Преку манифест до обединување за ЕУ
8 август 2023СДСМ, ДУИ и коалиционите партнери иницираат манифест за преговорите со ЕУ, документ преку кој ќе се обединат сите политички партии околу евроинтегративниот процес. „Овој манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ“, соопшти владејачката СДСМ.
Чувари на идентитетот
Тие повикуваат дека е време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заедничкиот манифест.
„Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“, порачаа од СДСМ.
Во манифестот е наведено дека политичките партии во Собранието се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во ЕУ.
„Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето на овој манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување“, се вели во повикот кој го упати СДСМ.
Силна поддршка
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го поддржа манифестот за водењето преговори за полноправно членство во ЕУ и смета дека е време за обединување на сите политички партии, неполитички субјекти и невладини организации преку „овој важен чекор на потпишување на заеднички манифест“.
„Во манифестот повикуваме на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми, Процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ. Оттука, во манифестот се наведуваат повеќе аргументи кои се од витално значење за целото општество, а преку кои се обврзуваме пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, притоа заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“, соопшти партијата.
Иницијатори на Манифестот се СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, НСДП, ДПА, Партија за движење на Турците, Демократска партија на Турците во Македонија, ДОМ, ВМРО-НП, Партија на пензионерите и Партија на Србите.
Манифестот останува отворен за широка општествена поддршка.