Пат до ЕУ: Геополитката е важна, ама и исполнети услови
9 април 2024Бугарија е и ќе продолжи да биде сигурен партнер на Западен Балкан на патот на неговата интеграција, порача бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи во оставка, Марија Габриел, на вчерашниот форум во Софија насловен „ЕУ се среќава со Балканот“. Организатори на форумот се пратеникот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, претседателот на Атлантскиот клуб во Бугарија, Соломон Паси, и извршната директорка на Европскиот либерален форум, Алва Фин.
„Западен Балкан е неразделен дел од Европа и зазема важно место во политичкиот дневен ред на ЕУ. Бугарија е и ќе продолжи да биде сигурен партнер на Западен Балкан на патот на неговата интеграција во Европската унија. Сложената геополитичката ситуација и глобалните предизвици ја ставаат на разик европската и глобалната безбедност. Повеќе од кога било, се истакнува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан. Интеграцијата и солидарноста се одговор на заканите за мирот и безбедноста“, рече Габриел на форумот.
Таа ја потенцира потребата да се продолжи со придржувањето до принципот за напредок по сопствени заслуги, што е во основата на процесот и на методологијата за политиката на проширување.
„Важно е да најдеме баланс меѓу одговорот на геополитичките ризици и целосното исполнување на неопходните услови“, вели таа.
„Со заклучоците од декември 2023 година, европските лидери ја потврдија подготвеноста на ЕУ да го направи следниот чекор во интеграцискиот процес и официјално да ги отвори преговорите со Република Северна Македонија откако земјата ќе ја исполни својата заложба за уставни промени", се наведува во соопштението од обраќањето на Габриел објавено на веб страницата на МНР.
Она што таму не е наведено, а го пренесе БТА, е дека Габриел на форумот посочила дека во последните девет месеца имало конструктивен дијалог меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.
Стремежот на Северна Македонија
На сесија од форумот се обрати и заменик министерката за надворешни работи на РСМ, Фатмире Исаки.
„Видлива е европската моќ за позитивна трансформација", оцени Исаки, наведувајќи дека земјите постигнале поголем просперитет, поправедни и демократски општества, со подобро управување. Според неа, тоа проширување ќе продолжи и ќе има стабилизирачки ефект не само за регионот, туку и за целиот континент.
„Од гледна точка на Република Северна Македонија, стремежот за европска интеграција постои уште од почетокот на 90-тите години, кога се стекнавме со независност од Југославија и ја објавивме нашата желба за членство во ЕУ што има широка поддршка во општеството. Патот кон членството во ЕУ е еден од главните столбови заради кои ги направивме сите тешки компромиси низ годините, како внатрешно, така и во односите со нашите соседи. Ги решивме најчувствителните прашања преку соработка. Успеавме да создадеме функционално, мултиетничко и демократско општество“, рече Фатмире Исаки.
Според европратеникот Ќучук, војната во Украина ја натерала ЕУ да посвети многу посериозно внимание на процесот на проширување. Но, тој во гостување на БНР изјави дека Унијата не треба да се насочува кон голем пакет на проширување.
„Сметам дека ЕУ не треба да се наочува кон бран од голем пакет на пристапување, туку да почне со една или две држави кои се блиску подготвени - Албанија, Црна Гора која е најнапред во преговарачкиот процес (...) Идејата дека ќе го направиме следниот бран на голем пакет за проширување нема да се случи, бидејќи европските општества не се подготвени, уморни се од тешките дебати, војната исто така ја замори и Европа. Да не бидеме наивни во тоа“, изјави копретседателот на европската „Алијанса на либерали и демократи“.
Според Ќучук, Бугарија треба да биде земјата што го поврзува и внесува регионот во ЕУ, бидејќи тоа ќе и даде карактеристична одлика. Тоа го илустрира со пример: како што Естонија ја идентификувале по дигитализацијата и тоа станало нејзин препознатлив „пасош" во ЕУ, така „пасош" на Бугарија да стане нејзината улога во поврзувањето на регионот.
Реакција на бугарското МНР
Во ист ден кога беше испратена поддршка за интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан, до РСМ стигна потсетување дека таа цел подразбира одговорност и почитување на вредностите и принципите на Унијата. Во предизборниот период Софија веќе реагираше на изборно вмешување на билатералните односи во внатрешнополитичите процеси во РСМ, а вчера бугарското МНР уште еднаш се осврна на таа тема преку соопштение. Тоа е реакција на случај кога поради поседување 10 книги, на претставник на бугарската заедница во РСМ и бугарски државјанин не му бил дозволен влез на територијата на Северна Македонија од страна на граничните органи на граничниот премин Делчево.
„Категорично неприфатливо е во 21 век да стануваме сведоци на дејства со кои властите на една држава го спречуваат остварувањето на основните права за демократските општества, како што е правото на слободен пренос и пристап до информации. Уште позагрижувачки е фактот што овие настани се случуваат во земја која си поставила за цел интеграција во ЕУ и јавно ја декларира својата приврзаност кон вредностите и принципите на таа Унија“, се вели во соопштението.
Од бугарското МНР сметаат дека е недозволиво да биде забрануван достапот до литература што е поврзана со лица и настани од заедничката историја на Бугарија и Северна Македонија и инсистираат на прекинување на таквите дејства.
„Прави впечаток, што тој необјаснив акт на граничните власти е преземен откако Бугарија постојано повикува темата за билатералните односи да не се користи како заложник во внатрешнополитичките процеси во Северна Македонија. Изразуваме надеж, дека ова не е намерно барана провокација против општествата од двете страни на границата“, се вели на крајот од соопштението.