1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

О’Брајaн: Граѓаните имаат избор - визија за ЕУ или ветувања

ДТЗ
22 јануари 2024

Фер е граѓаните да побараат нон-пејпер од ВМРО-ДПМНЕ за нејзината визија за патот напред, порача помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн во Скопје

https://p.dw.com/p/4bYrA
Димитар Ковачевски и Џемјс О’Брајaн
О’Брајaн: Граѓаните треба да одлучат меѓу визија за Европа или ветувања за нешто другоФотографија: Government of North Macedonia

Македонските граѓани ќе имаат јасен избор во наредните месеци - меѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго. Нивно е да одлучат. Ова е пораката која што ја испрати во Скопје, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.  О’Брајaн учествуваше на состанокот на лидерите од Западен Балкан, на кој се разгледуваа детали околу Планот за раст на ЕУ.

Изразувајќи поддршка за европските аспирации на земјата, тој рече дека од перспектива на САД, „многу сакаат Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“.

„Мислам дека една партија предложи како да се оди напред, и трпи критики поради тоа, затоа што некому тоа му се допаѓа, или не му се допаѓа тој пат. Друга партија ветува дека ќе најде начин како да се оди напред и мислам дека е фер граѓаните да ја прашаат таа партија да објасни каква е нејзината визија. И потоа можете да се одлучите, меѓу една визија што ја знаете и нешто што е ветување“, рече Џејмс О’Брајaн.Тој изрази уверување дека Северна Македонија и САД ќе продолжат да работат заедно на траекторијата на земјата кон Европа.

Македонија и ЕУ
САД, „многу сакаат Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“.Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Нон пејпер

Одговарајќи на новинарско прашање околу постоењето на „нон пејпер“ на албанските политички партии со кој ќе се обвразат да не коалициираат со партија што во следните шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени, О’Брајaн рече дека не знае ништо за тоа.

„Сметаме дека зависи од граѓаните на Северна Македонија да решаваат за патот понатаму. Сметам дека една партија предлага пат напред и прифаќа критики затоа што на некои луѓе им се допаѓа или не им се допаѓа таа насока. Друга партија ветува дека ќе смисли начин со којшто ќе се придвижат напред и мислам дека е правично граѓаните на државата да ја прашат таа партија за овој нон пејпер и тие да одлучат меѓу визијата што ја знаат и помеѓуона што се дава како ветување“, порача О’Брајaн.

Пораките доаѓаат во пресрет на пролетните избори, за коишто е започната процедурата. До петок премиерот и Владата треба да поднесат оставки, а веќе в недела (28 јануари) да се гласа новата техничка влада, која ќе раководи со дрѓавата во наредните 100 дена. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека техничката влада е законска обврска и политичките партии од власта и опозиција треба да предложат свои кандидати и да ја поддржат во парламентот. Тој е на ставот дека има доволно време да се завршат формалностите и в недела да има гласање.

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека до крајот на неделата ќе предлоѓат кандидати за министри и заменици во новата влада. Изборот на техничката Влада треба да се спроведе во недела најдоцна до полноќ. За технички премиер е предложен собранскиот спикер, Талат Џафери.