Злоупотреби: ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра
28 март 2024Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот од 2016 до 2018 година. Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, на 30 ноември 2023 година испратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а во текот на март одлуката станала конечна.
„Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами, согласно извештајот на ОЛАФ... Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме, преку интензивна комуникација и во координација со релевантни европски институции, да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, изјави денеска директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски.
Предистражна постапка
Тој на прес-конференција соопшти дека предметот е во кај Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка која се води, не може да соопшти повеќе детали.
Во известувањето било наведено дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.
Ѓоргиевски потенцираше дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.
Редица неправилности
И во август минатата година беше обелоденето дека Северна Македонија ќе треба да врати 660 илјади евра за проект од 2015 година наменет за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). За овој случај Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.
Во 2021 година имало најмногу отворени истраги за Северна Македонија за евентуални злоупотреби на пари од европски фондови. Според извештаите на Европската служба против измами (ОЛАФ), таа година имало 8 истраги за користењето на фондовите на ЕУ, (управувани или потрошени целосно или делумно), од кои 3 биле затворени со препораки. во 2022 година биле отворени 4, а затворени 3 истраги, во 2020 година отворена една, во 2019 - три, а во 2018 година - две.