Ќучук: Македонија ризикува и може да заостане зад Албанија
9 август 2023„Без спроведување на потребните реформи, Република Северна Македонија не може реално да ги започне преговорите за влез во ЕУ и ризикува да се одвои од Албанија. Ова го коментира бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е копретседател на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија.
„Без промена на Уставот, Република Северна Македонија навистина не може да почне да преговара со ЕУ“, вели бугарскиот европратеник во интервју за БГНЕС.
Тој предупреди дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ. Така, Северна Македонија ќе остане во една група со Србија, Косово, Босна и Херцеговина – земји со сериозни проблеми со своите соседи.
„Од друга страна, тука е и геополитичкиот предизвик, заедно со тоа и можноста Украина да почне да преговара со ЕУ, таа е земја која доби статус на кандидат за членка. Односно, изборот е многу јасен - дали Република Северна Македонија сака да продолжи по својот пат, со реформирање на општествено-социјалните односи, или ќе се приклучи на друга група која нема јасен патоказ во ЕУ“, рече Ќучук и нагласи дека одлуката е целосно во рацете на македонските политичари.
Игра со стравови
Според него, во македонскиот парламент нема единство околу целта за влез во ЕУ, туку се игра со стравовите на македонското општество.
„Никој не поставува дополнителни услови (на Скопје). Условите се тие и двете страни се договорија - Бугарија и Република Северна Македонија. Тие ги изгласаа овие услови во бугарското, односно во македонското собрание. Оттука овие договори мора да се исполнат“, вели Ќучук.
Пораката доаѓа во пресрет на собраниската седница на 18 август на која треба да се утврди потребата од уставни измени. Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за уставни измени, коишто ќе овозможат напредок на земјата кон ЕУ. Владејачките СДСМ и ДУИ и коалиционите партнери иницираа манифест за преговорите со ЕУ, документ преку кој очекуваат да се обединат сите политички партии околу евроинтегративниот процес