дојдени побрзо да се најдат на пазарот на трудот, со тоа што последното беше само делумно успешно“, вели истражувачот на миграција од Виена, Јудит Коленбергер за ДВ. „Тоа што исто така беше последица на кратењето на социјалната помош е пораст на криминалот, а во делот на образованието мигрантите беа помалку успешни од претходно. И двете нешта беа очекувани последици, затоа што тоа е веќе познато на пример од истражувањата на сиромаштијата."
Шведскиот експерт за миграција, Бернд Парузел, дополнува дека „Данска многу ја ограничи и можноста за спојување на семејството, а статусот на заштитени лица за бегалците од Сирија беше укинат и тие беа охрабрувани да се вратат во Сирија", вели Коленбергер. Таа додава дека со отежнатите услови делумно е постигнато мигранти веќе воопшто и да не доаѓаат, „но само поради тоа што околните земји ги примија, односно дојде до поместување на миграцискиот притисок. Една од главните причини зошто помалку луѓе доаѓаа во Данска е тоа што Германија и натаму ги примаше," заклучува Коленбергер.
Постапка за азил во Руанда?
Привремено е стопиран данскиот план на луѓето комплетно да им се ускрати можноста постапката за азил да ја вршат од територијата на Данска. Скандинавскиот експерт за азил, Парузел, вели дека планот бил лица кои бараат азил во Данска да бидат пратени во трета земја надвор од ЕУ и нивните барања да бидат обработени таму.
Во Копенхаген ја имале Руанда во фокусот за таа цел, аналогно на британските планови клои исто така моментално се замрзнати. „Бегалците кои квази се на тој начин изолирани, треба да добијат пристап до постапка за азил во склад со владеењето на правото, а таквите елементи во Руанда ги нема“, објаснува Коленбергер зошто плановите засега не се реализирани.
И во Германија се размислува за префрлање на постапката за азил во трети земји. Основната идеја е дека бегалци имаат право на заштита, но не може да избираат каде ќе им биде пружена, за што како пример се наведува Австралија. Канбера со правно спорното пренесување на бегалците во Папуа Нова Гвинеја го намали бројот на бегалци.
Поголем број протерувања?
Во актуелната дебата постојано се појавува и барањето за поефикасни протерувања. Според Централниот регистар на странци, во Германија кон крајот на 2022 околу 304 илјади лица имале обврска да ја напуштат земјата. Од нив само 248 илјади располагале со опцијата да бидат толерирани затоа што се болни, или затоа што во нивната земја владее војна. Во 2022 година биле протерани само околу 13 илјади лица.
Австрија често се споменува како пример на кој може да се угледа Германија во овој контекст – но само додека не се фрли подетален поглед врз ситуацијата. „Навистина забележуваме зголемен број протерувања од Австрија во последните години“, вели Коленбергер и додава дека „најголемиот дел од нив биле протерани во други европски држави и меѓу нив ретко има баратели на азил кои биле одбиени“.
Трка за тоа кој кого повеќе ќе уплаши
Во ЕУ нема функционален систем околу распределба на обврските во однос на бегалците. Паузел смета дека затоа земјите преземаат еднострани мерки со цел да станат помалку атрактивна дестинација за мигранти и вели дека има меѓусебна „трка кој повеќе ќе ги уплаши“. Тука според него спаѓаат ограничувањата на социјалната помош на северот, но и „многу драстичната пракса“ во јужните земји како Грција.
Со оглед на ова, Коленбергер во интервјуто за ДВ нагласува дека „не постои еден кралски начин да се води бегалска и миграциска политика, туку мора да се преземат мерки на различни политички нивоа со помош на различни инструменти. Најважно притоа е да се почитуваат правните основи како меѓународното право, правото на ЕУ и германскиот Устав", кои според неа на многу места се повредувани.