Текстов го пишувам во „Денот на револуционерната борба на македонскиот народ", како што се нарекува државниот празник, утврден според датумот на основањето на ВМРО (со првобитното име БМОРК), при власта на ВМРО-ДПМНЕ - 2007 година. СДСМ се противстави на прогласувањето на овој државен празник, сметајќи го за партиски празник, но не го укина кога ја презеде власта. Затоа денес прави дополнителна грешка со одбележување недостојно за државен празник: двајца владини службеници полагаат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во скопскиот парк!
Наводот за партиски празник би бил точен доколку ДПМНЕ беше основана пред 130 години. Но тогаш немаше македонска држава, па не можеше да има ни македонска партија. ВМРО беше револуционерна организација што го предводеше движењето на отпорот на Македонија како отоманска провинција против отоманската власт; сетне, против грчката и српската власт. Така што на дело станува збор не само за партиска злоупотреба со празникот, туку за узурпација на целото сенародно движење, со ставањето на акронимот ВМРО во името на партијата, спротивно на Уставот и на европското законодавство.
Објективно, ВМРО е доволно присутна во државниот празник „Втори август - Ден на Републиката", што ги обединува двата Илиндена (Илинденското востание и АСНОМ). Не е добро дефицитот на државност да се покрива со суфицит на државни празници.
При тоа принципиелно несогласување околу празникот, неговото централно одбележување се случи на општинско ниво, во Охрид. Градоначалникот од ДПМНЕ, во слава на ВМРО, ја посредува пропагандата на нејзиниот смртен непријател Македоникос агон - божем е следбеник не на Чекаларов, туку на Каравангелис: „милениумското постоење на Македонците било со постојана борба за себеидентификација од антиката па сѐ до денес… Како генерација го носиме кодот на нашите предци и ќе знаеме да ги пребродиме сите предизвици кои се пред нас за извесна и просперитетна иднина".
Дипломатската (не)деликатност
Очигледно, писменоста и идеологиите не им се силна страна на партиите. Во услови на декомунизација, тие развија друга страст. Токму деновиве, холандскиот амбасадор нѐ соочи со реалност што не ветува „просперитетна иднина". Напротив, што ја подготвува земјата во место каде згаснува животот. Чашата на дипломатската деликатност ја прелија измените во Кривичниот законик и застарувањето на предметите од високата корупција, меѓу кои и незаконското масовно прислушување. Може да се каже дека станува збор за заеднички пораз на државата и на ЕУ - за неуспех на Пржинскиот договор, за победа на субјектот квалификуван од СЈО како „злосторничко здружение" над правосудството. Поштедувањето на ДУИ од „бомбите" на Заев, позицијата на СДСМ сега дефинитивно ја потврдува како замена на местата со ДПМНЕ во коруптивната коалиција, а не како решеност за реформирање на државата, со култура на владеење на правото и на мерит системот. Квалитативна промена направивме во надворешната политика, со договорите со Бугарија и Грција. Да нѐ следеше соодветно ЕУ, тоа ќе беше поддршка и на внатрешната политика. За жал, т.н. „нова методологија" изврши непростливо негативно влијание. Уследи катастрофа на СДСМ на локалните избори, па ветото на бугарските путинисти, па неговата модификација во „француски предлог", со последици од соништата на Кремљ. За владината коалиција проектирана според мерата на тој предлог, Македонија, македонската држава, од идеална стратегиска цел на ВМРО ("Се' за Македонија"), се инструментализира во предмет на општ грабеж ("Се' од Македонија"). Оваа драстична деградација на целта, нема потреба од реформи, владеење на правото, одговорност и казнивост - нешта на кои повикува благородниот холандски амбасадор. Обратно, таа има потреба од стеснување на просторот на правдата. Од состојба каква што е џунглата за предаторите.
Ревидирање на подарокот
Ние можеме да бидеме благодарни што ЕУ и САД ја адресираат корупцијата како некомпатибилна со евроинтеграцијата. Но не можеме да премолчиме дека и тие се дел од тенденцијата кон аномија во Македонија - со „новата методологија" и особено со „францускиот предлог". Првиот пат ни' го сопнаа устремот кон ЕУ, што направи нејзините највисоки претставници да се чувствуваат „горди Европјани"; вториот пат нѐ усреќија со формално антиуставна и антипарламентарна Влада, предводена од ДУИ; за која етосот на „Сѐ за Македонија" не е од овој свет. Таа е чист синоним за корупција, која „францускиот предлог" го користи како легитимација, наспроти деструкцијата што тој веќе ја генерира врз односите меѓу Македонија и Бугарија и внатре во Македонија. Колку, соодветно на тоа, побргу ЕУ и демократскиот дел на Бугарија го ревидираат овој подарок на Путин, толку пофер ќе постапат спрема нас и ќе ја спасат својата чест.
Слава на нашите предци, херои и жртви на движењето на отпорот предводено од ВМРО!
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.