1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Обвинувања за антисемитизам на Берлинале

ЖА /АРД
26 февруари 2024

На церемонијата на доделување награди на Берлинале говорници го обвинија Израел за „геноцид“ и „апартхејд“ - и за тоа добија аплауз. Сега постои јасна критика на тоа, се зборува за нанесување штета на фестивалот.

https://p.dw.com/p/4cteH
Берлинале - режисерот Бен Расел и актерот Жулием Калу
Берлинале - режисерот Бен Расел и актерот Жулием Калу Фотографија: Nicole Kubelka/Future Image/IMAGO

По контроверзните политички изјави за конфликтот на Блискиот Исток на церемонијата на доделување на награди на Берлинале, градоначалникот на Берлин, Кај Вегнер (ЦДУ) од новиот фестивалски менаџмент на Берлиналето бара превземање мерки за спречување на  релативизацијата во однос на Израел.

„Берлин има јасен став кога станува збор за одбрана на слободата. Тоа исто така значи дека цврсто стои на страната на Израел. Во тоа нема сомнеж. Хамас ја има полната одговорност за длабокото страдање во Израел и во Појасот Газа. Хамас има моќ да ги оконча овие маки со ослободување на заложниците и полагање на оружјето. Овде нема простор за релативизација. Очекува мерки од новото раководство на фестивалот Берлинале“, изјави градоначалникот.

Берлинале „Примирје сега!“
Повеќемина во текот на доделувањето на наградите на Берлинале на грбот носеа натпис „Примирје сега!“ Фотографија: ODD ANDERSEN/AFP

Пратеници од пратеничкиот дом на германската сојузна покраина Берлин исто така ги критикуваа дадените изјави на доделувањето на наградите на Берлинале. Многумина стравуваат дека на фестивалот тоа ќе му донесе политичка штета.

Филмски работници зборуваа за „геноцид“ и „апартхејд“

„Ниедна друга земја“ освои награда за документарен филм на годинешното Берлинале. Филмот зборува за раселување на Палестинците на Западниот Брег. Членката на жирито, Верена Паравел на грбот во текот на доделувањето на наградите носеше натпис „Примирје сега!“. Палестинскиот режисер на филмот „Ниедна друга земја“, Басел Адра, се осврна на моменталниот оружен конфликт во Појасот Газа во својот говор: „Многу ми е тешко да славам додека десетици илјади мои сограѓани во Газа се убивани од страна на Израел“. Тој исто така апелираше до Германија повеќе да не му испорачува оружје на Израе. За тоа доби аплауз. Неговиот корежисер, израелскиот новинар Јувал Абрахам, зборуваше за „апартхејд“ на Западниот Брег.

Подоцна во текот на церемонијата, кога документарниот филм „Директна акција“ беше награден во друга категорија, неговиот режисер Бен Расел во своето обраќање изјави: „Секако дека и ние овде се залагаме за живот. Бараме итен прекин на огнот. Секако дека сме против геноцид, се солидаризираме со сите наши соборци!“ За тоа доби аплауз. Расел за време на доделувањето на наградите носеше т.н. палестински шал.

Берлинале  Басел Адра Јувал Абрахам
Берлинале - Палестинскиот режисер Басел Адра и израелскиот новинар Јувал АбрахамФотографија: Cathrin Bach/IMAGO

Израелскиот амбасадор остро реагира

Израелскиот амбасадор во Германија Рон Просор доцна вечерта во неделата на Х (поранешен Твитер) ја критикуваше германската културна сцена во целина, обвинувајќи ја за по којзнае по кој пат манифестирана едностраност, постилајќи му црвен тепих на уметници кои се залагаат за делегитимирање на државата Израел.

„На Берлинале со громок аплауз беа наградени  антисемитски и непријателски кон Израел изјави.  Се чини дека лекцијата од изложбата Документа не е научена“, напиша Просор. „Под плаштот на слобода на говор и на уметност се слави  антисемитска и антиизраелска политика", истакна Просор.

ЦДУ и СПД го критикуваат изостанувањето на реакции на доделувањето на наградите

Берлинскиот сенатор за култура Џое Чиало (ЦДУ) смета дека должност на управата на фестивалот е да реагира: „Културата треба да понуди простор за различни политички мислења, но годинешната церемонија на доделување на награди на Берлинале беше во знакот на  еднострана антиизраелска пропагаганда  на која не ѝ е местото на бината во Берлин“, напиша сенаторот во неделата на платфората Х.

Мелани Кинеман-Грунов, портпарол на СПД за медиумска политика, исто така ги критикуваше настаните на Берлинале. „На некои културни работници очигледно им недостига способност за диференцирање, а исто така и увид во страдањата на Израел. Мислам дека недостигапе критички поглед на 7 октомври и признавање дека тоа беше трауматичен ден за Израел“, изјави таа. Пратеничката критикуваше што барањето за ослободување на израелските заложници беше споменато само во краткиот говор на директорката на фестивалот, Мариета Рисенбек на почетокот на церемонијата на доделување на наградите. „Мислам дека на Берлинале му е направена штета, останува да се види дали таа може да биде исправена“, рече Мелани Кинеман-Грунов.

Берлинале
Се зборува за нанесување штета на фестивалот БерлиналеФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

„Берлиналето може да претрпи политички штети“

„Ова го доживеав како емотивен и морален тотален пад“, коментираше политичарката од Зелените, Даниела Билих. Како и таа, многумина во публиката не сакале да аплаудираат во спорните моменти. „Почувствував потреба нешто да направам, дури да станам и да ја напуштам салата“, вели пратеничката. Спротивно на неа, никој на бината не реагирал, на пример водителот. „Се плашам дека на Берлинале му е нанесена политичка штета. Тоа остава горчлив впечаток. Настаните се тешко наследство за новата директорка. Културната сцена самата си направи мечкина услуга“, вели Билих.

Лутина поради објавите против Израел на Инстаграм профилот на Берлинале

Незадоволство предизвика и антиизраелската објава на Инстаграм профилот на фестивалот. Во неделата на платформата Х кружеа скриншотови од профилот на секцијата Панорама на Берлинале. На една фотографија беше и слоганот  „Ослободена Палестина – од реката до морето“.  Оваа реченица значи дека треба да постои  слободна Палестина  на подрачјето од реката Јордан до Медитеранот, каде сега се наоѓа државата Израел.

Берлинале се огради од објавата. „Овие објави не доаѓаат од фестивалот и не го претставуваат ставот на Берлинале“, стои во соопштението на Берлинале на неговиот Инстаграм профил од неделата вечерта.

„Објавата веднаш ја избришавме и покренавме истрага за овој инцидент“, соопшти фестивалот, најавувајќи и казни.