Германско разузнавање: Руската шпионажа и саботажа во пораст
15 октомври 2024Германските разузнавачки служби предупредуваат на зголемување на руските активности во Германија, беше речено вчера (14.10) на јавната расправа на Парламентарната контролна комисија на Бундестагот.
„Ги набљудуваме агресивните дејствија на руските разузнавачки служби. Конкретно, руската шпионажа и саботажа во Германија се зголемуваат, и по квалитет и по квантитет“, истакна Томас Халденванг, претседател на Сојузната служба за заштита на уставот, односно разузнавачката служба.
Случајно избегната авионска несреќа
Во овој контекст, Халденванг го спомна и пожарот во воздушна пратка во логистичкиот центар на ДХЛ во јули. Германија тогаш за влакно избегна пад на авионот. Тој објасни дека само поради среќни околности, пратката останала подолго на земја во логистичкиот центар на ДХЛ во Лајпциг, па затоа не се запалила во текот на летот.
Според информациите на новинската агенција ДПА, среќната случајност се состои во тоа што во Лајпциг дошло до пролонгирање на натамошниот воздушен транспорт на пакетот испратен од балтичките земји. Во пакетот имало запаливо средство кое се активирало и го запалило контејнерот со пратките. Безбедносните кругови веруваат дека инцидентот е поврзан со руска саботажа.
Германија како противник
„Кремљ го гледа Западот, а со тоа и Германија, како противник. Путин ќе ги тестира црвените линии на Западот“, изјави Бруно Кал, претседател на Сојузната разузнавачка служба (БНД), осврнувајќи се на војната во Украина.
Тој предупреди дека Русија ќе биде способна, персонално и материјално, да го нападне Западот најдоцна до крајот на оваа деценија.
Претседателката на Воената разузнавачка служба (МАД), Мартина Розенберг, укажа на загрижувачки голем број таканаречени обиди за шпионирање на т.н. критична инфраструктура, што бара зголемена будност.
„Бундесверот е притоа особено во фокус. Без разлика дали станува збор за испораки на германско оружје за Украина, планови за обука или одбранбени проекти или саботажа насочена кон ширење чувство на несигурност“, истакна Розенберг.
Барање за повеќе овластување
Сите три разузнавачки агенции ја истакнаа потребата безбедносните служби да бидат опремени со соодветни овластувања за да се спротивстават на заканите.
Розенберг изјави дека се надева на „прилагодување на законот кон реалноста, за да можеме што подобро да ја завршиме нашата работа." Шефот на БНД, Кал изрази слично мислење. Халденванг ја нагласи потребата од тесна соработка на сите разузнавачки служби и безбедносни органи.
Фезер: Мерките за одбрана се веќе заострени
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) уште во неделата на АРД изјави дека шпионажата и саботажата од страна на Русија не треба да се потценуваат и нагласи дека има значително зголемување на ваквите инциденти: „Гледаме голема закана од страна на Русија“, рече Фезер.
Поради тоа веќе се заострени одбранбените мерки. Како пример, таа го спомена планираното стационирање на специјалната единица на германската сојузна полиција, ГСГ 9 на Балтичкото Море. Исто така, воените бази на Бундесверот мора да бидат подобро заштитени. Министерството за внатрешни работи бара и поголеми овластувања за спротивставување на сајбер нападите од Русија.