Оливер Вархеји повторно кандидат за еврокомесар
29 јули 2024Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска предложи Оливер Вархеји повторно да биде унгарски еврокомесар.
„По неодамнешните консултации со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, мој кандидат за комесар повторно е Оливер Вархеји“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.
Орбан наведе дека во текот на претходните пет години, Вархеји докажал дека ЕУ „може да направи разлика како позитивна сила во нејзиното соседство и пошироко“.
Тој посочи дека Вархеји ќе заврши одлична работа во претстојниот состав на Европската комисија.
Оливер Вархеји, актуелен еврокомесар за соседство и проширување во Комисијата во заминување, напиша на X дека за него е голема чест што е номиниран и оти премиерот побарал да продолжи да работи како унгарски член на Комисијата.
Тој додаде дека се радува поради натамошната соработка со претседателот на Европската комисија.
Бриселскиот весник Политико потсетува дека Вархеји повремено беше критикуван во Брисел за начинот на кој го води ресорот, како и за неговиот однос кон кандидатите за членство во ЕУ кај кои постои загриженост за состојбата на владеењето на правото и демократијата.
Фон дер Лајен, инаку, побара од националните влади на членките на Унијата да достават имиња на по двајца кандидати за еврокомесар, маж и жена, освен ако повторно не го именуваат истиот комесар.
Тоа значи дека Орбан нема обврска да предложи и жена кандидат.
Политико пишува дека Вархеји најверојатно нема да го задржи истиот ресор новата Комисија, бидејќи проширувањето ќе биде едно од клучните прашања во наредните пет години додека Украина, Молдавија и другите земји се подготвуваат да се приклучат на блокот.