1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

(Не)избори во Русија: референдум за Путин

15 март 2024

Изборите без реален избор ќе послужат да се заокружи „референдумскиот“ процес за легитимација на „специјалната воена операција“, со гласање и во делови од источна Украина, наречени „Нови територии“. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4dXlb
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Evgenia Novozhenina/REUTERS

По речиси четврт век неограничена моќ и откако ги анулираше своите претходни мандати благодарение на уставните измени од 2020-та, Путин би можел теоретски да остане на власт до 2036-та, кога би имал 83 години. Повеќе од 112 милиони регистрирани гласачи во Русија и уште 1,9 милион во странство од денеска до недела ќе избираат нов претседател, иако сите во Русија и во целиот свет веќе го знаат победникот.

Следниот понеделник ќе го имаме Владимир Владимирович како „нов“ претседател на Русија, додека во реалноста руските гласачи немаат никаква вистинска алтернатива, од моментот  кога Путин го уби и својот последен противник Навални  и нареди исклучување на секој друг кандидат со минимални шанси за некаков изборен резултат.

Владимир Путин Русија
Путин цврсто ја држи власта во РусијаФотографија: Alexei Druzhinin/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Бината на Црвениот плоштад за понеделничкиот концерт е речиси подготвена. Наводно подигната во сенката на Кремљ по повод десетгодишнината од анексијата на Крим, јасно е дека ќе послужи за да се прослави победата на Путин на претседателските избори. Изборите без реален избор ќе послужат да се заокружи „референдумскиот“ процес за легитимација на „специјалната воена операција“, со гласање и во делови од источна Украина, денес наречени „Нови територии“ од официјална Москва.

За таа цел Путин и неговата администрација ја спроведоа досега најжестоката и најскапа предизборна кампања во современа Русија. Путин потроши преку 1,1 милијарди евра за правење филмови, видео-игрици и Телеграм канали, како и за организација на изложби, настани, концерти и фестивали, само со цел да се подигне излезноста и да се принудат стотици илјадници административци да излезат на изборите. Манипулациите со електронското гласање секако ќе помогнат, притисокот и стравот ќе бидат неизбежни за да се постигне планираната рекордна победа и излезноста од проектираните 70-80%. Референдум кој не признава никаква опозиција и вистински противници.

Претседателски избори во Русија
Повеќе од 112 милиони регистрирани гласачи во Русија и уште 1,9 милион во странство од денеска до недела ќе избираат нов претседателФотографија: Yelena Vereshchaka/TASS/dpa/picture alliance

На гласачките ливчиња беа дозволени само тројца ривали, експоненти на партиите од таканаречената „системска опозиција“, односно, Николај Харитонов предложен од Комунистичката партија, Леонид Слуцки, лидерот на националистичката Либерал-демократска партија, како и Владислав Даванков од Нови луѓе. Никој од противкандидатите не го критикуваше Путин и сите ја поддржаа „специјалната воена операција“ во Украина.

Воена економија- и закани

Зајакнат од знаците на слабост на Западот, како  одбивањето на германскиот канцелар Олаф Шолц да обезбеди ракети Таурус за Украина или  советот на папата Франциско Украина да подигне бело знаме, бруталниот диктатор ќе продолжи во обидот да освои дополнителни делови од Украина. Путин длабоко верува дека Украина историски и припаѓа на Русија и на неговиот неоимперијален проект. За разлика од колебливите западни влади, режимот на Путин е политички и економски предодреден да продолжи со војната, со преку 40% од буџетот насочени кон воена потрошувачка, пари насочени кон разузнавање, дезинформации и внатрешна безбедност, една воена економија која тешко може да биде пренамената во мировна.

Изборниот молк веќе беше стапен во сила, но тоа не го спречи Путин да даде интервју за каналот Русија1 од саат и половина, каде покрај економските ветувања направи и вистинска демонстрација на сила, почнувајќи од  новата нуклеарна закана, веќе втора во само две недели. 

„Оружјето постои за да се користи. Ние имаме свои принципи“, рече Путин во интервјуто, додавајќи дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје доколку постои закана за „постоењето на руската држава, нашиот суверенитет и независност“. Путин додаде дека во моментов нема потреба да се користи нуклеарно оружје во војната против Украина, иако во слабо прикриено повикување на НАТО и неговите сојузници, тој рече дека „нациите кои велат дека немаат црвени линии во врска со Русија треба да разберат дека Русија нема да има какви било црвени линии за нив“.

Не е случајно што Путин одново ја прегрнува нуклеарната реторика. Иако, САД, Германија и други ЕУ земји го отфрлија предлогот на Макрон за испраќање на западни копнени сили во Украина, лидерот од Кремљ сака да предупреди дека подиректна западна воена интервенција би имала „позначајни геополитички последици“. 

Факт е дека Путин во моментов се чувствува помоќен и тврди дека руското нуклеарно оружје е „понапредно“ од американското и затоа посочи дека рускиот арсенал е секогаш „подготвен“ за нуклеарна војна. „Само Американците и ние навистина имаме тријади. И тука сме многу понапредни. Целата наша нуклеарна компонента е помодерна“, рече Путин во интервју за руската телевизија. Но, потоа и додаде дека  Русија е подготвена за мировни преговори  за ставање крај на украинскиот конфликт, но Москва бара значаен дијалог кој ќе обезбеди безбедносни гаранции за земјата и сака да биде сигурна дека преговорите нема да послужат како прекин за повторно вооружување на Киев. Би било „смешно“ да се преговара сега „само затоа што на Украина и` снемува муниција“, истакна Путин, очигледно мислејќи на намалената поддршка од САД, главниот поддржувач на Киев, бидејќи американскиот пакет помош од 60 милијарди долари за Украина е во застој, во американскиот Конгрес.

Изборен плакат на Владимир Путин во Крим
Изборен плакат на Владимир Путин во Крим, анектиран од РусијаФотографија: AP Photo/picture alliance

Белата куќа и Киев не загризаа на притисокот и заканите, каде Вашингтон изјави како не гледа знаци дека Москва е подготвена да употреби нуклеарно оружје во Украина, односно, дека станува збор за „ѕвецкање со нуклеарниот меч“, додека Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Путин ја користи класичната нуклеарна реторика, со старата советска надеж: „Уплаши се и побегни“!

Што по Путин

Вистинскиот проблем и за Западот и за самата Русија е е кој би го наследил Путин кога ќе му завршат уставните мандати или ако го изневери здравјето. 20% од популацијата активно го поддржува Путин, други 20% е активно опозициона, додека 60% пасивно ги прифаќаат реалните состојби, без ентузијазам и без убедување дека промените би можело да се случат од долу. Како и да поминат овие изборни три дена, секако е наивно да се очекуваат некакви промени, камоли некакви промени во режимот. Единственото нешто што со сигурност може да се тврди за иднината на Русија е дека никој не знае како и кога би се случиле некакви промени или дали од полошо ќе се отиде на подобро, каде најверојатно попрво ќе биде многу полошо пред воопшто да стане подобро. Путин нема ни човек од доверба во најтесниот круг, освен Медведев, кој од 2008 до 2012 година беше претседател, а сега е заменик-секретар на Советот за национална безбедност. Функцијата на Медведев денес не е толку висока во хиерархијата, а неговата главна улога е да дава претерано остри и провокативни изјави за да може ставовите на Путин да изгледаат како „умерени“.

Во таква една ситуација многу е тешко да се одреди каква политика треба Западот да има кон Русија. Пред 2022 година Западот имаше политика за Русија, но не и за Украина. Денес Западот има политика за Украина, но не и за Русија. Испаѓа дека политиката за Украина се изедначува со политиката за Русија, меѓудругото и затоа што политиката на Путин за Украина е неговата политика за Русија. 

Испаѓа дека единствено нешто што му останува на Западот е да продолжи да ја поддржува Украина, надевајќи се дека со евентуалната нивна победа би пораснале шансите за некаква позитивна промена во Москва. Таков исход би имал шанси да ги катализира политичките промени во Русија, но во исто време на кратки патеки тоа би ја зголемило ескалацијата и политичката нестабилност.

Со други зборови, ништо ново и ништо паметно нема да се случи со Русија сѐ додека земјата не излезе од својот империјалистички, колонијалистички и диктаторски филм. А таквите промени се долги и мачни, преку еден процес кој бара децении за да се реализира. Или поинаку кажано, и со и после овие (не)избори во Русија, за очекување е - ништо ново на источниот фронт!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи