Русите и Американците очи во очи во Африка
5 јануари 2024Минатата недела Алберт Јалоке Мокпеме, портпарол на Претседателството на Централноафриканската Република, ги спомена напорите на земјата за диверзификација на нејзините односи, барајќи помош од земји како САД и Русија во обука на војници.
„САД исто така и` нудат на Централноафриканската Република обука на војници, како на тло на Централна Африка, така и на американско тло“, изјави тој.
Американци во област во која доминира Вагнер
Потенцијалното учество на Банкрофт укажува на интерес на САД да ја оспорат доминацијата на Русија во Централноафриканската Република. Вагнер се соочува со внатрешни превирања по смртта на основачот, Евгени Пригожин, минатата година.
Аналитичарите веруваат дека западните земји гледаат прилика за пополнување на празнината која ја остави организацијата Вагнер. Тоа е она на што смета претседателот Фостен Аршанж Туадера, надевајќи се дека ќе ја „искористи реорганизацијата на Вагнер за да ја намали својата зависност од Русите“, изјави извор од европски безбедносни кругови за АФП.
Банкрофт меѓутоа негираше распоредување свои луѓе во главниот град на Централноафриканската Република, Банги, но потврди дека разговара со владата на претседателот Туадере.
„Почнувајќи од јули, Банкрофт договори рамки за разговори за можни идни активности со владата на Централноафриканската Република. Тоа е се`“, изјави портпаролка на Банкрофт во писмена изјава во вторникот.
„Диверзификација на односите“
Се чини дека владата на Централноафриканската Република се одлучила за чин на балансирање. Признавајќи ги разговорите со Банкрофт, таа исто така ја нагласува соработката со Вагнер, истакнувајќи ја потребата за „диверзификација на односите“.
Оваа стратегија има цел да одржи безбедносни партнерства и со Русија и со САД, и потенцијално да го искористи нивното ривалство за обезбедување поволни услови.
Но, во земјата се јавува загриженост, посебно во главниот град Банги, каде се стравува од потенцијални судири меѓу руски и американски сили. Владата преку портпаролот Мокпеме настојуваше да ја ублажи загриженоста, истакнувајќи дека присуството на Банкрофт би било наменето исклучиво на обука на централноафриканските оружени сили.
Страв од можна ескалација
Посматрачите меѓутоа предупредуваат на опасноста од кохабитација меѓу ривалските сили. Гласови од невладини организации предупредуваат од можност од судири околу контрола на рудните ресурси.
Потенцијалот за кршење на човековите права и натамошна нестабилност исто така предизвикуваат голема загриженост. „Не може да има кохабитација меѓу Американците и платениците на Вагнер со сите злосторства кои ги имаат извршено меѓу населението на Централна Африка и со сите докази со кои располагаме“, вели Карл Благе од невладината организација Г16.
Без оглед на официјалните изјави, анонимен владин претставник потврди: „Да, американските паравоени формации се веќе таму. И тоа буди вистинска загриженост“, изјави тој за Дојче веле.
Геополитички последици
На меѓународен план, ангажирањето на Банкрофт е дел од поширока стратегија за намалување на зависноста од платениците на Вагнер кои ги поддржува Русија. Француските трупи, кои беа распоредени во земјата во 2013 година заради запирање на граѓанската војна, се повлекоа во 2016 година, препуштајќи и` на Централноафриканската Република официјално да ги доведе Вагнеровци за обучување на војската.
Откако бунтовничките групи напредуваа кон престолнината, во 2020 година се ангажирани дополнителни руски оперативци. Анонимен функционер вели дека Русите се веќе длабоко вмешани, намалувајќи ја опасноста од можни судири.
„За тоа уште не сум разговарал со колегата од ресорот надворешни работи. Но, она што ме смирува е фактот што Русите учествуваат во Советот за национална безбедност и што Американците не можат да бидат таму без нивно знаење, а камо ли без нивна согласност“, изјави анонимен извор за ДВ.
Франција и ЕУ внимателно ја следат ситуацијата. САД, иако официјално порекнуваат било каква врска со Банкрофт, веројатно пружаат неофицијална поддршка преку персонал и ресурси.
„Многу од ангажираните лица ќе бидат бивши американски војници, постојат лични односи и тактички контакти кои би можеле да служат како канал за врска“, изјави Колин Кларк од аналитичкиот центар за безбедност Суфан во Њујорк.
Русија пак решила да го задржи своето упориште во земјата, а влијанието на Вагнер и натаму е значајно.
Неизвесна иднина
Непотврдени извештаи на францускиот дневник „Монд“ од крајот на 2022 година зборуваат за понуда која САД наводно и` ја упатиле на Централноафриканската Република – безбедносен договор во замена за дистанцирање од Вагнер.
Така, и разговорите на Банкрофт се сметаат за дел од поширок геополитички натпревар.
Стејт департмент официјално објави свој став: „САД остануваат во целост посветени на партнерството со Народната Централноафриканска Република и ќе продолжат блиска соработка со владата заради постигање на заедничките цели за мирна и просперитетна Централноафриканска Република која ги почитува човековите права и владеењето на законите.“
Додека Централноафриканската Република се обидува да најде деликатна геополитичка рамнотежа, потенцијалната соработка со Банкрофт отвора прашања за влијание на дополнителни паравоени сили во земја во која има веќе доволно хаос.
Набљудувачите чекаат на натамошен развој на настаните, како ќе се одвива оваа неверојатна кохабитација и дали ќе донесе стабилност или можеби дополнително ќе ги влоши предизвиците на Централноафриканската Република.