Како што се наближуваат изборите, така се згуснува политичката ситуација, односно станува сѐ покомплицирана и сѐ потензична. Во последните денови од актуелната влада и парламентарниот состав се издвојуваат некои клучни прашања кои сметам дека ќе влијаат на вкупниот политички амбиент во предизборието. Првото прашање е секако дали, и во кој состав, може да се избере техничка, односно пржинска влада, и како ќе изгледа предизборниот амбиент со таква влада (или без неа).
Дилемите околу изборот на техничка влада се производ на ова удирање в гради од двете најголеми партии, во кое обете дијаметрално спротивставени позиции ми изгледаат контрадикторни.
Од опозицијата, малку изгледа премногу тактички, без суштински осет за вкупниот политички амбиент, ставот „ќе дадеме министри, ама нема да ги гласаме“. Од таа гледна точка, позициите на помалите партии во владината коалиција изгледаат логични - не гледам зошто други партии би ги гласале министрите од опозицијата, кога тие самите одбиваат да ги гласаат сопствените предлози?
Од друга страна, и позицијата на владејачкото мнозинство е исто така проблематична: дека ако опозицијата одбие да ја гласа владата, тогаш истата ќе била избрана со празни места. Во тој случај, не ја гледам потребата од пржинска влада. Имено, таквиот формат беше создаден (без оглед дали неговиот raison d’être е веќе надминат, бидејќи тоа е одделна дебата), токму за да оневозможи, партијата на власт, во предизборието, преку клучни министерства, да остварува недозволиво предизборно влијание врз гласачите, во што би требало да биде спречена преку вклучување на опозицијата на клучни ресори како контрола врз државното трошење средства, за истото да не може да биде злоупотребено за поткуп на гласачите. Ако таквата контрола ја нема, односно ако клучните места останат празни, тогаш таа влада е политичка, а не пржинска, без оглед на потребата на владината коалиција за Албанец премиер во последните 100 дена.
Три опции
Во моментов гледам три опции за избор на владата која треба да ги спроведува изборите.
Првата опција е, доколку сегашната влада даде оставка, а нова не може да се избере. Тоа може да се случи доколку во рамки на владината коалиција, една или повеќе партии или пратеници, одлучат да не гласаат за влада во која би имало предложени министри од опозицијата, но самата опозиција нема да ги гласа сопствените предлози. Тогаш, по правило, таквата блокада на изборот на влада би требало да иницира предвремени избори, но имајќи предвид дека тие се секако распишани, се поставува прашањето кои се опциите во тој случај. Наједноставното објаснување е дека поради фактот што не може да имаме период без никаков состав на владата, тековната влада, односно владата во оставка, ќе остане да ги извршува своите функции, со намален, односно технички капацитет, сѐ до спроведувањето на изборниот процес и изборот на нов парламентарен состав. Тоа е решение во кое, неможејќи да избереме пржинска влада, ќе останеме со политичка влада до избори.
Втората опција е да се надминат политичките несогласувања, и да се избере пржинска влада во полн состав. Ова би се случило доколку а) опозицијата одлучи сепак да ги гласа сопствените предлози за министри, или б) владината коалиција одлучи сепак да ја изгласа таа влада, и покрај најавите дека за тоа нема политичка волја во моментов. Парадоксално, но ова, најзаконско и најправилно решение, во моментов изгледа најмалку веројатно.
Третата, и по мене најинтересна (од аналитичка гледна точка) опција, е, доколку владината коалиција остане на својот став, и се обиде да изгласа некој формат на влада кој ќе личи на пржинскиот, но во него нема да фигурираат предлозите од опозицијата. Тоа би се случило доколку а) владината коалиција одлучи да изгласа влада во непотполн состав, или б) доколку се направи обид, Премиерот (техничкиот) истовремено да ги извршува и функциите на министрите кои би останале непополнети. За ова имало обиди и претходно, и тука се во колизија Законот за спречување на судир на интереси, кој забранува спојување на функции, и Уставот, кој вели дека Премиерот, односно мандатарот, ја води и ја претставува целата Влада. Според Уставот, кај Премиерот е концентрирана одговорноста за работата на целата влада, па така, би било логично да може да ја исполнува и функцијата и на кој било министер кој тој самиот го раководи, го поставува, или го менува. Сепак, Законот за спречување судир на интереси, експлицитно вели дека функцијата Премиер е неспоива со министерската. Се поставува прашање зошто е тоа така, кога, на пример, во една компанија, не знам како би можеле да го спречите директорот истовремено да биде и раководител на сектор, кога тој номинално ја води целата компанија, па и секторот за кој станува збор.
Нејсе, да се надеваме дека до такви правни длабински дилеми нема да дојде, и дека партиите ќе се „отрезнат“ и ќе успеат да изберат влада која ќе може да го спроведе изборниот процес без дамки или понатамошни потреси на политичкиот амбиент. Мислам дека е реален пораз на нашата демократија, кога сѐ што изгледа невозможно, кај нас е правило, и сѐ што изгледа нормално и законски, кај нас е исклучок. Штета е што поради гол политички опортунизам, се донесовме во ситуација во која би било преседан од епски размери, партиите мирно и џентлменски да најдат заеднички јазик и да се договорат, за ништо повеќе одошто словото на законот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.